На многу европски влади полека почнува да им „пука филмот“. Орбан станува поводлив инструмент на диктаторот во Кремљ, напиша полскиот премиер Доналд Туск со необична јасност на сервисот за кратки пораки X. Се чини дека унгарскиот премиер се чувствува безбеден од последиците – но може да згреши.
Рани предупредувања
Европскиот парламент во резолуција веќе предупреди да не му се даде оваа позиција на Орбан пред повеќе од една година. Унгарија не е во позиција да ја исполни оваа задача „на веродостоен начин“, се вели во резолуцијата „Тоа би било како да го правите училишниот насилник директор на училиштето“, предупреди тогаш европратеникот на ФДП, Мориц Кернер. Резолуцијата беше усвоена со 442 гласа, 144 пратеници беа против, а 33 воздржани.
Од членките на ЕУ беше побарано што поскоро да најдат „соодветно решение“, но ништо не се случи, зашто резолуцијата не беше обврзувачка.
„ЕУ никогаш порано не видела вакво претседателство со Советот”
Денес парламентарците се чувствуваат потврдени во нивниот став. „Претседателството со Советот треба да му се одземе на Виктор Орбан. Всушност, тој не требаше ни да го преземе тоа место“, вели членот на Европскиот парламент Даниел Фројнд од Зелените, еден од најострите критичари на Орбан. „ЕУ никогаш порано не видела вакво претседателство со Советот”, констатира Фројнд – земја на која и се замрзнаа голем дел од фондовите на ЕУ поради „многубројните прекршувања на владеењето на правото и корупцијата“ не треба да зборува во име на целата ЕУ и секако не треба да се појавува на овој начин во Москва и Пекинг“.
Постојат два начини да се поправи оваа грешка: ЕУ би можела да воведе критериуми што една земја мора да ги исполни за да го преземе претседавањето со Советот. Дел од овие критериуми може да биде земјата против која се водат постапки за повреда на фундаменталните вредности и од која Комисијата на ЕУ задржува средства поради прекршување на владеењето на правото, да не може да ја преземе оваа позиција. Ова е идеја која деновиве кружи во Брисел.
Алтернатива што може да се слушне и во пратеничките групи: да се забрза датумот за почеток на следното Претседателство на Советот. Тоа би значело дека Полска, на пример, да ја преземе оваа функција уште во декември.
„Штетата што ја предизвика Орбан во првите недели од неговото претседавање со Советот не смее да продолжи неказнето“, бараат Фројнд и други членови на Европскиот парламент.
Повреда на принципот на лојалност
Клучното прашање е: Може ли Орбан да биде отстранет од функцијата во ЕУ или да биде „дисциплиниран“ на некој друг начин? Даниел Хегедис, експерт за Централна и Источна Европа во тинк-тенкот Германски Маршал фонд во Берлин, верува дека тоа е можно. Орбан е должен да дејствува со лојалност и солидарност, но го уништи овој принцип.
Како претседавач на Советот, тој исто така нема овластувања за надворешна политика. Орбан во писмо до шефовите на влади на ЕУ увери дека не патува во Москва и Пекинг во име на ЕУ. Но, според Хегедис, тој отсекогаш бил перципиран како официјален претставник на ЕУ и морал да биде свесен за тоа: „Не само одфземањето на Претседателството на Советот, туку и одземањето на правото на глас е задоцнето и исто така можно“, вели научникот.
Тој го обвинува Орбан дека „го злоупотребил Претседателството на Советот со ненајавени патувања со цел да ги поткопа заедничките позиции на европската надворешна политика и погрешно да ја повтори и претставува позицијата на Кремљ од позицијата на Претседателството на Советот“. Хегедис се залага што е можно побрзо да се суспендира унгарското претседателство „од причини на политичка самоодбрана на ЕУ“.
И додава: Претседателството на Советот може да биде суспендирано со зголемено квалификувано мнозинство и распоредот на Претседателството на Советот може да се промени. За тоа ќе треба да се договорат 20 од 27 влади на ЕУ, кои заедно претставуваат 65 отсто од населението. Понатаму, Унгарија треба да биде „јасно осудена“ според член 7 од Договорот за ЕУ.
Постапката од член 7 е најстрогата санкција на ЕУ против земја-членка и на крајот може да доведе до одземање на правото на глас.
Први мерки
Сепак, многу дипломати на ЕУ се скептични, а владите на ЕУ се чини дека избегнуваат одземање на Претседателството на Советот. Амбасадорите на ЕУ на последната средба го истурија гневот кон Орбан. Но, „одземањето“ на Претседателството на Советот не беше на дневен ред и нема да биде прашање во иднина“, изјави потоа унгарскиот министер за Европа, Јанош Бока.
Сепак, поединечни држави преземаат демонстративни мерки. Литванија најави дека „привремено“ нема да испраќа министри на состаноците на ЕУ во Унгарија што треба да се одржат за време на унгарското претседателство со Советот. Сепак, владата го задржа правото да испрати помалку високи по ранг претставници. Ова треба да важи за неформалните министерски состаноци што Унгарија сака да ги одржи во Будимпешта.
Шведска, исто така, објави дека нема да испрати министри во Будимпешта, а тоа ќе го следат и Естонија, Летонија и други влади од ЕУ, но не наведуваат детали.
„Голема штета”
Последиците се разгледуваат и во Берлин. Портпарол на германското Министерство за надворешни работи изјави дека унгарската влада го додала логото на унгарското претседателство на Советот на ЕУ на официјалните видеа за контроверзните патувања. Орбан нема мандат да зборува за ЕУ: „Веќе сме на 12-ти ден од претседавањето со Советот и тоа веќе предизвика голема штета“, објасни портпаролот – и се осврна на „теоретската“ можност на Унгарија да ѝ се одземе Претседателството на Советот, со дополнување дека нема планови за ова.
Следниот месец во Унгарија треба да се одржат консултации меѓу министрите за надворешни работи на ЕУ. Можеби тоа ќе биде средба без министри за надворешни работи.
Автор: Андреас Мајер-Фајст, АРД