дома Политика Според нашето толкување на Преспанскиот договор, на став сме дека не го...

Според нашето толкување на Преспанскиот договор, на став сме дека не го прекршуваме договорот со Грција, вели Муцунски

34

Според нашето толкување на Преспанскиот договор, на став сме дека не го прекршуваме договорот со Грција, вели Муцунски

  Темата за Преспанскиот договор многу малку се отвораше на Самитот на НАТО во Вашингтон. Во рамките на НАТО контекстот, би рекол дека скоро и да немаше интерес на темата Преспански договор. Со Грција мора да има дијалог, но тој мора да се случува со ладни глави, изјави вечерва министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Во гостувањето во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, прашан дали имало обид за средба во Вашингтон со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, вели дека ниту од наша страна, ниту од грчка страна, не била побарана официјална средба.

-Секако дека премиерите на двете држави во идниот период ќе мора да се видат. Ние сме соседи, соседи коишто треба да соработуваат, соседи коишто треба да имаат и многу планови, предизвици во делот на економијата, трговијата, отворањето на нови гранични премини, рече Муцунски.

Тој оцени дека ние не сметаме оти имаме проблем со Грција, бидејќи, вели, со нашето постапување го почитуваме Договорот со Грција.

-За нас во овој момент, ако ја гледаме поставеноста на нашата надворешна политика, ние не сметаме дека има проблем затоа што ние и покрај тоа што јасно сме кажале дека сметаме дека овој договор бил проблематичен кога се создавал, апсолутно веруваме во принципот дека договорите мора да се почитуваат. И сметаме дека со нашето постапување ги почитуваме одредбите од Преспанскиот договор. И другата страна кога не смета така, прво има механизми коишто има право да ги активира и во рамките на самиот договор, но истовремено има можност да побара да имаат разговори. Ќе кажам дека во неколку наврати неформално сум разговарал со министерот за надворешни работи на Грција. Се слушнавме пред некој ден за состојбите околу пожарите и укажавме дека треба да си помагаме во вакви ситуации бидејќи како што ние се соочуваме со пожари и нашиот сосед Грција во овој момент се соочува со пожари, но ние сме тука да ги штитиме тие наши интереси коишто ги имаме. И ние од гледна точка на нашата поставеност, на нашето толкување на Преспанскиот договор во овој момент сме на ставот дека ние не го прекршуваме тој Договор, вели Муцунски.

Тој истакна дека сите предизвици мора да се решаваат, како со Грција така и со Бугарија, и оти мора да има дијалог, којшто треба да се случува со ладни глави и оти треба да се остави простор помеѓу изборните процеси коишто завршија во двете држави и тоа што не чека во периодот којшто доаѓа.

Прашан дали смета дека Мицотакис ќе го промени мислењето, истакна дека доколку се отворат канали на комуникација, како што вели, ќе се убедиме дека целта треба да ни е заедничка, а тоа е да се поддржуваме на пат кон идниот развој на двете држави.

-Ќе повторам, да се поддржуваме во меѓусебните добри трговски релации, да дискутираме за теми како што се новите гранични премини коишто треба да се отворат, да зборуваме за одличните односи коишто ги имаме во последните години во делот на културата и образованието коишто потекнуваат многу години наназад, а можеби во одредени периоди беа потиснати. Тие се теми по коишто можеме да најдеме заеднички јазик, а овој предизвик којшто го имаме во различното толкување на содржината на Преспанскиот договор искрено сум убеден дека може да се надмине доколку сме сите свртени кон иднината, а не кон минатото, нагласи Муцунски.

Вели дека факт е оти двете држави имаат различно толкување на Договорот.

-Да, имаме различно толкување и верувам дека тоа ќе го надминеме доколку другата страна сака искрено да го надминеме. Е сега, доколку имаме друга страна која што сака да ги проблематизира билатералните односи а од наша страна велиме – да, колку и да мислиме дека е лошо, имаме обврска во делот на меѓународо правниот поредок да го почитуваме, тогаш  што можеме ние повеќе да направиме. Бидејќи, дилемата јас ја видов изјавата на премиерот Мицотакис, иако не практикувам да коментирам други, но вие неколку пати се навраќате на негови интервјуа, тој вели сакаме од другата страна потврда дека уставното име на државата е Република Северна Македонија. Еве, колку и да не ми се допаѓа тоа, мислам дека е навредувачки и потврдувам. Свесни сме, апсолутно сме свесни дека уставното име на државата е Република Северна Македонија, но истовремено да не заборавиме дека во самиот договор има членови коишто регулираат како може да се користат термините „Македонија“ и „македонски“ и притоа тие термини да имаат различно значење кога се применуваат од едната и од другата страна, дециден е министерот Муцунски.

ПредходнаВо Штип утрово нема чад, на терен поголем број луѓе и механизација ќе интервенираат во гаснење на пожарите
СледнаЕвропски самит во Гранада: Што сѐ е премолчено