дома Економија „Тиквеш“ ќе откупи најголема количина грозје, по највисоки цени на пазарот

„Тиквеш“ ќе откупи најголема количина грозје, по највисоки цени на пазарот

16

Винарската визба „Тиквеш“, пред официјалниот старт на годинешниот откуп кој вообичаено почнува на први август, ги објави цените по шеќерни единици за секоја сорта винско грозје кое планира да го откупи. „Тиквеш“ е првата и засега единствена домашна винарница која доследно ја испочитува оваа законска обврска.  Согласно објавениот ценовник и сознанијата што ги има винарницата, и оваа година, ВВ „Тиквеш“ ќе ја продолжи практиката од изминатите години и ќе откупи најголема количина грозје, по највисоки цени на пазарот, соопшти компанијата

Годинава планирано е  „Тиквеш“ да прими и обработи над 30 милиони килограми квалитетно грозје. Притоа, основната цена по која оваа година ќе се откупуваат најзастапените сорти е дефинирана на 18 денари за килограм смедеревка и 20 денари за вранец, што претставува зголемување од 8% до 19% во однос на минатогодишната цена, која исто така беше зголемена од 20% до 35% во однос на 2022 година. Со ваквите зголемувања на цените на грозјето, се вели во соопштението, ВВ „Тиквеш“ целосно ги амортизираше ефектите од порастот на трошоците и инфлацијата, која во 2023 година изнесуваше 9,4% на годишно ниво, а оваа година се намали на 3,2%.

„Тиквеш“ и годинава нуди дополнителен бонус за грозје предадено во гајби, како и за грозје со висок квалитет кое е произведено согласно светските стандарди и критериуми за квалитет. Бонусот за грозјето предадено во гајби и цените на грозјето со екстра квалитет се зголемени и до 25% во однос на минатата година.

За лозарите со долгорочни договори и оние кои можат да понудат највисок квалитет, ВВ „Тиквеш“ им гарантира исплата на откупеното грозје во многу пократки рокови од законски дефинираните, се вели во соопштението.

ПредходнаКаде оди и каде нѐ води Мицкоски
СледнаЗа шест дена на преминот Ќафасан минале над 70 илјади патници