Македонската писателка и преведувачка Наташа Сарџоска на 14 август настапи на 13. издание на поетската манифестација „По патот на поетите“ во Монрупино/Репентабор, во организација на Друштвото на писатели на Словенија, а под покровителство на италијанската Општина Монрупино/Репентабор.
Сарџоска читаше свои стихови на македонски и италијански јазик, а истите беа претставени на публиката и на словенечки јазик во превод на словенечкиот поет и преведувач Марко Кравос.
Потоа, на 17 август во рамки на повеќејазичната поетска средба „Зборови меѓу места“ во организација на издавачката куќа „Вита Актива Нуова“ од Трст, а под покровителство на Регионот Фриули Венеција Џулија, Сарџоска се претстави со свои песни на македонски јазик и во нејзин автопревод на италијански јазик, заедно со девет поети од Италија, Хрватска и Словенија.
Како што соопшти писателката Сарџоска, оваа поетско-музичка манифестација обедини бројни јазици меѓу кои хрватски, италијански, германски, англиски, српски, словенечки, македонски како и неколку дијалекти меѓу кои истријански, трстки, бизјачки и фурлански.