Претседателот на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов е оптимист и очекува да има средба со премиерот Христијан Мицкоски за зголемување на минималната плата. Како што вели, ССМ веќе има доставено барање за средба и очекува социјалниот дијалог да го води на маса, доколку тоа не се случи секогаш имаат на располагање и други мерки.
– Владата вети дека во првите 100 дена ќе седне да разговара со ССМ за зголемувањето на минималната плата на најмалку 450 евра. Јас сум оптимист дека средбата ќе се случи поради тоа што ја знам силата на работниците. Ние работниците мораме да бидеме слушнати и мораме да кажеме што се потребите на работниците. Очекувам средбата да се случи како што ветија тие во првите 100 дена, а исто така имаме побарано дополнителна средба и на 2 септември со генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати Естер Линч која од 1 до 3 септември ќе ја посети Македонија и ќе биде гостин на ССМ, рече Трендафилов во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Како што кажа, во Црна Гора каде имаше минимална плата од 450 евра во наредниот период ќе има минимална плата од 600 евра за работниците со средно образование и 800 евра за оние со високо, во Бугарија минималната плата ќе биде 500 евра, во Србија и БиХ се преговара за 500 евра,…
– ССМ има доставено барање за средба со премиерот како што тоа го направивме и со сите останати министри во изминатиов период. Наша главна улога како социјални партнери е социјалниот дијалог да го водиме за почеток на маса. Синдикатите, се разбира, дека секогаш имаат мерки на располагање кои може да ги применуваат. Како ССМ во минатото мислам дека бевме препознаени и покажавме дека можеме да седнеме на маса, можеме да ги изложиме нашите барања, можеме да ги кажеме нашите образложенија зошто бараме и зошто се нашите потреби. Да не заборавиме нешто, не мисли Слободан дека треба да се зголемуваат платите на работниците, тоа го мислат работниците и синдикатите и нивните членови, луѓето кои не’ поставиле да бидеме тука да ги трпиме сите удари за тие да не го трпат тоа, порача Трендафилов.
Посочи дека очекуваат да се сретнат и со претставниците на Владата, надлежните министри, како и претставниците на Собранието кои се надлежни за работата од областа на трудот. Потсети дека ССМ во април има доставено барање за намалување на функционерските плати за 78 проценти, кое, како што кажа, стои затворено во фиока.
– Тоа што мене ме загрижува е што слушаме изјави од политичари дека доколку им се намали платата тие ќе ги напуштат нивните работни места. Тоа што нив треба да ги загрижува е дека доколку не се зголемат платите на работниците, работниците ќе си заминат од Македонија поради тоа што ќе имаат можност да работат во Црна Гора за 600 до 800 евра, во Бугарија за 500 евра, во Србија за 500 евра, БиХ за 500 евра, а да не зборуваме за Хрватска и за Словенија. Треба да седнеме и да разговараме и да ги надминеме сите проблеми и предизвици. Мора да не слушнат. Ние сме тука за тоа и затоа постоиме 78 години, истакна Трендафилов и додаде дека работодавачите од приватниот сектор со давањето плати во пликови и неплаќањето давачки на годишно ниво го оштетуваат буџетот за 250 милиони евра.
Согласно податоците што ССМ ги има обезбедено од УЈП, како што посочи Трендафилов, близу 34 илјади работници во државата работат за минималец или до минималната плата.
– Околу девет илјади работници примаат плата од еден денар до 23.567 денари што не само што не е законски, не само што не е хумано, туку е и кривично дело да го прави некој работодавач и од таа причина сметам дека 35 илјади работници заслужуваат зголемување на нивните плати, а апропо тоа заслужуваат зголемување на нивните плати и сите останати работници. Борбата за минимална плата е ниту еден работник да не биде на минимална плата, рече Трендафилов.
Тоа што го гарантираме во јавниот сектор, рече Трендафилов, е дека наредната година платата на вработените ќе расте со просечната плата, а тоа што го гарантираме во приватниот сектор секаде каде сме синдикално организирани, платите се пораснати повеќе од 50 проценти за последните две години.