дома Балкан Амбасадорот на Германија во Косово, Роде: Моментно не станува збор за отворање...

Амбасадорот на Германија во Косово, Роде: Моментно не станува збор за отворање на мостот на Ибар

20
Амбасадорот на Германија во Косово, Роде: Моментно не станува збор за отворање на мостот на Ибар

  Германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде, го повтори ставот на неговата држава во однос на мостот на реката Ибар во Митровица, оценувајќи дека сегашната безбедносна ситуација не оди во прилог на отворање на мостот кој го дели градот Митровица на јужен дел, населен со мнозинство Албанци и северен, со српско мнозинство, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во вечерашното интервју за јавната косовска телевизија, РТК, Роде изјави дека, иако постои договор постигнат пред извесно време за отворање на мостот, постои ризик од тензии доколку тоа се направи во овој момент.

„Со Владата на Косово бевме многу јасни. Секако дека и ние имаме исти цели како и Владата, сите минати договори да се спроведат. А, има уште една одлука од овие договори која мора да се спроведе и тоа е постигнатиот договор за отворање на мостот на реката Ибар. Но, времето не е сега, знаете, постои ризик од тензија таму“, рече Роде.

Германскиот амбасадор додаде дека се потребни консултации меѓу Владата на Косово и Западот и дека мостот на Ибар може да се отвори само кога ќе се оцени дека има сигурносни услови тоа да се случи.

„Сега мора да има процес, мора да има консултации, но во моментов не станува збор за отворање. Ова ѝ го соопштивме на Владата. Јасно ми е дека мостот треба да се отвори, но потребен ни е дијалог меѓу Владата и Западот, оценката на моменталната безбедносна состојба јасно покажува дека не е време да се отвори мостот. Се додека мислиме дека не е вистинскиот момент да се отвори мостот, мора да останеме во сегашната ситуација“, изјави Роде.

Ден претходно германскиот дипломат се сретна со косовскиот премиер, Албин Курти. Според соопштението на Владата, „на средбата се разговарало за билатералните односи, соработката во развојни проекти меѓу Република Косово и Германија, како и за актуелните случувања и теми во земјата“.

Во втората недела од август, косовските власти започнаа со тестирање на мостот како дел од планот тој да се отвори за сообраќај на возила, освен за пешаци, како што е моментно. На планот се спротивставија земјите сојузнички на Косово, меѓу кои САД, Германија и други. По реакциите, Курти рече дека разговорите и координациите за ова прашање ќе продолжат.

Предходна
СледнаВардар победник на меѓународниот турнир „Крсте Андоновски“