Државната комисија за спречување на корупцијата изготви Посебен извештај за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања за избор на пратеници на последните избори, со цел информирање на Собранието и јавноста.
Во извештајот, ДКСК забележува дека во однос на законската обврска за доставување на податоци за службените моторни возила со кои располагаат институциите, констатиран е низок степен на реализација на оваа законска обврска и тоа под 50 отсто.
– Констатиравме и отсуство на нормативно решение за санкционирање од страна на ДКСК, со што се намалува можноста за превенција од злоупотреба на службените возила за потребите на изборната кампања. Во насока на зголемување на транспарентноста, Комисијата јавно ги објави сите институции кои не доставија информации до законскиот рок, велат од ДКСК.
Од вкупните извори на финансирање на изборната кампања во износ од 385.022.129 денари, 64 отсто се средства од Буџетот на државата, поради што ДКСК укажува на потребата истиот да се укине, поради постоење на корупциски ризици и идното влијание на политичките партии врз уредувачката политика на медиумите.
– Истакнавме дека Државната изборна комисија има исплатено само 3 проценти од вкупната обврска за платено политичко рекламирање, соопштуваат од ДКСК.
Во однос на постапувањето по предмети за овој изборен процес, ДКСК оформи вкупно 65 предмети, кои се резултат на пријави за сомневање за сторени повреди на Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, предмети оформени по сопствена иницијатива, по поднесени пријави, како и приговор поднесен од организатор на изборна кампања.
– Од вкупно донесените одлуки, донесени се 30 одлуки за запирање, 15 одлуки за отфрлање, додека осум предмети се затворени со заклучоци поради идентична или слична содржина. По предметите за парламентарните избори, покренавме шест иницијативи за поведување постапка за кривично гонење, како и четири иницијативи пред надлежните органи за поведување на постапка за утврдување на одговорност на службени лица, посочуваат од ДКСК.
Во однос на законската обврска за доставување на извештаи, ДКСК констатира дека четири учесници во изборниот процес немаат доставено вкупен финансиски извештај, додека значително мал број од правните лица кои вршат платено политичко рекламирање имаат доставено извештаи до ДКСК, со што, како што велат, се нарушува принципот на транспарентност на изборната кампања и се намалува доверба во целокупниот изборен процес, за што не се изречени санкции од страна на надлежните институции.
Целиот Посебен извештај на ДКСК можете да го погледнете на следниот линк https://dksk.mk/wp-content/uploads/2024/08/DKSK-Izveshtaj-VNATRESNI-ZA-PECAT.pdf
ир/лв/