дома Култура Светска премиера на „Јон Вардар против галаксијата” на 57. „Ситџес фантастик филм...

Светска премиера на „Јон Вардар против галаксијата” на 57. „Ситџес фантастик филм фестивал”

16
Светска премиера на „Јон Вардар против галаксијата”  на 57. „Ситџес фантастик филм фестивал”

   Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата”, во режија на Гоце Цветановски и во продукција на Алан Кастиљо од „Линкс студио”, ќе има светска премиера на 57-мото издание на „Ситџес фантастик филм фестивал”, што ќе се одржи во Шпанија.

– Бидејќи жанрот не познава возраст, фестивалот во Ситџес повторно ќе ги прикаже моментално најфасцинантните фамилијарни проекти од светот. Меѓу селектираните филмови годинава го откривме ‘Јон Вардар против Галаксијата’ на Гоце Цветановски, првиот анимиран филм во историјата на Северна Македонија“, ја споделува денеска во соопштение објавата од организаторите на фестивалот режисерот Цветановски,

Тој  информира дека „Јон Вардар против Галаксијата”  е селектиран во фамилијарната секција на фестивалот и ќе има две прикажувања во ударни термини во петок и сабота, на 5 и 11 октомври.

– Огромен успех е што светската премиера на Јон Вардар ќе се одржи на престижен фестивал од овој калибар, и очекувам да продолжи со уште многу други успешни прикажувања низ целиот свет. Филмот е селектиран на уште еден голем филмски фестивал што ќе се одржи годинава, а деталите ќе бидат споделени наскоро, вели Цветановски.

Арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Скорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димовски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска.

Анимираниот филм е изработен со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.

Цветановски е дел и од тимот кој го почна проектот „Сказните на Биби“, режирајќи повеќе епизоди. Тој е режисер и на крими-трилерот „Бизнисот на задоволството” којшто во моментов се прикажува низ кино-салите во Македонија и наидува на одличен прием од страна на публиката и на критиката. Досега со своите филмови, Цветановски ја претставувал Македонија на стотина фестивали низ светот, а „Бизнисот на задоволството” се закити со десет меѓународни награди.

ПредходнаМакедонката Ведрана Тунески освои злато на Е2 во Тирана
СледнаБорис Кондарко и официјално претседател на ДИК, објавен оглас за избор на двајца нови членови