дома Свет По иранскиот напад, Израел најавува одмазда

По иранскиот напад, Израел најавува одмазда

14

По големиот ирански ракетен напад врз Израел, Тел Авив најавува одмазда. Дали Израел директно ќе го нападне Иран?

Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари изјави дека Иран извршил „сериозно дело“ кое го води Блискиот Исток кон ескалација. „Ќе постапиме во момент и место што ќе ги одредиме, во согласност со инструкциите на политичко ниво. Овие настани ќе имаат последици“, рече Хагари. Тој не кажа точно како би можел да изгледа еден одмазднички напад.

„Њујорк тајмс“, повикувајќи се на американски претставници, објави дека во можно сценарио Израел би можел да ги нападне иранските нуклеарни постројки. Конкретно, цел би можеле да бидат постројките за облагородување ураниум во Натанс, срцето на иранската атомска програма.

Иранските ракетни напади нема да имаат никакво влијание врз оперативната способност на воздухопловните сили, потенцира портпаролот на израелската армија Хагари. Армијата денеска рано наутро објави дека биле нападнати „терористички цели во Бејрут“. Војската првично не соопшти детали. Најмалку пет израелски напади биле извршени во јужните предградија на Бејрут, пренесоа медиумите, повикувајќи се на извор од либанските безбедносни сили.

Со оглед на ескалацијата на ситуацијата на Блискиот Исток, денеска (2.10) треба да се одржи итен состанок на Советот за безбедност на ОН.

Нови закани од Иран

Иран му се закани на Израел со уште посилен удар доколку биде извршен одмазднички напад. „Во овој случај, нашиот одговор ќе биде посилен“, напиша иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи на платформата X. „Нашата акција е завршена, освен ако израелскиот режим не одлучи да преземе дополнителни одмазднички мерки“. Иранската револуционерна гарда соопшти дека нападот бил одмазда за убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија, генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насралах и еден ирански генерал, објави државната иранска телевизија. Илјадници луѓе во Иран го славеа ракетниот напад врз Израел.

ПредходнаНова фискална стратегија 2025-2029: Годинава јавен долг од 66,4%
СледнаИран ги предупреди САД да не интервенираат во конфликтот