дома Без филтер Гутереш побара прекин на „шокантното насилство и крвопролевање“ во Газа и Либан

Гутереш побара прекин на „шокантното насилство и крвопролевање“ во Газа и Либан

15
Гутереш побара прекин на „шокантното насилство и крвопролевање“ во Газа и Либан

  Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повика на прекин на „шокантното насилство“ и „крвопролевање“ во Газа и Либан, пред првата годишнина од нападот на палестинскиот исламистички Хамас врз Израел што го предизвика жестокиот одговор на Израел и беше почеток на војната во Газа.

Утре се навршува првата годишнина од нападот без преседан на Хамас врз Израел, по кој еврејската држава возврати и почна операции во Газа, каде што Хамас е на власт.

Од пред две недели војната се прошири и во соседен Либан, каде ИДФ ги гаѓаат позициите на Хезболах, близок сојузник на Хамас.

„Утрешниот ден е можност меѓународната заедница уште еднаш гласно и силно да ги осуди грозоморните дејствија на Хамас, особено киднапирањето заложници“, рече Гутереш во вчера објавеното соопштение.

Гутереш побара „итно и безусловно ослободување“ на заложниците и го повика Хамас да му дозволи на Меѓународниот комитет на Црвениот крст да ги посети заложниците.

Достапните податоци велат дека од киднапираните 251 лице на 7 октомври, во моментов се верува дека во Газа се уште се наоѓаат 97, иако има стравувања дека во меѓувреме загинале уште најмалку 33 од нив.

„Од 7 октомври се прошири бранот шокантно насилство и крвопролевање. Време е да се ослободат заложниците… време е да се замолчат пушките. Време е да се стави крај на страдањата што го зафатија регионот“, наведе Гутереш.

Тој, исто така, изрази загриженост за конфликтот што се шири во Либан против Хезболах поддржан од Иран.

„Војната што следеше по ужасните напади пред една година уништи повеќе животи и предизвика тешки човечки страдања на Палестинците во Газа, а денес и на либанскиот народ“, рече Гутереш.

ПредходнаПронајдени уште две тела во Долна Јабланица, бројот на жртвите од поплавите во БиХ порасна на 20
СледнаКурти: Имаме многу добра соработка со новата македонска влада, претходната беше добронамерна, но се промени