Заменик-министерот за надворешни работи на Литванија, Симонас Шатунас, чија земја оваа година одбележува 20-години членство во Европската Унија, во интервју за МИА нагласува дека билатералните прашања не смеат да го попречат процесот на преговори и членство, но од друга страна важно е и веќе преземените обврски да се спроведуваат.
На прашањето за тоа каков е ставот на Литванија за одложеното дејство на уставните измени, но и дали има сознанија за мислењето на останатите членки на Унијата, Шатунас без конкрентен одговор и со став дека сметаат оти е потребно да има се помалку билатерални прашања, но да се продолжи со спроведување на она што до моментот е преземено како обврска, со цел понатаму целосно да се отстранат билатералните прашања од процесот на преговори.
– Како што кажав претходно, ние сметаме дека билатералните прашања не смее да го засенат или попречат процесот на преговори и пристапување. Од друга страна, многу е важно кога се склучуваат договори и се преземаат обврски да нема застој и да нема повторно отворање, односно дека обврските треба да се спроведат инаку може да дојде до нова реалност и повторни одложувања. Затоа ние сметаме дека треба да има што помалку билатерални прашања, но доколку се преземат обврски тогаш е подобро да се продолжи со спроведувањето и процесот да се движи напред, бидејќи тоа е целата идеја, да се отстранат билатералните прашања од процесот на преговори, вели Шатунас.
Во интервјуто Шатунас говори за целта на неговата посета, за билатералната соработката и искуствата кои Литванија може да и ги понуди на земјава во процесот на евроинтеграција, но и за самиот процес и колку навистина се води по мерит системот и е заштитен од билатерализација.
Интервјуто со заменик-министерот за надворешни работи на Литванија, Симонас Шатунас целосно со видео материјал ќе биде објавено утре. ац/аа/
Фото: МИА