Дождовите и ветровите на ураганот Хелена, кој го опустоши југоисточниот дел на САД на крајот на септември и однесе повеќе од 230 животи, беа десет отсто поинтензивни поради климатските промени, се наведува во студија на референтна научна мрежа.
Студијата на World Weather Attribution (WWA), исто така, вели дека поради фосилните горива, кои се главната причина за глобалното затоплување, веројатноста урагани како Хелена да се појават во областа е поголема за два и пол пати.
Наместо на 130, бури се очекуваат на секои 53 години
Со други зборови, наместо да се очекуваат на секои 130 години, сега е поверојатно да се случат во просек на секои 53 години.
Иако бројката од десет проценти може да изгледа релативно ниска, важно е да се истакне дека мала промена во однос на опасноста навистина може да доведе до голема промена во однос на ефектите и штетите, рече Фридерике Ото, која ги предводи мрежите на WWA.
Кога го проучувале ураганот Хелена, научниците се концентрирале на три аспекти – врнежите, ветерот и температурата на водата во Мексиканскиот Залив, што е еден од клучните фактори за неговото формирање.
– Сите аспекти на тој настан се засилени со климатските промени во различен степен. И ќе видиме други феномени од тој тип до степен до кој планетата продолжува да се загрева, рече на прес-конференција коавторот на студијата Бен Кларк, истражувач од Империал колеџ во Лондон.
– Доколку луѓето продолжат да согоруваат фосилни горива, САД ќе се соочат со уште поразорни урагани, предупреди Бен Кларк.
Студијата е објавена во време кога американската сојузна држава Флорида се соочува со уште еден голем ураган, Милтон, кој го погоди копното, само десет дена по разорниот удар на ураганот Хелена.
Ризик од урагани надвор од крајбрежните зони
Ураганот Хелена стигна на копно на 26 септември во северозападна Флорида со ветрови од 225 километри на час. Ураганот потоа се префрли на север, предизвикувајќи обилни дождови во неколку американски држави а особено во Северна Каролина, каде имаше најмногу жртви.
Авторите на студијата истакнаа дека ризикот од разорниот ефект на ураганите сега е зголемен и надвор од самите крајбрежни зони.
Ураганот Хелена беше толку моќен што беше потребно долго време за да се изгуби таа енергија, и поради тоа ураганот брзо се движеше и можеше брзо да се прошири по копното, објасни метеорологот од невладината организација Climate Central, Бенадет Вудс Плаки.
Мрежата WWA редовно ја проценува врската помеѓу екстремните временски настани ширум светот и климатските промени. Оваа студија ја спроведоа научници од САД, Велика Британија, Шведска и Холандија.