Законот за Агенцијата за национална безбедност вели дека член на партија не може да биде директор на Агенцијата, а Бојан Христовски досега во јавноста беше експониран токму со својот партиско-политички ангажман во рамките на ВМРО-ДПМНЕ, каде во февруари 2023 г. беше назначен за претседател на Градскиот комитет за Скопје
Од Владата во одговор на прашања од „360 степени“ велат дека новиот директор на АНБ си поднел оставка од член на партијата во 2023 година, без да прецизираат точно кога. На неговиот профил на Фејсбук, пак, освен што стои дека е политичар, можат да се видат и прочитаат неодманешни објави во кои Христовски промовира одлуки на актуелната влада на Христијан Мицкоски
Зарко Милошевски веќе не е директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Тој на денешната владина седница е разрешен од функцијата, а на негово место е именуван Бојан Христовски.
Информацијата за „360 степени“ ја потврди и портпаролката на Владата, Марија Митева. – „Можам да потврдам“, изјави таа кратко во телефонски разговорза 360 степени .мк
На прашањето зошто е разрешен Милошовски, таа рече дека во врска со ова Владата ќе се произнесе во соопштение по завршувањето на седницата.
Зарко Милошевски, на чело на институцијата задолжена за безбедност и контраразузнавање беше неполни две години. Претходната влада на СДСМ и ДУИ го назначи за директор на 14 декември 2022 година, а на функцијата дојде на местото на Виктор Димовски, кој се повлече од директорското столче во АНБ за да замине за амбасадор во Париз, Франција, што не се случи.
Инаку, според Законот за АНБ, мандадот на директорот на Агенцијата изнесува четири години, со право на повторен избор за уште еден мандат. Ова значи дека Милошовски на позицијата требаше да остане до 14 декемри 2026 година.
Член на партија не може да биде директор на АНБ
Условите за разрешување и именување на директор на Агенцијата за национална безбедност се уредени во член 10 од Законот за АНБ, чии одредби отвораат прашања околу причините за смената на Милошевски и именувањето на неговиот наследник.
Во однос на условите што треба да ги исполнува лицето што се именува на оваа функција, покрај одредбите кои наложуваат да е држвјанин на Република Северна Македонија и да нема државјанство на друга држава, како и неопходните образовни квлафикации, клучни се уште две точки од ставот 1 од овој член.
Имено, директорот мора „да има најмалку 12 години работно искуство, во областа на одбраната, безбедноста, односно разузнавањето или во области поврзани со нив, од кои најмалку пет години на раководни позиции во истите“.
Точката 7 од ставот, пак, дополнително вели:
„Да не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија“.
Токму оваа точка покренува најмногу прашања околу именувањето на Бојан Христовски, кој во јавноста досега беше експониран со својот партиско-политички ангажман во рамките на ВМРО-ДПМНЕ.
Во февруари 2023 година медиумите известија дека Бојан Христовски е именуван за претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.
Од оваа позиција тој настапува во наредните месеци, за што сведочат и видеата објавени од него на социјалните мрежи на кои презентира дел од активностите на ова партиско тело.
На неговиот профил на Фејсбук, освен што стои дека е политичар, можат да се видат и прочитаат неодманешни објави во кои тој промовира дел од одлуките на актуелната влада на Христијан Мицкоски.
Инаку, Христовски ја вршеше и функцијата директор на Јавното претпријатие „Градски паркинг“ пред да си поднесе оставка во септември 2022 година по разидувањето на актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, со ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ѝ помогна да седне на градоначалничкото столче.
Токму поради ова до Владата ги упативме следните прашања:
- Зошто е разрешен Зарко Милошевски и врз основа на кој член од Законот за АНБ?
- Дали новоименуваниот директор на АНБ сè уште е претседател на ГК на ВМРО-ДПМНЕ и член на партијата и како го коментираат неговиот политички ангажман?
- Дали Христовски го исполнува законскиот условот од најмалку 12 години во областа на одбраната, безбедноста и разузнавањето, од кои најмалку пет години на раководни позиции?
Во одговорот што го добивме од Владата велат дека Христовски не е веќе член на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи си поднел оставка во 2023 година, без да презицираат точно кога.
„Кадровските промени во безбедносните служби се прават врз основа на темелни анализи и проверки и истатата одлука е донесена согласно тие состојби. Бојан Христовски од 2023 година по негово враќање со работа во Министерството за внатрешни работи има поднесено оставка и не е член на партија, така што тука сѐ е во рамките на законските одредби. Во однос на работното искуство кое е услов за преземање на именуваната позиција, Бојан Христовски има 18-годишно работно искуство, од кои 10 години работно искуство во областа, а согласно законските оредби за оваа позиција потребно е пет години раководно искуство. Во однос на наведеното, Владата останува посветена на пропишаните услови при именувањето на стручни компетентни кадри“,
се вели во одговорот на портпаролката на Владата, Марија Митева.
Засега од „Илинденска“ број 2 нема известување за причините за разрешувањето на Зарко Милошевски.
Услови за разрешување на директорот на АНБ
Според ставот 2 од членот 10 на Законот за АНБ, мандатот на директорот на Агенцијата може да престане пред неговиот истек, на негово барање, ако ги исполни условите за пензија согласно со закон, ако со правосилна судска пресуда му е изречена казна за сторено кривично дело за кое се гони по службена должност или по предлог, кое го прави недостоен за вршење на функцијата.
Основи за негово разрешување пред истекот на мандатот се:
„Ако не постапува согласно со закон, во врска со вршењето на надзор од страна на субјектите кои вршат надзор согласно со одредбите од овој закон, ако против него е поведена истражна постапка кога постои основано сомневање дека сторил кривично дело за кое се гони по службена должност или по предлог, кое го прави недостоен за вршење на функцијата, ако нестручно и несовесно ја извршува функцијата, ако не постапи согласно одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и ако престане да исполнува некој од условите од ставот 1 на овој член“.
Предлог за разрешување на директорот претседателот на Владата може да поднесе и врз основа на иницијатива на надлежното работно тело на Собранието за надзор на Агенцијата, се вели во ставот четири од членот 10 на Законот.
Зарко Милошевски за директор на АНБ дојде од позицијата помошник-директор на Одделот за безбедносни проверки и НАТО-регистар во Агенцијата за национална безбедност.
Во времето на директорувањето на Виктор Димовски, Владата му издаде македонско државјанство на контроверзниот Украинец Олександр Онишченко. Потоа, Владата му го поништи државјанството на Украинецот, а претходно е поведена постапка за суспензија на двајца вработени во АНБ.
ВМРО-ДПМНЕ како тогашна опозиција бараше Владата да го разреши Милошевски бидејќи, како што тврдеа оттаму, тој бил дел од шемата за давање македонски пасош на Онишченко.