дома Избрано Владејачката Грузиски сон прогласи победа, опозицијата обвинува за „украдени“ избори

Владејачката Грузиски сон прогласи победа, опозицијата обвинува за „украдени“ избори

8

Проруската партија Грузиски сон би требало да ја прошири својата контрола врз парламентот, според прелиминарните резултати од изборите во саботата (26 октомври). Но, поради огромната разлика во резултатите во однос на излезните анкети, прозападната опозиција ги прогласи изборите за „украдени“.

Основачот на партијата Грузиски сон, Бидзина Иванишвили, во седиштето на партијата во Тбилиси, 26 октомври 2024 Партијата основана од милијардерот Бидзина Иванишвили освои нешто повеќе од 54 отсто од гласовите, според повеќе од 99 отсто од преброените окрузи. Според резултатите што ги објави Централната изборна комисија, четири опозициски партии го поминаа прагот од 5 проценти за влез во Собранието.

Опозициската Коалиција за промени, Единство за спас на Грузија, Силна Грузија и партијата За Грузија заедно освоија нешто повеќе од 37 отсто од гласовите.

Излезните анкети спроведени во име на провладините и опозициските организации, сепак, покажаа значително различни резултати.

Додека Грузиски сон освои 56 отсто во излезната анкета спроведена од провладината телевизија Имедиј, партијата не доби повеќе од 42 отсто во две опозискиски излезни анкети.

 Сè што треба да знаете за клучните избори во Грузија

Според прелиминарните резултати, Грузиски сон треба да има 89 места во 150-члениот парламент, доволно за одржување на владата, но не доволно за апсолутно мнозинство што ќе и овозможи на партијата да направи големи уставни промени.

Обединетото национално движење, кое ја предводи коалицијата „Единство за спас на Грузија“, веднаш ги отфрли резултатите објавени од грузиските изборни власти.

„Од името на Обединетото национално движење објавуваме дека не ги прифаќаме резултатите од украдените избори и немаме намера да го признаеме исходот од овие украдени избори“, рече претседателката на партијата Тина Бокучава во раните утрински часови на 27 октомври.

Таа ги повика другите опозициски партии да заземат став против најавените резултати, додавајќи дека во текот на денот најверојатно ќе има „големи протести“.

Мамука Хазарадзе, лидерот на Силна Грузија, инсистираше на тоа дека опозицијата победила на изборите, што е клучно за идниот пат на кавкаската нација во Европа.

„Честитки за поразот на руската влада во Грузија“!, рече тој по затворањето на гласачките места.

Ника Гварамиа, член на Коалицијата за промени, рече дека неговата група нема да го признае најавениот исход, нарекувајќи го процесот „државен удар“.

За прв пат, Грузија употреби нов систем на електронско пребројување на гласачките ливчиња, со хартиена резервна копија, што овозможува објавување на резултатите само неколку часа по затворањето на гласачките места во 20 часот по локално време. Изборната комисија соопшти дека имало само мали пропусти.

Милијардерот Бидзина Иванишвили, основач на владејачката партија и поранешен премиер, беше првиот кој прогласи победа, само неколку минути по затворањето на гласачките места.

„Редок случај во светот е иста партија да повтори таков успех во ваква тешка ситуација – тоа е добар показател за талентот на грузискиот народ. Ве уверувам дека нашата земја ќе постигне голем успех во следните четири години “, рече Иванишвили.

Првичните резултати беа базирани на електронско пребројување на гласовите, кое се очекуваше да биде завршено ноќта на изборите. Рачното пребројување на гласовите, како и броењето на избирачките места кои немаа електронски системи за гласање, се очекува да заврши утрото на 27 октомври.

Излезноста беше речиси 59 отсто, соопшти Централната изборна комисија, повеќе отколку на последните два претходни избори во 2020 и 2016 година, но околу два отсто помалку отколку во 2012 година, кога на власт дојде Грузиски сон.

Иванишвили, проевропската опозиција и странските дипломати ги сметаа изборите за пресвртница што ќе одлучи дали Грузија ќе се приближи кон Западот и Европската унија или ќе се сврти кон Москва, додека војната на Русија во Украина продолжува.

 Поголема излезност на изборите во Грузија

Многумина очекуваа објавувањето на победата на Грузиски сон да предизвика протести, со оглед на длабокото противење на партијата кај многумина во Тбилиси. Пролетта, градот беше сведок на големи демонстрации против усвојувањето на озлогласениот закон за „странски агенти“. Но, малку пред полноќ, на улиците не се забележани толпи луѓе.

Доколку се потврдат прелиминарните резултати, Грузиски сон сега ќе може да избере нов претседател, кој има поцеремонијална улога. Изборите ќе се одржат во рок од 45 дена од првата седница на новоизбраниот парламент.

Шефот на државата за прв пат нема да биде избран од граѓаните, туку од членовите на избирачкиот колегиум – претставници во парламентот, повисоките претставнички тела на автономните републики Абхазија и Аџара и членовите на претставничките тела на локалните органи на самоуправа.

Како помина предизборната кампања

И партијата Грузиски сон, која е на власт од 2012 година, и опозицијата изјавија дека сакаат да влезат во ЕУ.

Сепак, Брисел претходно оваа година го суспендираше процесот за членство на земјата, која има околу 3,8 милиони жители и граничи со Русија, откако владејачката партија усвои закони кои ја задушуваат слободата на говорот.

Владејачката партија Грузиски сон ги опиша изборите како избор помеѓу мир и војна, велејќи дека ако опозицијата победи, таа ќе ја вовлече Грузија во војна против Русија.

Опозицијата го оквалификуваше гласањето како избор меѓу Западот и Русија и меѓу демократијата и авторитаризмот, наратив што го повторија официјални лица во САД и Европа кои го критикуваа Грузиски сон за демократско назадување.

Пријавени се некои инциденти, иако Натија Хоселиани, портпаролката на изборната комисија, претходно за медиумите изјави дека по „мали технички пропусти“ процесот се одвивал „мирно“ на сите 3111 избирачки места.

Дописникот на Радио Слободна Европа од оваа земја јави за инцидент во јужниот град Марнеули, каде што член на опозициската партија наводно бил претепан од претставник на Грузискиот сон на избирачко место.

Во Рустави, град на дваесетина километри југоисточно од Тбилиси, дописникот на Радио Слободна Европа, Давит Мчедлиџе, бил вербално малтретиран и спречен да ја врши својата работа на гласачкото место од неидентификувани лица кои се обиделе да му го земат телефонот.

Сведокот за РСЕ изјави дека на гласачкото место имало непознати лица, што е спротивно на законот. Иако била повикана полиција, никој не пристигнал, изјави сведокот за РСЕ.

Предходна„Нови решенија“ и построги акции: новости за миграцијата во ЕУ и нејзините соседи
СледнаMакедонците се рекордери во пушење цигари, најмладиот пушач има 13 години