дома Политика ЕК ќе ги објави годишните извештаи за напредокот на аспирантите за членство...

ЕК ќе ги објави годишните извештаи за напредокот на аспирантите за членство во ЕУ

6

ЕК ќе ги објави годишните извештаи за напредокот на аспирантите за членство во ЕУ  

  Европската комисија денеска треба да го објави Пакетот на извештаи за напредокот на европскиот пат на 10-те земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ за 2024 година, меѓу кои и за Северна Македонија.

Како што најави вчера портпаролот на Еврокомисијата, Стефан де Керсмакер, откако „Пакетот за проширување“ ќе биде усвоен од страна на Колеџот на комесари, тој официјално ќе биде презентиран од страна на високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.

Еврокомисијата секоја година усвојува и презентира „Пакет за проширување“, кој опфаќа збир на документи што ја објаснуваат политика за проширувањето на ЕУ и се прави преглед на случувањата во текот на изминатата година. Во Пакетот се анализира напредокот постигнат од страна на земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ, предизвиците со кои тие се соочуваат и реформите што треба да ги спроведат.

Во прилог на главниот документ, Пакетот содржи и детални одвоени извештаи за напредокот во реформите во секоја земја кандидат и потенцијален кандидат, како и препораки и насоки за реформските приоритети.

Во делот за земјава се очекува да се изрази поддршка на нејзината европска перспектива и да се повтори ставот изнесен во заклучоците од Самитот на ЕУ дека „Европската Унија е подготвена да ја заврши фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, веднаш штом таа ќе ја спроведе својата заложба за комплетирање на уставните измени во согласност со нејзините внатрешни процедури, како што е наведено во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година“.

Во делот на добрососедските односи, пак се очекува да се нагласи потребата од почитување на билатералните договори, вклучително и Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија.

Во основниот дел на Пакетот, ЕК ќе ја реафирмира својата посветеност на проширувањето како „геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот“ во услови на новата геополитичка реалност и да им сугерира на земјите аспиранти за членство максимално да ја искористат нова динамика во процесот.

Исто така, се очекува и да биде повторен ставот дека проширувањето е процес заснован на заслуги и на остварување на конкретни резултати и реформи, како и заложбите за поддршка на земјите аспиранти во исполнувањето на критериумите за членство преку соодветни инструменти, меѓу кои и Планот за раст на Западниот Балкан, и за унапредување на принципот на нивна постепената интеграција уште пред полноправното членство. Меѓу клучните реформски напори, веројатно бидат посочени оние поврзани со владеењето на правото, регионалната интеграција, добрососедските односи, помирувањето и решавањето на билатералните спорови.

Покрај за земјава, Пактот ќе содржи извештаи и за напредокот на Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Србија, Турција, Украина и Црна Гора.

ПредходнаХарис: Време е за нова генерација лидери на Америка
СледнаБорбата со азиската конкуренција му пресуди на „Фолксваген“