дома Балкан Напад врз софискиот театар: Така започнува фашизмот!

Напад врз софискиот театар: Така започнува фашизмот!

8
Напад врз софискиот театар: Така започнува фашизмот!

(Емилија Милчева за Дојче веле)

Фашизмот започнува со цензура и газење на слободата на изразување – како што е забраната на театарските претстави. Тоа во Бугарија го направија јуришници со развиорени национални тробојки, а официјалните власти не реагираа на варварството во храмот на уметноста, кое со недели се загреваше во медиумите и социјалните мрежи.

Претставата и Бугарите

Во една земја-членка на ЕУ, толпа националисти упаднаа во најголемиот театар и не дозволија над 700 луѓе да ја видат претставата на Бернард Шо бидејќи ги навредувала како Бугари. Полицијата запираше луѓе со билети на неколку метри од влезот на Народниот театар, блокирани од запенети патриоти со развиорени знамиња. Наместо да го стори спротивното. Но, за таа цел мораше да има наредби соодветни на ситуацијата. А бидејќи ги немаше, полицијата беше „санитарен кордон“ меѓу агитацијата на „бугарските херои“ и „јаничарите“, „евроатлантските изроди” и „џендерите“, како што извикуваа демонстрантите додека ги пееја „Шуми Марица“ и националната химна.

Забавната воена сатира „Луѓето и оружјето“, во режија на светски познатиот Џон Малкович, се одигра во празна сала, а настапот се пренесуваше во живо на платформата на една од најголемите телевизии – bTV, додека надвор толпата беснееше, пееше патриотски песни, а некои фрлаа камења и напаѓаа луѓе.

Откако се обиде да разговара со нив, директорот на Народниот театар Васил Василев се извлече со искината кошула и неколку тупаници, актерот Владо Пенев беше турнат, а аниматорот Тео Ушев, исто така со билет за претставата, стана предмет на уште поголема агресија. „Бевме клоцани, навредувани, плукани, полеани со разни течности, удирани со рачки од знаме“, напиша тој на социјалните мрежи за неговата последна ноќ во Бугарија пред да замине. Никој не е уапсен за нападите.  А билетите за пиесата се продадени до крајот на ноември.

Каде беше полицијата

Доколку следниот пат почнат да се палат книги во центарот на Софија, полицијата сигурно ќе ги чува кладите, како што ги чува потпалувачите на екстремниот национализам за време на нивните демонстрации. Со грб кон демонстрантите и со лицата свртени кон луѓето кои чекаат да влезат на претставата, униформираните лица не покажаа никаква иницијатива да го ослободат влезот во Народниот театар. Не се обидоа ниту да ги избркаат ултрасите, или барем да ги натераат оние што носат маски да ги извадат или да проверат кои од нив се полнолетни.

Заканите за тоа што ќе се случи и поттикнувањето омраза кон Малкович и претставата што тој ја режираше, траеја со месеци, но тие ескалираа пред премиерата. Доколку институциите, вклучително и државната служба за безбедност- ДАНС, не се во можност да ги предвидат избувнувањата на насилствата и да преземаат превентивни дејствија, од нив и нема особена корист. Ако ги предвиделе и оставиле конфликтот да ескалира, тогаш тие треба да се реформираат.

На кладата на омразата

Единствените политички формации кои досега го осудија погромот се ГЕРБ, „Продолжуваме со промените“ (ПП) и „Демократска Бугарија“ (ДБ). Тие го дефинираат нападот како цензура, напад врз слободата на говорот и слободниот креативен дух. Ниту една од овие политички сили не повика на оставки во своите изјави.

„Доколку денес има држава, ако денес има премиер, претседател и влада, тие ќе го заштитат правото на бугарските граѓани, правото на бугарските уметници слободно да ја изразуваат својата креативност“, изјави вчера директорот на Националниот Театар Васил Василев, речиси во солзи. Но, пред Народниот театар немаше држава.

Дали Народниот театар ќе ја задржи претставата на својот репертоар – или ќе ја симне? Ако таа не се игра повеќе, тоа ќе биде капитулација и сигнал дека општеството во Бугарија почнува опасно да се радикализира.

(Емилија Милчева е бугарската новинарка и коментатор на политичките настани во Бугарија)

ПредходнаKамерите на „Сејф сити“ ќе казнуваат од јануари
СледнаГо нарекуваше Трамп „идиот“ и „американски Хитлер“, сега ќе му биде потпретседател