дома Политика Најавено интензивирање на дипломатските канали пред декемврискиот Самит на ЕУ

Најавено интензивирање на дипломатските канали пред декемврискиот Самит на ЕУ

1
Најавено интензивирање на дипломатските канали пред декемврискиот Самит на ЕУ

  Интензивирање на дипломатските канали во текот на следниот месец, кога ќе се одржи и Самитот на ЕУ, во насока на презентирање на ставот на земјава за продолжување на процесот на евроинтеграција, најавуваат извори од кабинетот претседателката на државата на денешниот брифинг со новинарите.

Предвидени се разговори со повеќе земји-членки на Унијата, со цел уште подобро да се презентираат аргументите за уставни измени со одложено дејство. Пораката што ја добиле од досегашните вакви разговори, како што брифираат извори од кабинетот е: „вие сторивте се, сега ние сме на потег“. Вакви пораки биле добивани и на средбите во САД, но и во европските градови.

Сепак, исходот не е конечен и видлив, но она што може да се гледа како можно решение, велат истите извори, е во начинот на интепретација на Преговарачката рамка, која би останала таква, каква што е усвоена од сите 27 земји-членки на Унијата.

Поддршка за македонските предлози и аргументи, како што посочуваат истите извори, земјава има од државите од Вишеградската група, Белгија…, бидејќи како што појаснуваат и меѓу самите земји-членки има стравување дека овој преседан нема да остане само македонски и оти во овој мултирателарен свет, во кој постојано се менуваат влијанијата и позиционирањата на одредени сили, мошне е важно Европската Унија да размислува да остане компетитивна.

Извори од кабинетот посочуваат дека големо внимание се посветува на културната дипломатија, како заедничкото присуството на културни настани со бугарскиот претседател Румен Радев, а нагласуваат и дека претседателката Гордана Сиљановска Давкова добила покана од францускиот претседател Емануел Макрон да присустува на отворањето на обновената Катедрала Нотр Дам на 7 декември. Од кабинетот посочуваат дека не е договорена билатерална средба, туку станува збор за покана, која всушност ќе биде дел од активностите кои се преземаат во рамки на културната дипломатија. Сиљановска Давкова имала средба со Макрон и на маргините на Самиотот за мир во Украина, кој се одржа во јуни во Швајцарија, при што тогаш размениле идеи за значењето на филозофијата на Европската Унија, која, доколку не почива на принципи и вредности е празна.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев на маргините на Конференцијата за климатски промени – COP 29 во Баку, Азербејџан. Во разговорот

За неодамнешната средба со Радев на маргините на Конференцијата за климатски промени – COP 29 во Баку, Азербејџан, извори од кабинетот велат дека разговорот бил пријателски и конструктивен и дека двајцата соговорници ги изнеле своите позиции за можните решенија за предизвиците на македонските евроинтеграции.

Радев го споменал условот за продолжување на евроинтегративниот процес, но не на начин на кој потоа говорел за темата пред бугарските медиуми. Разговарале и за евентуална посета на Радев на земјава, но ќе се почека декемри за да се види како тоа би се реализирало.

По средбата Сиљановска Давкова-Радев во Баку, кабинетот излезе со официјално соопштение во кое наведе дека таа траела еден час и се одвивала во конструктивна атмосфера, било разговарано за потребата од унапредување на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и за можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од взаемен интерес. Претседателката ја подвлекла важноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа и притоа посочила дека треба да се почитуваат позициите и интересите на обете страни и дека решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на основните вредности и принципи на Европската Унија.

Сиљановска Давкова, како што посочуваат од кабинетот, нагласила дека односите треба да се развиваат врз основа на заемно почитување, поддршка и активна соработка што ќе придонесе за јакнење на довербата и пријателството меѓу двата народа.

Бугарскиот претседател Радев, како што беше наведено во соопштението на кабинетот, укажал на потребата од брзо решавање на отворените прашања, како и на потребата од воспоставување на добри односи во сите области од заемен интерес за полесно меѓусебно разбирање

Двајцата соговорници во разговорот, се беше наведено во соопштението од Кабинетот на претседателката, се согласиле за организирање на официјални посети на кои ќе се конкретизираат заложбите за подобра севкупна соработка меѓу двете држави.

Извори од кабинетот на претседателката велат дека во моментов нема потреба од свикување на седница на Советот за безбедност поради актуелните геополитички случувања – војната во Украина, но и случувањата на Блискиот Исток.

Државата е членка на НАТО, најмоќниот воено-политички сојуз и има заштита од чадорот, а за евентуално свикување на Советот за безбедност поради овие случувања претседателката се консултира со Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи и трговија, со Владата, а секако, додаваат извори од Кабинетот, сега придобивка е и тоа што за заменик-генерален секретар на Алијансата е избрана Радмила Шекеринска. Поприоритетно во моментов е загадувањето на воздухот, па доколку се свика седница би се свикала поради прашања поврзани со заштита на животната средина, додаваат истите извори.

ПредходнаСведочење на вработен во „Safe city“ за двојното убиство на Вања и Панче, судењето продолжува на 16 декември
СледнаМицкоски: До крајот на неделава ќе бидат дефинирани условите за унгарскиот кредит за стопанството