дома Балкан Бугарско вето по македонски рецепт и за Србија

Бугарско вето по македонски рецепт и за Србија

5

Бугарија и уште 7 земји од ЕУ вчера го блокираа отворањето на нов кластер за Србија од преговорите за членство во Европската Унија. Ова меѓу другото го соопшти и српскиот претседател Александар Вучиќ, каде тој во својата изјава наведе дека против отворањето на Кластерот 3 за Белград, покрај Бугарија биле и Хрватска, Холандија, Финска, Шведска, Литванија, Летонија и Естонија.

 Како главна причина за загриженоста на споменатите земји е очигледната неусогласеност на Белград со надворешната политика на ЕУ.

Српскиот претседател Вучиќ во врска со немањето согласност од членките на ЕУ за отворање нови поглавја во преговорите со Србија истакна дека тој многу не е изненаден од блокирањето на патот на Србија кон ЕУ и посочи дека важно е да се продолжи патот и покрај препреките.

Сепак, во исто време тој беше изненаден од ставот на официјална Софија, запрашувајќи се што ѝ згрешил Белград на Софија за бугарското вето.

„Да ме праша Господ што им згрешивме на Бугарите, немаше да знам да објаснам. Изгледа разбирам кои се вистинските причини, иако никогаш нема да ги слушнеме. А за Хрватите сè ми е јасно, немам проблем да сфатам. За нас има две важни вести – да продолжиме да се бориме и да разговараме со сите нив“, вели Вучиќ.

Инаку за потсетување, бугарскиот претседател Румен Радев при неговата неодамнешна посета на Србија, не само што се закани за блокирање на Белград на патот кон ЕУ, туку и прецизираше какви услови ќе се скенираат од бугарската влада при носењето на одлуките за Србија.

– Главниот критериум по кој ќе го судиме и поддржуваме напредокот на земјите од Западен Балкан е токму положбата на нашите сонародници во секоја земја. Условите за економски и социјален развој и пред сè нивната способност да го бранат својот национален идентитет, јазик, култура и историја – објасни Радев.

Бугарското малцинство – камен на сопнување и за Србија кон патот кон ЕУ?

Сепак, за да се разбере вчерашната одлука на Бугарија за ветото кон Србија, регионалните медиуми за оваа проблематика пишуваат дека одговор за тоа треба пред сè да се бара во пораките на бугарските политичари кон политиката на Србија дадени во минатото кога стануваше збор за правата на бугарското малцинство во земјата.

Имено, српски Блиц на оваа тема неодамна напиша дека ова е само продолжување на политиката на Софија на Балканот кога станува збор за заштита на бугарското малцинство во соседните земји.

Бугарскиот претседател Румен Радев во неговата последна посета на Србија најави дека неговата земја би можела да ја преиспита поддршката за Србија кон Европската Унија поради, како што рече, како Белград се однесува кон бугарското малцинство во земјата. Со оглед на тоа дека Софија има историја на блокирање на нови членови, прашањето е колку е моќен овој кренат прст? И, како може да изгледа тоа, наведува медиумот.

Што се смени оттогаш досега?

Српските аналитичари по оваа изјава беа поделени во ставовите, едни сметаа дека заканата е реторичка, додека други веруваа дека тоа може да се случи еден ден.

Бошко Јакшиќ, надворешнополитички коментатор, за „Блиц“ оваа изјава на Радев ја поврзува со последните настани во Генералното собрание на Обединетите нации во врска со Резолуцијата за Сребреница.

Бошко Јакшиќ/Фото: Слободен печат
– Ова е одговор на критиките на Белград во врска со гласањето на Софија во Генералното собрание на ОН. Историјата се повторува, дека секогаш постои членка на ЕУ што може да уценува. Таа закана е повеќе реторичка отколку што може да има значење, но и порака да се избегнуваат конфликти секаде каде што е можно – забележува Јакшиќ.

Заканата дојде ненајавена, но не треба да се игнорира со оглед на тоа што Бугарија пред три години стави вето на процесот за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, обвинувајќи ја владата во Скопје за говор на омраза кон Бугарите, вели аналитичарот.

Историјата се повторува?

На ова за српските медиуми потсетува и Сава Митровиќ, истражувач во Центарот за европски политики.

Сава Митровиќ, аналитичар – Извор: Принтскрин – Танјуг
– Не треба да се занемари фактот дека Бугарија, и покрај номиналната поддршка на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, веќе се обиде да ја искористи својата позиција како играч на вето за остварување на сопствените национални интереси, дури и кога беше на сметка на пошироките интереси на Унијата. Тој принцип најдиректно беше применет во сè уште актуелното блокирање на пристапниот процес на Северна Македонија и не би ме изненадило напредокот на Србија кон ЕУ во одреден момент да биде запрен со бугарското вето – посочува Митровиќ.

Бугарите како малцинство во Србија

Инаку, според последниот попис во Србија најмногу Бугари има во:

Босилеград – 4.075

Димитровград – 3.669

Белград – 899

Ниш – 774

Во цела Војводина – 1.123

ПредходнаАмериканската амбасада повика на почитување на независноста на судството во Македонија
СледнаЛавров: Русија е подготвена да се брани со сите средства