Денoвиве се навршуваат 6 години од смртта на Горан Стефановски, еден од најголемите писатели и драматурзи во историјата на македонската литература. Роден на 27 април 1952 година во Битола, неговото име и дело се тесно поврзани со еволуцијата на театарот и литературата не само во Македонија, туку и во цела Европа. Неговиот живот беше посветен на создавање на дела кои се инспирација и предизвик за многу генерации читатели и уметници.
Стефановски ја обликуваше македонската драматургија со своите познати дела како „Диво месо“, „Лет во место“, „Конзервирани импресии“ и „Тетовирани души“, „Чернодрински се враќа дома“, „Гоце“, „Сараево“ и многу други во кои длабоко го истражуваше идентитетот, културната историја и политиката. Неговите претстави беа изведувани на најголемите сцени во светот, а неговото влијание се чувствува и денес. Како професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје и на универзитетите во Велика Британија и Шведска, Стефановски ги воспитуваше новите генерации на драматурзи и театарски работници.
За уште еднаш да го прославиме неговото творештво, ве потсетуваме на:
Писмо до внуката – Горан Стефановски
Драга Калина
Внуко моја,
Ти пишувам писмо во првите часови по твоето раѓање, пред Коледе, во очи на Новата година, во дните на зимската краткодневица, најкратките денови во годината, кога сонцето запира зачудено, речиси паднато во бездна, пред одеднаш чудесно пак да реши да крене глава и да тргне угоре, како обновено божество на светлоста.
Со радост во срцето те поздравувам и брзам да ти кажам дека светот одново се раѓа со секое новородено детенце!
Сиот свет сега ти припаѓа тебе
и сè во него е твое!
Твои се земјата и луѓето и животните и
билките,
И морето и рибите
И небото и птиците
Твои се сонцето и ѕвездите
И твоја е месечината
Сѐ е твое!
Твои се четирите страни на светот
И исток и запад
и север и северозапад
А посебно југ
И немој да имаш тага за југ, туку ти самата биди југ,
И носи го во себе кај и да си,
Твои се и Охрид и Струга
Лондон и Цариград
И Мачу Пикчу и Кинескиот ѕид
И градот на Вардар
Твое е Дебар Маало
Твои се и Канео и Нерези и Матка
И иконите и ангелот од Курбиново
Твои се Битлси и Стоунси и Ерик Сати
и свитите на Бах за виолончело
Твои се оперите на Моцарт
Сѐ е твое!
И строгата и проста македонска песна
На твоите предци знајни и незнајни
Везот дебарски на Атлана и каменот ѕидарски на Стрезо
И тие сега се твои
И претставите што ги режираше прадедо ти Мирко
И улогите во кои играше прабаба ти Нада
Твоја е магијата на чичко ти Влатко, ем електрична, ем акустична
Сѐ е твое!
Сѐ ти е дадено на располагање
Твои се моите драми
За да ми кажеш еден ден па дедо, проблемите за кои си пишувал веќе се решени, со рака однесени,
македонските прашања се станати македонски
одговори со извичници, светот сега е чудесен!
Твоја е глаголицата на Кирил и Методиј
И кирилицата на Климент и Наум
Твој е македонскиот јазик
И Блаже Конески
И сета македонска книжевност
И бушавата азбука
Твои се и сите други јазици
И англискиот на Шекспир и албанскиот на Фрашери и
српскиот на Нушиќ и грчкиот на Омир и
бугарскиот на Вазов
За да осознаеш и почувствуваш однатре
За да умееш да ги поздравиш соседите по нивно,
како што е ред
Твои се Тарковски и Фелини и Рубљов и Амаркорд
И Чехов и Бекет
Твој е ептен Марко Цепенко
Твои се Силјан Штркот и сите триста самовили
Твое е да ме прашаш еден ден а зошто ви требале Ај-пад и Ај-под и Ај-Фон и Ај-Мак
покрај толку телепатија?
И зошто толку ве мачела
квадратурата на кругот,
Па решението го учевме во прво одделение!
Твои се рецептите за раванија и чомлек
И пастрмка со магданос
И посно гравче со нане
И дробена сува пиперка во расолница
И патлиџанот јабучар и крушките стегалки
Сѐ е твое
и ваше
На целата твоја генерација
Сѐ ти е на дофат
Сите придобивки
На демократијата
И човековите права
Сите широчини и височини и длабочини
И Непал и Катманду и Ацтеките
и Маите кои те пратиле да објавиш
дека ова не бил крајот на стариот свет
туку почеток на новиот
Твоја е добрата мисла
И сите добрини
кои ти личат и доликуваат
И да не куртулиш од нив
Твој е пламенот на мајка ти Пламена
И гордоста на татко ти Игор
И патешествието на баба ти Патриша
И јасновидноста на тетка ти Јана
Твои се сите мои плочи, синглови и лонгплејки
на винил касети и ЦД и ДВД
Сите мои книги сега се твои
сѐ што сум збирал со страв дека некој ќе ми го земе
Ти ќе патуваш без шубе дека ќе ти побегне возот
Ќе живееш со насмевка, во еден друг свет
без раскол и делби
без братоубиства
свет радосен, раскошен, возвишен
Ќе се сетиш на сите што поминале пред тебе
ќе ги видиш нивните лица ќе ги чуеш
нивните гласови,
ќе знаеш дека нивните маки довеле до твојата радост,
И ќе ги спомнеш по добро и ќе ги благословиш
Па ќе им расправаш на твоите внуки и внуци
за македонските работи, за шчо напраифме,
а што расипавме кога го губевме умот,
Па ќе нè подучиш што да напрајме за однапред
ако некој каже, овде има провалија
Ти кажи му, онде има мост!
Ако се најдеш пред гори високи
Ти стори се сокол пиле, прелетај ги!
Ако се најдеш пред реки длабоки
Ти стори се риба мрена, препливај ги!
Каљо Калино, момиче
Виши Каљо, црни очи
Извиши ги, на високо
На високо, на широко
Твој е сиот свет!
Да имаш срце
Срце-на срца срцата
цел свет да збере па да је за тија гради малечко
Манданата те имал и тебе во предвид, секако,
во оној благослов, во снегот, на Пирин Планина
Бреј луѓе, дете ни се роди во четава.
Ај да ми бидеш здраво и живо детуле, да пораснеш големо, на лице бело и црвено тетовско јаболко, на снага вита ела Пиринска, грлото бисер да ти рони, гласот да ти биде
како славејче.
И кога еден ден ќе гледаш во синото небо и ќе слушаш славеј,
спомни си за нас.
Спомни ја четата во која си се родило.
Таа чета се бори за твојата слобода
Моето име сега е твое!
Мојата куќа е твоја куќа, мојата крв си сега ти
Ќе те чувам и да се чуваш
и да се сочуваш и да нѐ дочуваш!
Се клањам пред тебе
Внуко моја
И пред неслутените величини
на животот кој ти претстои