Премиерот Христијан Мицкоски вчера од Брисел порача дека секој кој ќе отвори тема за идентитетските прашања не мисли добро на соседот, а уште помалку ги почитува европските вредности. Во двата договора стои дека земјите-членки треба безусловно да нè поддржуваат. Македонија никому не оспорува ништо и не сакаме нас да нè оспоруваат, порача вчера премиерот Христијан Мицкоски од Брисел. Техничкиот премиер на Бугарија Димитар Главчев, пак, вчера кажа дека можат да се водат секакви дијалози, но оти позицијата на Софија не е променета.
Мицкоски, кој во Брисел учествуваше на Самитот ЕУ – Западен Балкан, во интервју за МТВ истакна дека билатералната соработка е клучна кога се зборува за економска соработка, туризам, размената на know-how вештини, образованието и.т.н. и оти тука тој процес има додадена вредност.
-Доколку билатералните разговори и преговори се однесуваат на идентитетските прашања, тогаш тука тој процес никако не може да заврши успешно, бидејќи е поврзан со емоцијата, а не со рационалното. Секој оној процес којшто е поврзан со емоцијата не може да биде процес којшто ќе се темели на напредок, на квалитет и на испорака на резултати. Затоа, замолив емотивните билатерални прашања да ги оставиме на страна и да ги читаме правилно договорите. И двата договора велат дека земјите-членки коишто се втора страна, во едниот Грција, во другиот Бугарија, треба безусловно да нè поддржуваат. Никаде во Договорот за добрососедство не стои делот којшто нас нè обврзува на уставни измени. Потребно е правилно да ги гледаме работите, на вистината да ѝ погледнеме во очи, а не онака нас како што ни одговара, изјави премиерот Мицкоски.
Вели дека билатерална соработка треба да има онаму каде што има рацио, додека билатерална соработка каде што има идентитетски прашања не доаѓа предвид.
Мицкоски посочи дека неговиот полски колега Доналд Туск, во разговорот што го имал со него на Самотот ЕУ-Западен Балкан, го уверил дека приоритет на Полска, која го презема од 1 јануари претседавањето со ЕУ, ќе остане Балканот.
Тој додаде дека на средбата со Туск се согласиле дека мора да има опипливи резултати што сите ќе може да ги почувствуваат и истакна дека во работниот дел и на работната вечера меѓу лидерите имало отворена дискусија и дебати на кои биле кажани многу работи, а имало и споредби со минатото.
-Она кое што е важно да се напомене, што впрочем го кажа еден од премиерите на земјите членки, е дека според него, тој присуствувал на многу од овие самити, овој бил самит на којшто најотворено најдиректно и најискрено се кажани работите и од лидерите на Западен Балкан, но и од лидерите на земјите членки на ЕУ и такво беше и моето чувство, рече Мицкоски во интервјуто.
Тој рече дека влијателен премиер на држава, кажал дека и во 2004 година кога имало голем бран на проширување на ЕУ, може да се каже дека ниту една од тие земји коишто станаа членки, не ги исполнуваа критериумите согласно поглавјата, согласно кластерите. Но, премиерот, како што рече Мицкоски, предочил дека постоела храбра политичка одлука пакетот да се затвори, односно сите тие земји да станат членки на ЕУ.
-Па така и сега очекувам дека ќе се создадат услови за една храбра одлука од страна на ЕУ да можат сите земји од Западен Балкан наеднаш да бидат примени во рамките на ЕУ, истакна Мицкоски.
Шефот на бугарската техничка Влада, Димитар Главчев во Брисел, каде учествуваше на Самитот на ЕУ, вчера, пак, изјави дека на премиерот Христијан Мицкоски му порачал дека треба да се намали „острината на изјавите“, пред се од македонска страна, бидејќи, Бугарија „ништо и не кажува“.
-Јазикот на омразата не треба да продолжи. Можеме да водиме секакви дијалози, но нашата позиција не е променета, рече Главчев.
Според него, иако нема промена на бугарската позиција, сепак е добро да се почне да се разговара за европските односи со добар европски тон, каков што треба да се користи меѓу држава членка и кандидат за членство во Европската Унија.
Запрашан на кој јазик разговарале со Мицкоски, Главчев одговори дека тој зборувал на бугарски, додека ќе треба да го прашаат македонскиот премиер „на кој јазик говори“.
Главчев завчера кажа дека Бугарија го поддржува проширување на ЕУ со Западниот Балкан врз принципот на почитување на условите за прием во Унијата.
– Конкретно кога станува збор за Северна Македонија, го имаме т.н. компромис од 2022 година, направен од наша страна. Тој е веќе европски (услов), потпишан од сите држави членки на Европската Унија, вклучително и од Бугарија како земја членка, плус од Северна Македонија и нема за што да преговараме. Нашата позиција е непроменета, рече Главчев.
Главни теми на Самитот ЕУ-Западен Балкан беа имплементацијата на Планот за раст на регионот, напорите за регионална интеграција, можностите за натамошно унапредување на постепената интеграција меѓу Европската Унија и регионот, како и заедничките геополитички предизвици.
Во завршната „Бриселската декларација“ од Самитот се нагласува дека иднината на Западниот Балкан е во ЕУ и затоа учесниците на средбата уште еднаш ја потврдуваат својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на регионот во Унијата.
– Проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Од нашиот последен Самит има нова динамика во процесот на проширување и забележителен напредок. Забрзувањето на пристапниот процес, заснован на кредибилни реформи од страна на партнерите, правична и ригорозна условеност и принципот на индивидуални заслуги, е во наш заеднички интерес, се наведува документот.
Во него се посочува дека помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се сржта на Европската Унија, па затоа од суштинско значење е спроведувањето на меѓународните договори со добра волја и со видливи резултати, вклучително и на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
– Се уште се потребни решителни дополнителни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и за изнаоѓање и спроведување на дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашањата вкоренети во наследството на партнерите од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и со Договорот за прашањата за сукцесија, како и за случаите на исчезнати лица и прашањата за воените злосторства, се вели во „Бриселската декларација“.