Мојата порака е нека се сконцентрираат, нека си ги корегираат пораките во јавноста, затоа што и самите се збунети, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со обвинувањата на СДСМ дека има политички договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби кој со поранешниот директор на Лотарија се осомничени за проневера на околу осум милиони евра.
– Ако се врати дали ќе се извинат? Прво викаат „едните отидоа, другите дојдоа“, потоа дека „мали риби ловиме“, па сега дека имаме договор со ДУИ. Човек навистина не знае што да им одговори. Чудно е тоа кога потсвеста ти работи, затоа што тоа си го правел и сега мислиш дека сите тоа го прават. Мојата порака е нека се сконцентрираат, нека си ги корегираат пораките во јавноста затоа што и самите се збунети, изјави Мицкоски пред почетокот на настанот во Министерството за односи меѓу заедниците по повод Денот на наставата на турски јазик.