дома Политика ДУИ е криминализирана и искомпромитирана, Груби е на црната листа на САД,...

ДУИ е криминализирана и искомпромитирана, Груби е на црната листа на САД, и наместо да направат рез и да се променат, тие праќаат збунувачки пораки, вели Мицкоски.

5

 

Во вечерашното издание на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува“, претседателот на Владата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати сериозна критика кон ДУИ, посочувајќи дека партијата се наоѓа на пат на радикализација и криминализација.

Според Мицкоски, стратегијата на ДУИ е погрешна, а перцепцијата на јавноста за партијата е драстично изменета во споредба со минатото.

„Мислам дека ДУИ е политичка партија која што во моментот претставува опасна закана и претставува радикален милитанен елемент, не само овде кај нас во Македонија, туку и регионално“, изјави Мицкоски, додавајќи дека тие не се свесни дека времињата се драстично променети и дека нивната стратегија од пред 17-18 години повеќе не е применлива во денешниот контекст.

Мицкоски истакна дека денешната политичка и јавна перцепција за ДУИ, како во Македонија така и кај стратешките партнери на Македонија, е сосема различна од она што било во минатото. Мицкоски упати сериозни забелешки за начинот на кој ДУИ продолжува да функционира, а особено критичен е случајот со Артан Груби, кој, како што истакна, е ставен на црната листа на санкции на САД поради корупција и криминал.

„Бидејќи ирелевантно и тотално е неважно што ВМРО-ДПМНЕ мисли, ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која што си има свој став, и разбирам дека можеби за нив е тоа ирелевантно. Но треба да бидат свесни дека ставањето на Груби на листата на санкции на САД, поради причини кои се тесно поврзани со криминал и корупција, автоматски подразбира дека целокупната нивна структура е контаминирана со криминал и корупција во очите на нашите стратешки партнери“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски додаде дека ДУИ, наместо да направи кадровски и програмски рез, обидувајќи се да се ослободи од контаминираните елементи и да понуди нова програма, продолжува да упатува збунувачки пораки.

Според Мицкоски, ДУИ се уште не се откажала од своите стари тактики, вклучително и обидите да се оправдаат со политички прогон во врска со санкциите на Груби.

„Пораката им е збунувачка и во ова бунило, тие почнуваат да бидат се порадикални и порадикални и да се закануваат, мислејќи дека на тој начин некој ќе се исплаши. Мислам дека грешат, но тоа е нивно суверено право, ова е демократска држава“, изјави Мицкоски.

Мицкоски додаде дека иако ДУИ има демократско право да води своја политика, доколку не ги користи демократски инструменти, државата ќе мора да реагира.

„Се додека некој ги користи демократските инструменти за водење политика и начини, тоа е прифатливо. Првиот момент кога нема да ги користи, тогаш ќе мора државата да реагира“, заклучи Мицкоски.

ПредходнаНајмалку 179 загинати во авионската несреќа во Јужна Кореја
СледнаКРТОТ на КРИМИНАЛНИОТ КЛАН „БЕЛАНОЦА-БАРОН“заменик министерот на ДУИ Буши и неговиот син