Шефот на ХДЗ, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ синоќа зборуваше во изборниот штаб на претседателскиот кандидат Драган Приморац, но не од говорницата, тврдејќи дека разликата од 30 проценти во поддршката во корист на актуелниот претседател Зоран Милановиќ не е непремостлива.
„Мило ми е што нашиот кандидат влезе во вториот круг. Од утре има нова игра, нови две недели. Веруваме во победнички резултат за две недели. Милановиќ нема програма. Преовладувааше медиумската теза дека сите јајца не треба да бидат во ист кош. Ги потсетувам сите граѓани на достигнувањата што ги постигна владата – сето тоа го направи владата, а не Милановиќ. Не сакаме да не влечат кон Русија, сакаме Хрватска да тргне во вистинската насока“, рече Пленковиќ.
Тој додаде дека Приморац сакал да биде претседателски кандидат и дека ниту еден друг водечки човек во ХДЗ не сакал да влезе во тој натпревар.