– Словачкиот премиер Роберт Фицо во отворено писмо до раководството на Европската унија изјави дека премолченото прифаќање на одлуката на украинскиот претседател Володимир Зеленски да го запре транзитот на гас од Русија од 1 јануари е „апсолутно ирационално и погрешно“ и ќе доведе до „тензии и реципрочни мерки“.
Фицо ги замоли претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, „да ѝ дадат соодветно внимание и итно значење на оваа невидена ситуација“ во име не само на Словачка, туку и на целата ЕУ, пренесува словачкиот портал Стандард.
– Убеден сум дека во интерес на сите граѓани на Европската унија е европските напори за поддршка на Украина да бидат рационални, а не во форма на самоуништувачки и крајно штетни гестови за Европа, нагласи претседателот на Словачка влада.
Како што потсети, украинскиот лидер Володимир Зеленски без отворена консултација со властите на Европската унија или заинтересираните земји-членки најави дека по 1 јануари 2025 година, Украина нема да обезбеди никаков транзит на гас преку нејзината територија во правец на Словачка и за други корисници во Западна Европа.
– Укажувам на едностраноста на оваа одлука, бидејќи Европската комисија во своето писмо од декември оваа година, меѓу другото, упатено и до вицепремиерот на Република Словачка Дениса Сакова, јасно кажа дека склучување договори за снабдување или транзит на руски гас во оваа фаза не е забранет со закон, бидејќи не е предмет на санкции, додека увозот на руски гас во моментов не е забранет со други одредби од правото на ЕУ, напиша Фицо.
Тој потсети дека на Украина и биле претставени и други варијанти за транзит на гас, освен рускиот, но дека и „Володимир Зеленски ги одбил“.
Словачкиот премиер во писмото наведува дека им се обраќа на лидерите на ЕУ не само во име на земјата која ќе биде „значително финансиски оштетена“, туку и како премиер на земјата која „активно учествува во виталните дискусии за тоа како да се реши проблемот со намалената конкурентност на ЕУ во однос на другите региони во светот“.
– Неоспорно е дека едностраната одлука на украинскиот претседател ќе има значително негативно влијание врз заедничките европски напори да се одржи чекор со земјите во светот кои брзо се развиваат, предупреди Фицо.
Тој нагласи дека едностраното запирање на транзитот преку Украина до Словачка ќе ги чини европските граѓани, бизниси и инфраструктура десетици милијарди евра годишно.
– Загубата на Руската Федерација ќе изнесува само околу две милијарди евра, односно приближно само три отсто од сите загуби на 27-те земји-членки на ЕУ, оцени тој.
Фицо истакна дека толку мал обем на гас Русија без тешкотии ќе го пласира на други пазари, така што, како што наведе, „износот на загубите за Русија може да биде блиску до нула“.