Премиерот Христијан Мицкоски во новогодишното интервју за МИА нагласува дека е подготвен во секое време да разговара со кој било политички актер, кој има каква било идеја, која води кон национално помирување за државните стратешки интереси.
Мицкоски нагласува оти е добро што идејата за заедничка стратегија, на која повика тој самиот, а потоа и коалицискиот партнер ЗНАМ преку предложената Платформа, но и лидерот на опозицијата Венко Филипче со предлагање на натпартиска стратегија, е се поприсутна и се втемелува во јавноста.
Со Филипче досега не искомуницирал за оваа тема конкретно, но, како што посочува, имаат чести средби и разменуваат по некоја реченица, како и со останатите политичари во Собранието додека се одржуваат пратеничките прашања.
-Ќе ве потсетам дека во мојот говор уште на 23 октомври – Денот на Внатрешната македонска револуционерна организација повикав на ваков тип на обединување кое што ќе кулминира со заедничка соработка која што би ја имале политичките чинители и Македонската академија на науките и уметностите, да креираме една долгорочна стратегија за неколку децении однапред за да знаеме што треба да направиме и каде треба да се стремиме како држава. Добро е што е ова се’ поприсутно во јавноста, добро е што зафаќа темел, има свој корен и добро е да имаме ваков тип на дебати во коишто ќе имаме национално обединување и јас тоа го поздравувам. Се разбира и секогаш сум подготвен да разговарам со секого којшто има било каква идеја или предлог којшто значи национално помирување, да ги немаме оние дневни ад хоминем политички разлики, нагласува Мицкоски во интервјуто за МИА.
Со премиерот разговаравме за првите месеци од неговото раководење со Владата, за тоа што е сработено и за она што тој го смета за најголем успех изминативе повеќе од шест месеци. Вели имало многу мали ситни успеси, коишто навидум можеби не влегуваат во оптиката на граѓаните, но генерално кога би ја заокружил работата на Владата во овој период, како најголемиот успех го истакна стабилизирањето на состојбата и постепеното доближување кон кота нула, која што очекува да се случи напролет околу март/април.
-Не би можела Македонија да се развива онака како што ние сакаме ако не ја стабилизиравме состојбата. И тоа по мене беше нешто кое што беше најголем предизвик, бидејќи да не бидам јас субјективен и да давам оценки, судот на јавноста беше таков каков што беше дека буквално седум години уназадувавме, буквално седум години бевме во сигурен, но стабилен слободен пад. На 8 мај на изборите и претседателски и парламентарни гласно зборуваа граѓаните и таа нивна гласност беше резултат на тие погрешни политики коишто беа водени. Така што, тоа беше еден од клучните предизвици. Не сакам тука да споменувам дека владината сметка, тој 24 јуни пред нешто повеќе од шест месеци беше околу 12 милијарди денари во минус за да денеска сме неколку милијади денари во плус што значи тој долг сме го вратиле, работиме на создавање на нова вредност. Потоа, предизвик беше ребалансот, НАТО самитот во Вашингтон, борбата што ја водевме надвор од земјава, борбата што ја водевме во Берлин, Брисел, Вашингтон, Лондон. Секаде буквално каде што одевме да ги вратиме позициите оние коишто претходно беа распродадени или загубени. Борбата дома? Борбата дома беше многу динамична во делот на обезбедување ликвидност во буџетот, средства во економијата да можеме да ги зголемиме пензиите, да можеме да сметаме на зголемување на платите на здравствените работници, на образовните работници, субвенциите коишто доцнеа за пензионерите. За првпат е исплатен К-15 на повеќе од 83 илјади административци итн, посочува Мицкоски.
Односите во владината коалиција ги оценува како исклучително квалитетни, на едно високо ниво, а сите недоразбирања, како што истакнува, ги надминуваат со разговор. Вели довербата се гради и тој процес продолжува и во моментов е исклучително задоволен од членовите на Владата и не размислува за каква било кадровска промена.
За тезите на ДУИ дека со укинувањето на балансерот и ставањето на Законот за употреба на јазиците дневен ред на седница на Уставниот суд, се поткопуваат темелите на мултиетничката држава, но и Рамковниот договор, вели дека за жал партијата која што се претставувала дека е зелена, либерална партија повторно се обидува преку етнички тензии и поларизација да го привлече вниманието во јавноста.
– Она што многу повеќе ме загрижува што никако да се завртат кон самите себе и да сфатат каде грешат, бидејќи на дневна основа ги губат своите позиции и оние мали коишто ги имаа кај нашите стратешки партнери затоа што ова што претставува нивна реторика, нивна порака во јавноста дополнително ги оддалечува од демократските процеси и ги става во друштво на радикални елементи, опасни за безбедноста во регионот. А тоа не е така едноставно. Ако некој мисли дека вака со гол популизам и дневна реторика на поделби и тоа создавање на етнички тензии, а притоа мотивот е да бидат во оптиката на јавноста за да може да заштитат некои процеси коишто се случувале во минатото за коишто постои основано сомневање дека тие процеси се полни со криминал и корупција, тогаш тоа е навистина проблематично бидејќи не можат никого да убедат во тоа што го зборуваат бидејќи тоа не го чувствуваат македонските граѓани, туку знаат дека оваа група за да го сокрие она кое што е поврзано со основани сомневања за сторен криминал и корупција во минатото користи и злоупотребува ваков тип на теми и затоа нема гласност, вели Мицкоски.
За поддршката која ја добија од ДУИ за законите за двотретинско мнозинство, кое е потребно и понатаму за некои клучни реформи, Мицкоски нагласува дека поддршката ја очекувал од сите партии, особено кога се гласала организацијата на државната управа. Вели секаде за вакви промени не се бара двотретинско мнозинство, таквата реогранизација е пракса во почетокот на мандатот на една влада, посебно на влада која што добила силен легитимитет на избори. Но кај нас, вели, таков е Уставот, а дел од опозициските партии не дале поддршка за, како што нагласува, потоа преку дневна политика да бараат алиби за своите неуспешни политички потези во минатото и да речат еве и овие се исти како нас, прашање на време е кога ќе бидат во коалиција со ДУИ.
– И еве, поминуваат недели, месеци, години ќе поминат ќе сфатат дека тоа кај нас не функционира, вели Мицкоски, а за можна коалиција со една реформирана ДУИ за претстојните локални избори нагласува дека не може да се исклучи коалиција со ниту една политичка партија, но потенцира дека во моментов имаат стабилна владина коалиција и искрен однос меѓу владините партнери.
За тоа дали има комуникација со лидерот на ДУИ Али Ахмети и во светло на последните случувања со бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој е осомничен во случајот со Државна лотарија, вели има комуникација како и со сите други во рамки на Парламентот и неговите редовни присуства на седниците за пратенички прашања, но, како што нагласува, посуштинска средба немале.
За споредбите меѓу бегствата на Груби и тоа на Груевски и колку системот потфрла кога ќе се соочи со високо профилирани личности осомничени за корупција, вели во право е јавноста кога бара сличност помеѓу двете лица во делот на отчетност пред правдата, но и на чекорите што потоа ги гледаме. Проблемот, вели, не е целосно во системот, туку и во човечкиот фактор затоа што се уште имаме партизирани институции.
-Тука не би можел да кажам дека е целосно системски проблемот. Тука повеќе ставам влијание на човечки фактор заедно со проблемите во системот и ова нема да бидат последни случаи. Ќе има во иднина уште вакви случаи. Ако некој мисли дека ова ќе бидат последни нема да бидат за жал поради партизираните институции коишто се дел од системот. И поради би рекол должноста на поединци кон некои политички моќници коишто се заслужни зошто тие поединци се наоѓаат во овој систем па тие во знак на благодарност се трудат да им бидат лојални до самиот крај. Но, тој живот е скап живот. Тој живот е неизвесен и тоа е живот којшто јас не би го посакал никому да сте бегалец од правдата таму некаде далеку надвор од семејството, надвор од дневните рутини и слично, да не можете да дојдете, нагласува Мицкоски.
Конкретно во случајот со Груби нагласува дека повеќе го загрижува тоа што, како што првично излезе во јавноста, Ахмети знаел каде се наоѓа Груби.
– Во еден систем којшто функционира, а се надевам дека нашиот се уште функционира, посебно судско обвинителскиот систем и покрај би рекол најниската оценка од страна на граѓаните, логично е тоа лице кое што знае, има податоци или информации каде се наоѓа бегалецот од правда, да го повикаат, да поразговараат со него и да ги даде тие информации бидејќи Артан Груби е бегалец од правдата. Ако Али Ахмети има информации треба од Обвинителството да го повикаат да допре тој глас до нив и да го повикаат на информативен разговор и да слушнат од него каде се наоѓа, посочи Мицкоски.
За повеќето полициско обвинителски акции во сферите на високата корупција, криминал, теорористичката ќелија и за тоа дали очекува брз и ефикасен епилог или повторување на минатото и развлекување на случаите, премиерот нагласува дека сето она кое што зависи од Владата и од институциите коишто се под надлежност на Владата како извршна власт, ќе ги завршат беспрекорно, а потоа на потег се правосудните органи.
– Факт е дека уставно загарантирана норма е пресумпцијата на невиност, но исто така овие работи треба да функционираат по еден нормален тек, а тоа е институциите и органите на прогонот да спроведат истрага, да обезбедат докази итн., а судовите да судат понатаму доколку констатираат дека тие докази се доволни за отпочнување на процес. Така што, дали ќе бидат развлекувани, дали ќе дојде правдата како што сите ја очекуваме тоа не зависи од извршната власт и од Владата. Наше е да ги обезбедиме сите неопходни докази како институции и да ги доставиме до обвинителството и судството. Понатаму, судската власт е таа која што треба да го води процесот и да го заврши, порачува премиерот.
За реформите на правосудниот систем, кој има ниско ниво на доверба кај граѓаните и за тоа дали останува на ставот за целосно распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, Мицкоски вели дека овој Судски совет ваков каков што е, можеби има легалитет, но не и легитимитет кај граѓаните.
-Тој можеби има легалитет, но нема легитимитет бидејќи кредибилитетот им е уништен, довербата е едноцифрен број проценти, довербата е на историско најниско ниво и она кое што е важно е дека ако нема свесност помеѓу нив самите да заминат, тогаш мора ние да преземаме некакви чекори за да може тие да заминат. Но, тоа не значи дека сега едни луѓе коишто ја довеле ситуацијата и состојбата ваква каква што е да ги замениме со други коишто тоа ќе го продолжат. Кадровскиот потенцијал којшто треба да го освежи ова тело или оваа институција навистина треба да биде со импозантна цел и агенда пред себе, но и институционална меморија позади себе, односно да има биографија, тежина тој којшто ќе биде таму, затоа што ако ние едните ги замениме со други, а останат навиките исти и начинот на однесување не сме направиле ништо. Истото и за нас ќе се случи еден ден, ќе заминеме и ние, ќе дојдат некои други итн. Затоа што, кога ќе дојдат тие смени, а кога ќе дојдат како резултат на смената во Парламентот во кое што мнозинство е оваа Влада и ако нема некакви позитивни промени тогаш ние ќе бидеме виновни и сите ќе речат – еве, исти се, а тоа не е наша цел. Ние не сакаме тоа да го правиме, порачува Мицкоски.
За постојаните обвинувања дека секоја власт се обидува да го партизира судството и дали целосен ветинг можеби е најдоброто решение по примерот на Албанија, Мицкоски вели дека тој смета дека тоа не е начинот и дека имаме одлични закони, но потребно е само да се ослободат обвинителите и судовите од партиските стеги.
– Ова Вие што велите да не бидат во грч и да мора на партиски моќници или некој друг тип на моќници да им служат. Ние треба само да ги ослободиме и на тој начин тие ќе почнат да се однесуваат онака како што би требало да се однесуваат, односно да обвинуваат и судат по закон и Устав, вели Мицкоски.
Во врска со предметот што го отвори Обвинителството за неговата изјава дека како лидер на опозицијата бил следен како организатор и финансиер на праполициска организација и до каде е тој процес, Мицкоски вели дека во интерес на истрагата не би зборувал за многу детали поврзани со овој случај.
– Но, она што мене ме загрижува е храброста со која овие институции коишто треба да се грижат за безбедноста на државата ги злоупотребуваат практично механизмите со коишто располагаат за да политички се пресметуваат со опозициски водачи, во случајот јас како претседател на најголемата тогаш опозициска, па еве земете како сакате и политичка партија. И тука целосно е нарушена мојата приватност. Мислам во Македонија ова не смее повеќе да се случува. Ако сакаме да одиме напред не смееме да дозволиме такви инсталации, јас би рекол комунистичко-болшевички да ги контаминираат нашите институции, посебно оние институции коишто треба да се занимаваат со безбедноста на државата, изјави премиерот.
Очекува она што ќе го потврди внатрешната истрага да допре до Обвинителството, да се декласифицира во еден судски процес и тие кои што се одговорни за тоа да бидат изведени пред лицето на правдата.
Останува на ставот дека нема ништо спорно во именувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ во светло на последните случувања во Државната комисија за спречување на коруцијата, каде се оценуваше дипломата на Христовски, а во јавноста се спореше тоа што предметот го разгледувала Цвета Ристова, која како што кажа претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска самата поднела барање за изземање од постапката во момент кога пристигнала претставката со наводите за сомневања за валидноста на дипломатата од Универзитетот Скопје, кој и бил распределен по електронски пат.
– До ден денеска не можам да разберам зошто се обидуваме да ставиме сенка на еден процес којшто е кристално чист. Се спореше неговата диплома, освен Тоефелот, се докажа дека ниту едното ниту другото не е спорно и сега повторно на дневна политика ја сведуваме темата која што е поврзана со институција која што е поврзана со безбедноста на државата. И тоа не е јавен интерес. Јас разбирам што е јавен интерес, но тоа не е јавен интерес. Во ред, ете се постави прашањето, се затвори прашањето и сега во потрага по сензација со сила да креираме скандали се прави ваква јавна дебата од поединци, не е тоа од сите. Тука пред се мислам и на неодговорното однесување на опозицијата. Но, во ред. Тие ако така мислат дека треба, ние немаме од што да се плашиме, подготвени сме за јавна дебата, вели Мицкоски.
За натамошниот пат на евроинтеграциите и пораките од последниот самит во Брисел вели дека европските лидери не го нарекуваат процесот повеќе проширување, туку повторно обединување на Европа со овој дел којшто недостасува, а тоа е Западен Балкан.
– Како и секаде дома, така и надвор, се обидувам да ги презентирам нашите аргументи да се борам со аргументите на вистината, чувствата коишто ги имаат нашите македонски граѓани за сето она кое што се случуваше во минатото што се’ требаше да направиме. Неизвесноста, за иднината бидејќи повторно имаме билатерални пречки, стравувањата од сето тоа и покрај тоа што можеби сме направиле како ниту еден народ којшто пристапил во таа Европска унија ние се уште не сме ни милиметар поблиску кон Европската унија од тоа што бевме речиси пред 20 години кога се стекнавме со статусот кандидат и тоа не поради тоа што сме толку лоши, не испорачуваме реформи и слично, туку најчесто се тоа билатерални проблеми, нагласува Мицкоски и додава дека имаме и внатрешни проблеми што треба да се решаваат.
Нагласува дека реформи се потребни, но не смее да се дозволи билатерализација на процесот, односно билатералните проблеми да бидат одлучувачки критериум дали една држава ќе оди напред или нема да напредува, каков што е случајот со нашата.
За тоа дали има поддршка за уставни измени со одложено дејство или можеби во игра е и некое друго креативно решение, Мицкоски нагласува дека не постои ниту еден државен политичар, човек од Брисел или од светот на кој кога ќе му се кажат аргументите и предлогот, кажале „не“.
-Сите велат – фер, разумно, тоа е тоа. Факт е дека состојбата кај нашиот источен сосед немањето се уште влада, стабилна влада, фактори на одлучување и сето тоа кое што е таму реалност го отежнува процесот и тогаш одлуката најчесто е – абе знаете Софија не го прифаќа тоа. И ние постојано аргументираме дека тој предлог не е спротивен на заклучоците, повторно ги кажуваме нашите аргументи за сето она кое што во минатото, за сето она кое што го очекуваме да ни се случи во иднината, како би можеле ние сега да им објасниме на нашите граѓани дека ќе го менуваме Уставот поради оваа причина, поради овој аргумент дека неколку стотини наши сограѓани коишто за себе велат дека се дел од бугарската заедница треба да влезат како конститутивен елемент, а десетици илјади наши сограѓани во минатото и стотици илјади Македонци во Бугарија не можат да основаат ниту невладина организација, вели Мицкоски.
Подготвен е во 2025. да се сретне со високи бугарски претставници за да ги разгледаат сите можности, но вели истовремено по секоја цена нема да бара решение, кое што дополнително ќе ни го отежне овој процес. Вели дека секој договор мора да има јасен и предвидлив крај и затоа се обидуваат да репреговарат почетокот на процесот да биде и крај.
За тоа дека во ЕУ одлуките се носат со консензус и дека и држави кои ги завршиле преговорите може да се соочат со блокада, Мицкоски вели дека тоа е во ред доколку блокадите произлегуваат од реалните проблеми.
-Сето она кое што започна уште во времето кога нашиот јужен сосед континуирано не’ блокираше и во НАТО и во ЕУ поради билатерално прашање, тоа беше прашањето со името итн., сега полека но сигурно стана пракса. И тука е проблемот кај самата Европска унија затоа што наместо да се видат позитивните искуства од минатото, такво едно позитивно искуство беше спорот помеѓу Хрватска и Словенија и наместо на тој начин да се водат и овие билатерални спорови, кај нас што се случи – билатералиацијата стана алатка, односно наместо ние да станеме Европејци, Европејците станаа Балканци и тоа е најголемиот проблем сега кај нас. Практично, процесот на пристапување на преговори се балканизираше. Наместо ние да се европеизираме, процесот се балканизираше поради ваквиот начин на одлучување. Затоа мораме заедно да работиме надвор, но истовремено ќе повторам приоритет да ни биде решавањето на домашните задачи, порачува Мицкоски.
На 18 јануари заминува за САД, каде меѓу друото ќе побара поддршка од стратешкиот партнер за евроинтеграциите. Предвидени се, како што кажа, многу средби и разговори со водечките луѓе од администрацијата во Вашингтон.
– Покрај Брисел, Вашингтон е исклучително значајно место за нас како држава и за нас како Влада. Навистина ќе имам квалитетни средби од тоа што е досега договорено со водечките луѓе од администрацијата во Вашингтон и очекувам да го привлечам вниманието и со поинаква оптика да гледаат кон Балканот. Мораме прво регионално да го привлечеме вниманието, односно оптиката на Вашингтон да гледа кај нас како регион, не како единка во тој регион. Да, важна единка, природна раскрсница, срцето на Балканот, но сепак ако го гледаме Балканот како целина, како регион, тогаш низ оптиката на Вашингтон поубаво можеме да ги гледаме работите и сакам сето тоа да го презентирам таму кои се предностите коишто ние како мала, убава земја во срцето на Балканот ги нудиме, но и кои се предизвиците за регионот, вели Мицкоски.
Во однос на зголемувањето на минималната плата вели дека тоа ќе се случи согласно законските прописи и таа ќе биде на ниво од над 24 илјади денари, а во однос на барањата таа да достигне 450 до 500 евра, вели доколку работодавачите и работниците се согласат за поголемо зголемување можат многу лесно законски да интервенираат и како Влада тоа ќе го прифатат. Ова прашање ќе го отворат на следниот Економско социјален совет, што ќе се одржи во текот на месецов.
И покрај препораките на Фискалниот совет и на Светската банка за зголемувањето на старосната граница за заминување во пензија на 67 години, останува на ставот дека такво нешто нема да се случи. Не е планирано ниту зголемување на давачките за пензиското осигурување, ниту на ДДВ-то што исто така беше дел од препораките на СБ.
-Апсолутно останувам на ставот, тука не треба никој да има никаква дилема…Ние сме фокусирани на политики коишто ќе значат намалување на сивата економија, намалување на даночната евазија, повеќе пари да собереме во буџетот, истовремено раст на економијата и повеќе пари да собереме на тој начин во буџетот како би можеле сето ова да го сервисираме за што во моментот морам да кажам дека сме апсолутно ликвидни, дури после долго време имавме и суфицит во буџетот во еден месец, мислам дека беше октомври месец, од прилика 17 милиони евра, не беа милијарди и 200-300 милиони, така што најлесно е да удриме на грбот на граѓаните. Тоа нема никогаш да го направиме, ако не ги исцрпиме сите можности коишто ги црпиме затоа што оваа Влада е избрана со огромна доверба од страна на граѓаните и таа доверба не смее да ја изгуби со тоа што ќе води дволични лицемерни политики, туку стабилни политики, политики коишто се предвидливи и политики на долг рок, вели Мицкоски.
Оваа година најавува дека ќе биде исклучително квалитетна во делот на привлекувањето на странските инвестиции, преговараат со 15 компании. Во моделот на привлекување се менува делот на законските одредби, стимулацијата, односно поддршката на странските инвестиции, но тоа нема да биде драматично различно од тоа што било досега, туку едноставно, како што појаснува, се обидуваат да го диверзифицираат тоа инвестициско портфолио во гранки што имаат висока додадена вредност.
– Но, она што е важно и што треба за нас да претставува предизвик каде ние ја гледаме македонската економија во овој сегмент за 10, 15, 20 години од денес, бидејќи ваквиот начин на привлекување на странски инвестиции којшто започна пред би рекол еве можеби 20-ина години сега веќе ги исцрпува своите можности, го достигнува својот пик, би рекол врв и сега ние треба да видиме како би го диверсифицирале сето ова, целосното портфолио во иднина и каде во иднина ние ја гледаме македонската економија во делот на странските директни инвестиции, вели Мицкоски.
За историската инвестиција за која говори изминатиот период вели дека се во фаза на завршни преговори со компанија од многу моќна земја членка на Европската унија, со која што преговараат за инвестиција помеѓу 350-360 милиони евра во делот на напредната технологија, односно во делот на производство на батерии.
Во продолжение следува целото новогодишно видео интервју со премиерот Христијан Мицкоски:
Ана Цветковска
Видео и монтажа: Аслан Вишко и Владимир Рабасовиќ