дома Општество Судијата Александар Камбовски е нов претседател на Судскиот совет

Судијата Александар Камбовски е нов претседател на Судскиот совет

4
Судијата Александар Камбовски е нов претседател на Судскиот совет

  Судијата Александар Камбовски е нов претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Советот денеска на 510-тата седница со 13 гласа го избра Камбовски, кој доаѓа од Апелација Битола и беше избран за член на Советот во јуни минатата година.

По изборот за претседател Камбовски, се заблагодари за укажаната доверба и порача дека ќе работи да ја опрадава.

– Искрено се надевам дека заеднички ќе успееме да ги постигнеме највисоките стандарди на професионализам, непристраснот и стандарди кои се однесуваат на зајакнување на темелите на владеењето на правотo. Не се сомневам дека во тоа ќе успееме доколку сите работиме и имаме иста цел, а тоа е да имаме здраво, независно и транспарентно судство, кое што е потребно и на граѓаните и на нашата држава, изјави Камбовски.

Членот Исамедин Лимани, кој го предложи судијата Александар Камбовски, нагласи дека Камбовски доаѓа од втората генерација на Академијата за судии и јавни обвинители.

–  Александар Камбовски има и интегритет и кредибилитет да се бори за поголема финансиска независност на судовите, бидејќи тие ја вршат судската власт, а Судскиот совет треба да им обезбеди услови, како и за судиите да можат понезависно и непристрасно да го применуваат правото, изјави Лимани.

Судијката Антоанета Димовска, рече дека не се сомнева дека ќе покаже менаџерски способности и дека нема никаква причина да не го даде својот глас за него.

–  Гласот е глас, тој ќе биде прв меѓу еднаквите, ќе не организира, меѓутоа останува да ги вкрстуваме аргументите и да дискутираме понатака за секое спорно прашање, изјави Димовска.

Судијата Ивица Николовски, рече дека Камбовски го познава подолг период и со задоволство ќе го поддржи неговиот избор.

– Со неговиот кредибилитет, интегритет, искуство, знаење и целосно запознат со сите потрбеи и проблеми на третиот столб на нашата држава очекувам дека заеднички ќе одиме во една позитивна насока на зацврстување и подигнување на довербата на граѓаните, но не со зборови, туку чекор по чекор со дела. Очекувам под негово водство на Судскиот совет да ја зајакнеме довербата, туку и со дела да придонесеме во едно поквалитетно правораздавање, изјави Николовски.

Членот Тања Чачарова Илиевска, рече дека и покрај одредени ситуации во кои отворено зборувале со Камбовски за одредени проблеми, сепак цени дека треба да ја добие поддршката за претседател на Судскиот совет.

–  Очекувам поголема ангажирност од колегата Камвовски во насока на зацврстување на позицијата на Судскиот совет во правосудниот систем, за реализирање на нашите заеднички заолжби, а тоа е да се зачува самостојноста, угледот и независноста во судството и враќање на довербата на граѓаните, изјави Чачарова Илиевска.

Поранешната претседателка Весна Дамева, рече дека за висок морал и интегритет во судството дознал во моментот кога бил избран за член на Судскиот совет, каде што од многу страни самите судии изразија огромно задоволство, потенцирајќи дека е судија што е самостоен и независен.

– И да не беше предлог на колегата Исамедин Лимани, јас ќе го предложев. Вториот момент заради кој го поддржувам овој предлог е од причина што во овој краток период додека е член јас видов исклучителна поддршка од негова страна во сите активности на Советот во насока на имплементација на препораките на Оценската мисија, и тоа е многу важно, изјави Дамева.

Советот е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина ги избира Собранието од кои двајца на предлог на претседателот на државата. По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат во работата на Советот без право на глас.

Единствениот орган за избор, оценка и контрола на работата на судиите и чуварот на довербата на граѓаните кон судството – Судскиот совет,  минатата годината ја почна со претседателски „рокади“, а ја заврши со празно столче на функцијата претседател на Советот. Судскиот совет, лани се најде во фокусот на јавноста, но не само по контроверзно разрешување, па враќање, и на крајот оставка од функција на претседателката Весна Дамева, туку и по обидите за примена на дел од препораките на Оценската мисија во своето работење, како и отворените повици од власта за нивно распуштање и реформа на Законот за судски совет.

Изборот на претседател се најде на дневен ред на седница на Судскиот совет и во декември минатата година, но беше одложен до комплетирање на составот со изборот на двајца нови членови од редот на судиите.

На 510-та седница покрај изборот на претседател, се и разгледување и одлучување по приговор од судија, како и други прашања. аа/нд/

Фото: МИА/принтскрин

Тагови

ПредходнаОН: Повеќе од 115.000 Сиријци се вратија во својата земја по падот на Башар ал Асад
СледнаБелгиски градоначалници бараат сеевропска забрана за продажба на пиротехника