Професијата може да го однесе човек на најегзотичните, но и на најсуровите места на земјината топка. Триесет и осумгодишната Невена Ефремова од Свети Николе е единствената Македонка, која живее и работа на Шетландските острови, дел од Шкотска и најсеверна точка на Велика Британија. Невена по професија е стоматолог, а како што вели, на Шетланд заминала заради авантура, нешто што ретко кој може да го доживее, бидејќи климата е многу сурова.
– Таму сум веќе две години, работам како стоматолог, отидов за авантура. Животот е интересен, многу различен од кај нас. Инаку јас сум од Свети Николе и има многу поразлична клима. Можам да кажам дека кога пристигнав таму се изненадив, бидејќи менталитетот на луѓето е сличен на нашиот. Топли луѓе живеат на Шетланд и многу е безбедно, самата средина е многу пријателски настроена кон мене, специјално се многу добри. Многу сум цената заради професијата, а и заради тоа што ние, Балканците сме топли. Претпоставувам дека заради тоа реагираат позитивно на нашиот менталитет, вели Ефремова во изјава за МИА.
Гостопримливоста и позитивната енергија на мештаните ја почувствувала веднаш, кога и првпат пристигнала на Шетланд. Додека патувала во малиот авион жената која седела до неа, и се понудила да ја одведе до стоматолошката ординација, нејзиното ново работно место.
– Тие луѓе се благодарни на сите кои ќе отидат на нивниот остров за да работат, бидејќи се свесни оти временските услови не се благопријатни, раскажува Ефремова.
Таа за МИА вели дека островот Шетланд е едно најбезбедните места на земјината топка и дека нејзин впечаток е оти нема криминал.
– Ако изгубите нешто веднаш ќе си го најдете, никој од жителите не чека, вие да си го побарате, туку тие реагираат и веднаш ви се враќа она што го имате изгубено, вели Ефремова низ насмевка.
Оваа девојка веќе се вклопила во животот на Шетландските острови. Претходно, како и секој млад човек има работено во Македонија, по што заминала во Велика Британија. Завршила на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“- Скопје, но во Велика Британија цели пет години не можела да работи како стоматолог, бидејќи нострификацијата на дипломата во оваа земја и траела пет години.
– Тоа е реткост со наша диплома да се нострифицира, но јас бев многу упорна и пет години изгубив во процесот на нострификација и тогаш постојано бев на релација Лондон-Скопје, Скопје-Лондон итн. Во тој период немав право да работам како стоматолог, тогаш изгубив доста време, вели Невена.
Откако завршила со нострификацијата на дипломата, веднаш и пристигнале и понуди за работа, меѓу кои и работното место на Шетланд.
– Имав можност да работам каде сакам, во Лондон, блиску до Лондон, но сакав нешто различно, не секој има шанса за таква авантура. Јас го избрав Шетланд, а климата е карактеристична, преку лето ноќта е многу кратка, а во зима е обратно. Значи летото само неколку саати е темно. Интересно е да се живее на Шетланд, каде што има орка китови. Тој остров е познат и по шетландските овци, има риболов и е далеку поразлична средина од нашата, вели Невена.
Едноставни жители, поларна светлина, орка китови, морски папагали
Шетландските острови или Шетланд е архипелаг североисточно од брегот на Шкотска. Островите се наоѓаат североисточно од Оркниските Острови и околу 280 километри југоисточно од Фарските острови. Вкупната површина на островите е 1.466 км², а на нив живеат само околу 22.000 жители. Најголемиот остров зафаќа површина од 967 км².
Невена живее во Лервик, единствениот град на Шетланд, кој има само 7.500 жители. Таа за МИА вели дека жителите се занимаваат со риболов, одгледување на познатата шетландска овца, од која се добива квалитетна волна и се прават познатите топли шетланд џемпери. Освен мeштаните, на островот живеат и странци кои работат како лекари, стоматолози, но и инжинери, чии работни места се на нафтените платформи. Според неа, во градот има што да се виде и посети бидејќи тоа е град со историја, а, како што вели, сите останати населени места се села, но од разбиен тип.
– Селата не се како кај нас, таму има куќа со голем имот, па повторно куќа со голема имот, од разбиен тип се, има и многу р’тови. Сметам дека заради климата, луѓето што живеат таму цел живот се доста храбри. Едноставно, климата е баш сурова. Зимно време температурите не паѓаат под нулата, бидејќи поминува топлата Голфска струја, но има многу страшни ветрови дури над 100 километри на час. Ветрот е проблем и постојано паѓа дожд, раскажува Ефремова.
Забележува дека во делот на инфраструктурата и на институции има се, за еден нормален живот. Во Лервик има болница, каде што лекарите се пред се странци. Ништо не недостига да се живее нормално, имаат основни, средни училишта и факултет.
На единствената Македонка на Шетланд, животот и работата воопшто не и се досадни. Во градот има кина, со редовни кино проекции, библиотека, која е голема и бесплатна, теретана, базен…. Животот на островот е поскап, а според неа има само една маана, бидејќи е многу далеку од Шкотска билетите за авион се многу скапи. Со фериброд до Шкотска се стигнува за 13 часа, а патувањето не е многу пријатно по брановитото Северно море.
– Имаме секојдневни линии до Единбург, Авердин и Глазгов. Проблемот е патувањето и е многу скапо. Ние како островјани имаме попусти. Тоа е проблем, инаку од работата сум многу задоволна, имам многу пациенти, иако се 20.000 жители, на ден и по триесет пациенти. Тие знаат да си го негуваат сопственото здравје, имаат ментално здравје, вели Невена.
Посочува дека болницата ги има речиси сите одделенија, а ако во неа не може да се пружи соодветната здравствена услуга, здравствениот фонд плаќа авион за пациентите и сместување во Шкотска.
Туристи доаѓаат на Шетланд, за да видат „аурора бореалис“, односно поларна светлина и тоа во текот на летниот период, што е атракција за сите. Островот е посетуван и заради ретките птици, а на него живее и морскиот папагал „пафин“. Во текот на целото лето имаат пафини, како и орка китови. Невена вели дека историјата на островјаните е поврзана со Скандавија, а според неа, жителите се чувствуваат како Скандинавци, имаат многу карактиристичен акцент на англискиот јазик.
– Преку лето имаме крузери кои доаѓаат и застануваат во Лервик и тогаш крузерот носи толку многу туристи, колку што сме ние жители. Самата средина многу се штити, се е локално. Има само два маркета, од коишто еден голем и еден малку помал, се е локално, самите жители многу се држат да купуваат локални производи, додава Невена.
Островот е рамница, како нејзиното родно Овчеполе, но за Шетланд е карактично тоа што на него нема дрвја, заради временските прилики. Низ насмевка раскажува дека природата е многу убава, а историјата е поврзана со викинзите.
– На Шетланд имаат и многу интересен фестивал, кој се случува на 31 јануари. Тоа е главниот Фестивал на островот и населението цела година се подготвува за него. Туристите ги има најмногу зимно време, токму околу тој празник. Тогаш не може да се најде кај да се сместиш, се е резвирано однапред за шест месеци. Цела година се подготвуваат за фестивалот, а тогаш прават галија и носат витешка гардероба. Се внесуваат многу, бидејќи се им е рачно направено и ковано. Секоја година е различно и неколку дена го славиме, а пак главниот Фестивал е 24 саата без престан. Се случува во сали, а витезите одат од сала во сала, проследено со традиционална музика по 24 саата. Тоа е како игранките, кои на времето ги имало кај нас, појаснува Невена.
Прашана дали ќе остане на Шетланд или ќе избере некоја друга дестинација, бидејќи има нострифицирана диплома за стоматолог, Невена со одговор дека сега веќе влегува во комфорна зона, бидејќи пациентите на Шетланд веќе ја познаваат, имаат стекнато доверба во неа. За неа е важно што на островот се е блиску, нема гужви како во големите градови. Но, доколку понатаму избира, желба и е следна нејзина дестинација да биде Единбург.
-Желба ми е Единбург, но кога ќе ја завршувам оваа авантура. Инаку не сум планирала ни толку долго да останам на Шетланд, а таму сум, бидејќи многу ми се допаѓа. Мислам дека на денешно време е реткост тоа, да си задоволен со многу малку. Засега ми се допаѓа, бидејќи луѓето се едноставни, семејно ориентирани, фамилијата им е пред се и над се. За луѓето можам да кажам дека се и многу чесни. На пример, ако во моментот не можат да платат, на доверба можат да остават, за дополнително да си платат. Одговорни се и дојдаат сами да си платат. Додека живеев во Лондон не беше таков живот, бидејќи таму има брз живот, каде што се губат семејните вредности, нагласува Невена.
Единствената Македонка која живее на Шетланд не е ни чудно што ја почитуваат и сакаат жителите, бидејќи и таа како нив е едноставна, со позитивна мисла, ја краси широката насмевка и убавиот збор, кој отвара железни врати.