Студентските блокади низ Србија продолжуваат да растат, поттикнати од трагичниот инцидент во Нови Сад, по падот на надстрешницата на железничката станица. Овој трагичен настан покрена бран на незадоволство и протести низ целата земја, кои се противат на корупцијата, насилството и неправдата. Најголемите покренувачи на протестите се студентите од Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Белград, кои станаа инспирација за блокадите на повеќе од 85 факултети.
Во видео пораката која студентите од ФДУ ја објавија на социјалните мрежи, испратена е остра критика кон политичките функционери и медиумите кои се обидуваат да го дискредитираат студентскиот бунт. Видеото стана хит меѓу граѓаните, кои го оценија како „чиста десетка“, бидејќи, како што велат, директно ја погодуваат клучните проблеми со кои се соочува Србија во последно време.
Главната порака на видеото, „Не сте погласни од тишината“, е испратена до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и до сите негови поддржувачи во политиката и медиумите кои ги обвинија студентите за политички мотиви и се обидоа да го минимизираат значењето на нивните протести.
Во видеото се слушаат изјави на политичари, како што се тврдењата дека „државата нема да падне ниту поради 1555 жртви“, како и изјави дека децата се „власништво на државата“. Исто така, студентите се обвинети дека биле „тренирани во Хрватска“ и дека нивните протести се водат од политички интереси.
По овие тврдења, видеото прикажува сцена од Славија, исполнета со 100.000 луѓе, во која сè одеднаш затишува, оставајќи само отчукувањата на срцето како единствена звучна позадина. Оваа сцена силно одекна меѓу граѓаните, симболизирајќи ја силата на протестите и решеноста на студентите да се борат за посправедно општество.
Овие блокади, кои започнаа на ФДУ, станаа симбол на отпорот против постојниот режим и повик за промени, како во политичкиот, така и во општествениот систем на Србија. Студентите низ целата земја повикуваат на одговорност на властите, кои според нив, не ги слушаат граѓаните, туку секогаш се обидуваат да ги минимизираат сериозните проблеми со кои се соочуваат граѓаните, особено младите.