Фото: Илустрација
Новата листа на 100 најбогати носи прераспоредување на пет водечки бизнисмени. Кој исчезна од листата, кој дојде на листата и кој има минлива слабост
Година на низа последователни економски кризи. Високата инфлација, проблемите во снабдувањето со енергенсите (нешто помалку) и војните во Украина и на Блискиот Исток (нешто повеќе) продолжуваат да ги зголемуваат трошоците во деловното опкружување и да доведуваат до заладување на некои економски гранки. Особено на автомобилската индустрија. На удар е Европската Унија, пред сè економијата на Германија. Но, ситуацијата не е многу подобра во Кина, Соединетите Американски Држави, Јапонија, Велика Британија… Последиците од германското индустриско „заладување“ веќе ги чувствуваат економиите на Хрватска, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина.
Без оглед на уште една година на криза, историјата покажа дека капитализмот (слободниот пазар и претприемничката способност) и овојпат излегува посилен од кризата. Многу компании ширум демократскиот свет позитивно изненадија со нивната способност да одржуваат високи натпросечни профитни маржи. „Кој умее, добива две“, вели популарната поговорка, а во бизнисот таа се преведува како порака – кој знае, тој и понатаму се развива и расте. Оваа теза ја потврдува и листата на Форбс на најбогати луѓе во светот на чие чело е Илон Маск.
„Форбс“ вели дека сега има повеќе милијардери од кога било – вкупно 2.781, што е за 141 повеќе од претходната година и 26 повеќе од рекордот во 2021 година. Тие вредат вкупно 14,2 билиони долари, што е за два билиони долари повеќе од претходната година и 1,1 билион повеќе од рекордот во 2021 година.
Комбинацијата на отежнати деловни услови и индивидуални одлуки на сопствениците на компании ја создадоа Листата на 100 најбогати деловни луѓе во нашиот регион (држави на поранешна Југославија).
Што е ново на Листата на 100 најбогати деловни луѓе во регионот?
На врвот – ништо и нешто ново. На листата, како и минатата година, суверено доминираат Силвио и Роберт Кутиќ и Изабел Јелениќ, сопственици на технолошката компанија „Инфобип“. За волја на вистината, за една година изгубиле вредност од 217 милиони евра. Но, тоа не ги возбудува многу бидејќи компанијата досега не била насочена на генерирање профит како главен индикатор, туку на раст, иновации и позиционирање за иднината. Првото место на „Инфобип“ на Листата на 100 најбогати бизнисмени во регионот е дел од пошироката (глобална) слика во која моментално е сместена индустријата за информатички технологии.
Таа слика покажува дека софтверскиот дел од ИТ-индустријата продолжува да расте, поттикнат од вештачката интелигенција, но хардверскиот дел стагнира и опаѓа. Пример за овој втор тренд е третата највредна хрватска компанија „Римац – Бугати“ (сопственик Мате Римац), која загуби две места на овогодинешната листа во однос на претходната година.
Навистина, постои уште една причина за падот на вредноста од 750 милиони евра – заладувањето на западниот пазар на електрични автомобили, што го забави растот на технолошките компании во индустријата за електрични возила во ЕУ. Падот на Мате Римац на петтото место на листата го искористија српските бизнисмени Мирослав Мишковиќ (скокна на второто место) и семејството Костиќ (трето место), кој го наследи имотот на нивниот татко кој почина на крајот на 2024 година.
Меѓу првите пет на листата 100 се случи уште една промена – Дубравко Гргиќ, сопственикот на „Аграм груп“, се пресели од второто на третото место на овогодинешната листа.
Впечатлива карактеристика на листата е тоа што меѓу првите 20 бизнисмени од регионот се исклучиво бизнисмени од Хрватска и Србија. Во првите пет – тројца се од Хрватска и двајца од Србија, а во првите 10 – шест се од Хрватска и четворица од Србија. Првиот бизнисмен од друга држава во регионот е Сенад Џамбиќ, сопственик на групацијата „Бинго“ од Босна и Херцеговина, а го зазеде 22. место.
Заедничка карактеристика за набљудуваните бизнисмени и нивните компании е стабилизирањето на бизнисот, богатите се сè уште богати, а оние кои знаат да прават бизнис продолжуваат да растат.
Кај српската бизнис-елита веќе две-три години е забележливо дека бизнисмени блиски до власта влегуваат и излегуваат од бизнисот, растат и паѓаат, основаат и затвораа фирми, а во меѓувреме (додека се занимаваат со бизнис) најмногу работат со државата и со нејзините пари. Речиси и да не постои приватна компанија родена и негувана во државните јасли за која може да се каже дека е сериозна и одржлива затоа што нејзините сопственици не знаат да работат во здрава конкуренција и не се способни да работат без заштита на пазарот. Можеби ништо од горенаведеното не е карактеристично за компанијата „Коефик“, но забележливо е дека нејзиниот сопственик Ненад Ковач овојпат исчезна од листата на 100-те најбогати во регионот. Но, затоа Драгољуб Збиљиќ, сопственикот на компанијата „Енерготехника“, Јужна Бачка (позната по деловните аранжмани со државата), за една година ја зголеми вредноста на својата компанија за 110 милиони евра (од 239.771.360 на 349.848.260 милиони).
Податоците покажуваат дека во сите земји од регионот класичните (традиционални) бизниси се стандардно добри и носат стабилен профит. За бизнисот со недвижности може да се каже дека е во подем. Високите технологии, освен во Хрватска, даваат задоволителни приноси во Словенија и Србија, додека интересот за таа индустрија е намален кај деловните луѓе во Црна Гора, веројатно поради малите шанси за голема заработка.
Деловниот резултат на две реномирани и многу успешни компании во Србија – „Капа стар“ и „Еликсир“ – би можеле да се оквалификуваат како минлива слабост. Нивните сопственици Небојша Шарановиќ и Станко Поповиќ паднаа од 12. на 19. место на листата, односно од 9. на 20. место.
Покрај веќе споменатиот Ковач, од листата 100 овојпат испаднаа и Иван Жабчиќ и Марко Вуковиќ, сопственици на хрватската компанија „ХС продукт“, која се занимава со производство на огнено оружје. Вредноста на нивниот имот лани беше проценета на 325 милиони евра. Од листата 100 исчезна и Иван Чермак, сопственикот на „Делта оил интернешнал“, чија вредност лани беше проценета на 305 милиони евра.
Што се однесува до новодојдените на листата, од Хрватска тоа се Жељко Задро (Хрватска индустрија за шеќер) и Давор Лукшиќ Ледерер (Сина лагуна), а од Србија Милутин Николиќ и Павле Кавран, сопственици на „Инвиго капитал“.
Минатогодишниот феномен се повтори и годинава – сопственик на најголемата хрватска бизнис-агломерација не е најбогатиот Хрват. Имено, Павао Вујновац, сопственикот на компаниите ЕНА и „Фортенова“, чие портфолио тежи 9,7 милијарди евра (речиси шест отсто од вкупниот приход на хрватската економија), е само на 9-то место на листата на 100 најбогати бизнисмени во регионот (односно, само петти најбогат Хрват).
Доминацијата на имотот на хрватските бизнисмени на Листата на 100 најбогати во регионот најпрво може да се објасни со членството на Хрватска во Европската Унија. Не се работи само за финансиски стимулации (кои, на пример, ги доби Римац), туку и за целокупното деловно опкружување целосно усогласено со европските правила. Покрај тоа, хрватските компании добија пристап до европскиот пазар (половина милијарда потрошувачи), кој во изминатите 11 години ги „воспитуваше“ како да се однесуваат на него. Ваквите околности годеа на раѓањето, развојот и растот на два „еднорози“ (Инфобип и Римак-Бугати). Секако, предуслов за нивното создавање беше идејата, иновацијата, извонредноста и деловната способност на сопствениците на тие компании. А, неизмерен придонес во „полирањето“ на нивните перформанси беше направен со влегувањето на меѓународниот пазар, каде што станаа глобални лидери во нивните соодветни бранши.
Сега веќе традиционалното ривалство меѓу Хрватска и Србија, изразено на Листата на 100 најбогати бизнисмени во регионот, ја засени бизнис-елитата во другите земји од регионот – Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија. Во тие држави приматот на листите на најбогати бизнисмени го имаат сопствениците на компании чие портфолио се состои главно од традиционални бизниси (трговија, дистрибуција, индустрија, градежништво, земјоделство). Факт е дека таквата економска структура се спротивставува на кризите, но, за жал, и на сите промени што се случуваат во глобалната економија.
ТОП 100 – КОМПЛЕТНА ЛИСТА
1. Силвио и Роберт Кутиќ и Изабел Јелениќ, Инфобип – 3.097.663.106, Хрватска
2. Мирослав Мишковиќ, Делта холдинг – 2.851.179.194, Србија
3. Дубравко Гргиќ, Аграм група – 2.793.000.000, Хрватска
4. Семејство Костиќ, МК група – 2.655.071.601, Србија
5. Мате Римац Римац, Бугати – 2.295.000.000, Хрватска
6. Дејан Чакајац и Јадранка Степановиќ, Моцарт – 1.808.077.997, Србија
7. Драган Шолак, Јунајтед груп – 1.694.700.000, Србија
8. Давор Лукшиќ Ледерер, Плава лагуна – 1.646.650.000, Хрватска
9. Павао Вујновац, ЕННА групација, Фортенова – 1.624.000.000, Хрватска
10. Емил Тедески, Мајберг – 1.567.177.544, Хрватска
11. Петар Матијевиќ, МИ Матијевиќ – 1.562.250.181, Србија
12. Љубиша Крстајиќ, Каризма Хотелс$ресортс – 1.546.000.000, Србија
13. Миле Ќурковиќ, Плодине – 1.516.227.500, Хрватска
14. Филип Цептер, Цептер интернешнал – 1.340.000.000, Србија
15. Петар Матиќ, МПЦ холдинг – 1.345.807.790, Србија
16. Борислав и Драган Станојловиќ, Спорт вижн – 1.306.873.270, Србија
17. Небојша Шапоњиќ и Ранко Сочанац, НЕЛТ – 1.260.000.000, Србија
18. Семејство Пивац, МИ Пивац – 1.169.514.286, Хрватска
19. Небојша Шарановиќ, Капа стар – 1.167.977.881, Србија
20. Станко Поповиќ, Еликсир – 1.155.254.856, Србија
21. Марко Пипуниќ, Жито – 1.140.350.000, Хрватска
22. Сенад Џамбиќ, Бинго група – 1.100.130.112, БиХ
23. Томислав Мамиќ, Томи – 1.079.164.000, Хрватска
24. Богољуб Кариќ, БК група – 1.020.000.000, Србија
25. Бранко Роглиќ, Орбико – 975.019.673, Хрватска
26. Божидар Петковиќ, Пештан – 964.030.904, Србија
27. Вук Хамовиќ, ЕФТ – 942.500.000, Србија
28. Семејство Дрк, Виндија – 904.594.805, Хрватска
29. Иван Бошњак и Стојан Вујко, Милениум тим – 877.546.900, Србија
30. Драгутин Каменски, Камград – 873.440.000, Хрватска
31. Мирољуб Алексиќ, Алко група – 849.419.773, Србија
32. Живко Мукаетов, Алкалоид – 784.183.300, Северна Македонија
33. Иван Ерговиќ, НЕКСЕ група – 773.540.000, Хрватска
34. Бисера Драгичевиќ, НИРД – 751.920.000, Хрватска
35. Петар Припуз, ЦИОС група – 735.000.000, Хрватска
36. Бранислав Грујиќ, ПСП Фарман – 725.000.000, Србија
37. Семејство Хастор, АСА инвест, Естаблиш – 702.711.717, БиХ
38. Свјетлан Станиќ, Станиќ група – 687.045.700, БиХ
39. Петар Ќорлука, Виолета – 685.396.128, БиХ
40. Анте Влаховиќ, Адрис – 676.804.499, Хрватска
41. Жељко Митровиќ, Пинк интернешнал – 676.761.592, Србија
42. Небојша Иковиќ, Милшпед група – 647.563.276, Србија
43. Душан Мојсиловиќ, Агромаркет група – 645.202.792, Србија
44. Андреја Јосифовски, Макпетрол – 625.492.580, Северна Македонија
45. Мирослав Алекса, Алмекс – 611.886.710, Србија
46. Иво Усмиани, ЈГЛ – 592.782.609, Хрватска
47. Илија Гечев, ИГМ Трејд – 573.787.416, Северна Македонија
48. Семејство Кожул, ТТ Кабели – 571.615.962, БиХ
49. Ненад Милановиќ, ЦОИНГ – 540.000.000, Србија
50. Жељко Задро, Хрватска индустрија за шеќер – 538.640.000, Хрватска
51. Зоран Тирнаниќ, ДИС – 32.322.368, Србија
52. Добросав Бојовиќ Напред, Енергопроект – 525.000.000, Србија
53. Миленко Костиќ, Авто Чачак – 524.790.774, Србија
54. Новак Ѓоковиќ, тенисер – 500.000.000, Србија
55. Стипо Матиќ, М Сан група – 470.100.000, Хрватска
56. Срѓан Миловановиќ, Коперник систем – 466.458.702, Србија
57. Иван Катавиќ, КТЦ – 454.510.000, Хрватска
58. Мирко Рисовиќ, ТРОПИК – 448.272.015, БиХ
59. Андреј Јовановиќ, ДЕКА инженеринг – 447.500.000, Србија
60. Семејство Богдан, ФЕАЛ – 443.657.239, БиХ
61. Изудин Ахметлиќ, Хифа оил – 433.626.722, БиХ
62. Милија Бабовиќ, Фешн компани – 443.609.940, Србија
63. Семејство Гудељевиќ, Феро терм – 442.180.000, Хрватска
64. Георг Гавриловиќ помладиот, Глобална храна – 427.625.000, Хрватска
65. Хамед Рамиќ, Еуро асфалт – 404.132.322, БиХ
66. Владимир и Никола Лазаревиќ, Форма идеале – 398.730.790, Србија
67. Милан Радоичиќ и Звонко Веселиновиќ, Инкоп – 398.409.580, Србија
68. Иван Убовиќ, Бемакс 396.678.744, Црна Гора
69. Драган Бокан, ВОЛИ – 391.106.180, Црна Гора
70. Веселин Јевросимовиќ, КОМТРЕЈД – 379.377.592, Србија
71. Петр Немец, Амикус – 363.100.000, Србија
72. Коста Чоловиќ, Бања комерц – Бекамент – 362.758.744, Србија
73. Ѓорѓије Ницовиќ, Ирва инвестиции – 361.018.410, Србија
74. Никола Јокиќ, кошаркар – 350.000.000, Србија
75. Драгољуб Збиљиќ, Енерготехника Јужна Бачка – 349.848.260, Србија
76. Родољуб Драшковиќ, Свислион група – 340.277.103, Србија
77. Милутин Николиќ и Павле Кавран, Инвиго капитал – 333.000.000, Србија
78. Мирко Грбешиќ, МЕПАС – 321.097.314, БиХ
79. Семејство Гудељ, ФИС – 318.868.934, БиХ
80. Семејство Краљиќ, Стројопромет група – 316.360.000, Хрватска
81. Жељко Мандариќ, Маншпед – 296.674.000, Хрватска
82. Младен Грујиќ, Компресор – 291.678.186, Србија
83. Александар и Драган Обрадовиќ, АДОК – 279.379.756, Србија
84. Боривој и Ѓорѓе Трифуновиќ, Баувесен (стечај) – 275.000.000, Србија
85. Гоце Камчев, КАМ – 274.590.435, Северна Македонија
86. Комнен Лаковиќ, Хард дискаунт – 273.358.160, Црна Гора
87. Ристо Дрекаловиќ, КИПС – 273.141.500, Црна Гора
88. Слободан Кутревски, Пекабеско – 267.171.362, Северна Македонија
89. Страшо Милковски, Гранит АД – 265.799.470, Северна Македонија
90. Драго Малиновиќ, Комерц мали – 264.721.312, БиХ
91. Ацо Ѓукановиќ, Инвест нова, Прва банка – 260.420.000, Црна Гора
92. Семејство Радун, Нектар – 256.789.940, Србија
93. Благота Радовиќ, Зетаградња – 239.816.080, Црна Гора
94. Александар и Бојан Галиќ, Галенс – 233.841.356, Србија
95. Соња и Небојша Петриќ, Промист – 232.744.596, Србија
96. Драган Јанков и Милан Станиќ, Силбо – 222.085.850, Србија
97. Владимир Тодоровиќ, Тинекс – 217.957.480, Северна Македонија
98. Милан Беко, Лука Белград – 215.000.000, Србија
99. Гојко и Станка Бајовиќ, Оков – 214.361.795, Црна Гора
100. Висар Јакупи, Кипер маркет – 209.995.590, Северна Македонија
Методологија
Листата на 100 најбогати во регионот ја составија експерти од две реномирани консултантски фирми кои работат на Њујоршката берза и белградската инвестициска фирма „Хефестос капитал“ и нејзиниот сопственик Стефан Петровиќ. Користеле најмеродавни мултипликатори на „Стерн“, училиштето за бизнис од Универзитетот во Њујорк (и компаративните компании) и во анализата ги вклучиле резултатите од пазарните трансакции во регионот и светот.
Во светот, за рангирање на најбогатите луѓе обично се користат податоци за вредноста на нивните компании рангирани на берзите или сертифицираните индекси на вредноста на брендот. Во анализата на „Недељник“, деловните луѓе беа оценувани врз основа на законските финансиски извештаи на нивните компании. Таа проценка страда од проблемот на застарени податоци, статутарни податоци и непознавање на фактите за работењето во странство. Сè е работено врз основа на информации од јавен карактер, што не е совршено бидејќи јавните податоци се менуваат.
Користена е финансиска методологија и низа алатки кои дозволуваат да се дојде до што пореална вредност на компаниите. Предвид се земени податоци за квалитетот – промет, ЕБИТДА, нето добивка, пресметана е таканаречена готовинска конверзија, правени се компарации во истата индустрија меѓу слични компании, како и акумулирана неинвестирана добивка.
Анализирани се индустриите, позициите на компаниите во индустриите и секоја компанија е поединечно вреднувана за да се дојде до најточната сума врз основа на информации од јавен карактер. На секој сопственик му се пристапувало поединечно со аналитика, анализите не се правени механички според однапред одредени клучеви.
Нашите консултанти соработуваа со реномирана инвестициска банка и ја користеа нејзината методологија за вреднување на компаниите, која ја приспособија на нашиот регион. Таа банка помогна во сите анализи и веруваме дека листата е нешто што најблиску ја отсликува реалноста.
ВАЖНА ЗАБЕЛЕШКА: Со оваа листа не сакавме да покажеме колку пари имаат бизнисмените во моментов. Она што го покажуваме е колку вредат нивните компании и колку пари би можеле да добијат ако, да речеме, денес ги продадат.
Партнери
Листата на 100-те најбогати во регионот традиционално ја објавува списанието „Недељник“, а е реализирана е во соработка со водечките медиуми во регионот: словенечкиот дневен весник „Финанс менаџер“ (и порталот Финанс менаџер), хрватскиот економски неделник „Лидер“, босанскиот весник „Ослобоѓење“ и македонскиот економски неделник „Капитал“.
Угледниот хрватски неделник „Лидер“ кон крајот на 2024 година објави листа на милијардери од таа земја.
Методолошкиот принцип според кој „Лидер“ ги рангираше најголемите компании е вкупниот приход од финансиските извештаи за 2024 година. Од таа листа ги издвоивме компаниите кои се во стопроцентна или мнозинска сопственост на еден претприемач, како и оние во кои претприемачите немаат мнозински удел во сопственоста, но се најголеми индивидуални косопственици и ја контролираат компанијата. Од тоа беше мерена менаџерската моќ на деловните луѓе.
Врз основа на овие податоци и користејќи ја нивната методологија за вреднување на компаниите, берзанските аналитичари ангажирани од „Недељник“ успеаја да ја стандардизираат методологијата. Поради тие последователни пресметки, имаше разлики во рангирањето на хрватските бизнисмени меѓу листата што ја објави „Лидер“ и Листата на 100-те најбогати во регионот што ја објави „Недељник“.
Колегите од „Финанс“, по обработката на голем број податоци, годишни извештаи, барање дополнителни средства и вреднување на компании кои не котираат на берзата, го пресметаа имотот и ја објавија Листата на 100 најбогати Словенци. Одлучивме во договор со колегите од „Финанс“, на листата на 100 најбогати во регионот да не ги вклучиме најбогатите Словенци, бидејќи методологијата што ја користи „Финанс менаџер“ не е компатибилна со методологијата што ја користат берзанските експерти на „Недељник“.
Дел од листата на словенечки милионери објавуваме со согласност со нашите колеги од издавачката куќа „Финанс“.
Словенија: „Девсофт“ и „Дон Дон“ се најголемите „скокачи“
Колегите од „Финанс менаџер“, по обработката на голем број податоци, годишни извештаи, пребарување на дополнителни средства и вреднување на компании кои не котираат на берзата, го пресметале имотот и ја објавиле листата на 100 најбогати Словенци. Во нивната анализа тие се потпирале на податоците за сопственичките удели во компаниите, капиталот, приходите, паричните текови од работењето, оперативната добивка и нето добивката. Вредноста на имотот се зголемила за 20 отсто поради зголемувањето на инфлацијата. Општо земено, богатството на најбогатите Словенци е „потешко“ за 14 отсто, односно нешто повеќе од 1,2 милијарди евра и достигна 9,97 милијарди евра. Сумата од 9,97 милијарди е еднаква на:
– 1/3 од износот што сите словенечки домаќинства заедно го имаат во банките;
– 2,2 пати е повисока од пазарната капитализација на Крка, највредната словенечка компанија, или приближно колку што вредат првите пет котирани акционерски друштва на Љубљанската берза (Крка, НЛБ, Петрол, Заваровалница Триглав и Сава Ре);
– 1/30 од проценетото богатство на најбогатиот човек на светот, Илон Маск.
Прагот за влез на листата е зголемен на 43,1 милиони евра (бил 35 милиони една година претходно).
Посебно е интересен податокот дека најбогатите Словенци и понатаму се поранешната брачна двојка Иза Сиа Логин и Само Логин, кои пред седум години ја продадоа компанијата „Аутфир7“, позната по мобилната апликација „Токинг Том“, за една милијарда долари. Поради понепрофитабилното работење на стакларница „Храстник“, нејзиниот сопственик Игор Лах, кој минатата година беше прв на листата, падна на шестото место, а вредноста на неговиот имот се намали од 385 на 326 милиони евра.
Мерено во евра, најголемиот скок на листата го направи Јуре Кнез, коосновач на „Девесофт“, кој развива софтвер за мерна технологија и софтвер за собирање податоци за клиенти како СпејсИкс и НАСА. Мерено во проценти, најголем пораст постигнале Аленка Мозетиќ Заврл и нејзиниот брат Алеш Мозетиќ, сопственици на пекарската групација „Дон Дон“, која ја презема мексиканскиот прехранбен гигант „Бимбо“. Благодарение на низата преземања во последните десет години, нето добивката на компанијата се зголеми од 1,1 милион на 21,1 милиони евра.
Најдобро рангиран новодојденец е Примож Артач, сопственикот на компанијата „Тосла“. По долгогодишни консултации со прехранбени компании, Артач најде нишка во производството на сирупи, потоа се впушти во овошни мешавини и конечно влезе на пазарот на течен колаген, со кој главно ги снабдува американските клиенти.
Друга ѕвезда во подем е Антон Пангрчич, сопственик на компанијата „Ковис“, која произведува дискови за сопирачки и куќишта за лежишта за возови.
Претприемачите оставаат профит во компаниите и не ги исплаќаат во вид на дивиденди или тие исплати се релативно мали. Тие имаат тенденција да го реинвестираат профитот, да се потпираат на сопствените извори на финансирање и да избегнуваат финансирање со долг.
„Финанс менаџер“ создаде и фоторобот на типични компании на најбогатите Словенци:
– добра позиција на западните пазари
– генерално имаат високи профитни маржи и натпросечна додадена вредност – плати над просекот во индустријата
– релативно скромен долг
– дебели готовински „перничиња“ (бафери)
– инвестирање од сопствени извори, односно без кредити
– вложување во нови приватни фондови.