Лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски денеска изјави дека усвојувањето на Платформата за национално единство и е потребно на државава и оти има разговарано со претставници на политички партии за нејзино усвојување, но оти прецизни разговори би се случиле на ниво на делегации на партиите.
-Тоа не е само платформа за национално обединување, туку сеопшто обединување на ниво на нација која што се однесува и за нас Македонците како основоположник народ, основоположник на нашата дражва, а и за сите етнички заедници коишто живеат во нашата држава. Македонија заслужува да оди напред, а ова е една добронамерна платформа. Во минатото имало вакви обиди, но за жал доаѓале од лево или од десно, и секогаш по пат на политички биле отфрлувани, рече Димитриевски во одговор на новинарско прашање какви се сигналите од политичките партии за тоа дали може да се усвои платформата.
Потсети дека ЗНАМ веќе ја поднел таа платформата пред коалициските партнери со коишто партиципираат во работењето на Владата и оти очекуваат нивен одговор.
-Имаше првични коментари. И тоа ќе биде еден процес, нема да се случи преку ноќ. А потоа повторно ќе се обидеме да и објасниме и на опозицијата дека таа платформа е корисна и за државата и за сите нас, со која што се стави крај на некои проблеми коишто се влечат од минатото и стереотипи ќе се надминат и заедно ќе се придвижиме напред, а тоа ќе биде еден да кажам документ статички врз база на којшто по него би усвојувале во Парламентот, ние не би се занимавлае повеќе со политикантство, рече Димитриевски по средбата во Куманово со евроамбасадорот Михалис Рокас.
ЗНАМ во декември ја претстави Националната платформа за македонско национално единство пред сите парламентарни партии. Целта на платформата, според лидерот на ЗНАМ, Димитриевски, е да ги обедини политичките фактори и да дефинира црвените линии за македонските национални интереси. Димитриевски тогаш порача дека нема повеќе отстапки на патот кон ЕУ, бидејќи државава веќе направила жртви како ниту една друга држава.
На национално помирување повика и премиерот Христијан Мицкоски во новогодишно интервју за МИА. Тој истакна дека е подготвен во секое време да разговара со кој било политички актер, кој има каква било идеја, која води кон национално помирување за државните стратешки интереси. Мицкоски нагласува оти е добро што идејата за заедничка стратегија, на која повика тој самиот, а потоа и коалицискиот партнер ЗНАМ преку предложената Платформа, но и лидерот на опозицијата Венко Филипче со предлагање на натпартиска стратегија, е се поприсутна и се втемелува во јавноста.