Долниот дом на пакистанскиот Парламент гласаше за контроверзниот закон со кој на државата и дава сеопфатна контрола врз социјалните мрежи и предвидува казна затвор за корисниците на тие мрежи што „шират дезинформации“.
Синдикатите на новинари и уредници на медиумите го критикуваа новиот „Закон за спречување на електронски криминал“, за кој велат дека е последица на напорите на Владата за дополнително сузбивање на слободата на опозицискиот говор. Според новиот закон, ќе се формира „Управа за заштита и регулирање на социјалните медиуми“, овластена веднаш да блокира содржини на социјалните мрежи за кои смета дека се „нелегални и навредливи“, како што се критиките на судиите, вооружените сили, Парламентот и локалните власти.
Поединци и организации кои објавуваат таква содржина, исто така, може да бидат блокирани од пристап до социјалните мрежи.
Согласно новиот закон, социјалните мрежи мора да се регистрираат кај новата „Управа за заштита и регулирање на социјалните медиуми“, а оние кои нема да го почитуваат ќе бидат забранети.
Законот го прогласува „ширењето дезинформации“ за кривично дело, казниво со три години затвор и парична казна од два милиони рупии (6.870 евра).
Пакистанските медиуми се под зголемена цензура во последните години, а социјалната мрежа Икс беше забранета една година бидејќи опозицијата таму доби голема поддршка.