дома Балкан Приведени и протерани регионални граѓански активисти од Белград

Приведени и протерани регионални граѓански активисти од Белград

1

Вкупно 13 странски државјани од Хрватска, Словенија, Словачка, Северна Македонија, Албанија, Молдавија, Романија, Австрија и Чешка, беа приведени, а потоа и депортирани од Србија без објаснување ноќта помеѓу 21 и 22 јануари во Белград. Сите тие биле дел од Ерсте академија за невладини организации, во организација на Ерсте фондацијата која се одржа во понеделник и вторник во Белград.

По завршувањето на академијата, полицијата ги привела учесниците за време на ноќта од хотелот во кој биле сместени во Белград без какво било објаснување. По неколкучасовно задржување, им бил издаден налог да мораат веднаш да ја напуштат Србија и да добија забрана за влез во земјата на една година.

-До ден денес не добивме информција зошто бевме приведени и депортирани, но според законот за безбедност на кој тие се повикуваат, всушност тие и не се должни да ни дадат објаснување бидејќи се работи за загрозување на националната безбедност- вели ексклузивно за Трн, Ана Ковачиќ, историчар на уметност од Хрватска и една од приведените.

Таа со години наназад работи на проекти со нејзините колеги од Белград и ова не прв пат да биде во Белград.

-Чувствувам тага и бес. Под голем стрес сум се уште и тешко ми е да поверувам дека една земја може се уште да користи такви методи и да има таков третман на невладиниот сектор – вели Ана и додава:

-Ние таму не правевме ништо освен тоа што бевме на тој семинар. Бевме група на луѓе кои не знаеме од порано, не сме биле во контакт и единствено заедничко нешто ни е тоа што бевме заедно на тие работилници. Програмата на Ерсте академијата за невладините организации, организирана од Ерсте фондацијата функционира од 2015 година и секоја година се одржуваат работилници во регионот од кои неколку биле и во Белград. Јас работам во делот на културата и често сум службено во Белград и навистина не го очекував ова, особено не да се случи на начин на кој што се случи, во лобито на хотелот, а потоа и во полициската станица. Многу е непријатно искуството, можеби уште повеќе за колегите од земјите кои не го разбираат воопшто јазикот и кои не се запознаени со состојбата во Србија во моментов- вели Ана.

Дали причината за приведувањето се токму случувањата во Србија, Ана не сака да коментира. Таа вели „Тешко е да не се поврзе тоа што ни се случи нас со тоа што во моментов се случува во земјата, но јас сепак не би коментирала ништо во таа насока и не би сакала да навлегувам детално во тоа.“

Сепак, заедно со останатите кои беа приведени, планираат жалба на одлуката, затоа што вели сакаат да ја докажат правдината.

-Дел од нас работиме со Србија и во Србија доста долг период. Верувајте, после една ваква работа никогаш веќе нема да се чувствувам исто во Белград како што сум се чувствувала порано. Нема да се чувствувам пријатно, но нема да престанам да работам со колегите од Србија. Можеме да соработуваме и без физичко присуство во периодов. Она што навистина ни значи е нивната поддршка и отвореното писмо кое го испратија по настанот. Знам дел од тие луѓе кои се потпишани и навистна ми значи нивната поддршка. Мислам дека за нив е исто така значајна и нашата поддршка која им ја даваме за нивната храброст и истрајност – вели Ана.

Меѓу приведените имало и македонски државјанин, но неговиот идентите се уште не е познат на јавноста.

По настанот реагираа владите за Хрватска, Србија и Романија, а вчера со официјална реакција излезе и Европската комисија која изрази загриженост поради приведувањето и депортирањето на „мирни активисти на цивилното општество од земјите-членки на ЕУ и регионот на Западен Балкан, под изговор дека претставуваат безбедносен ризик“.

„Мерките преземени во интерес на националната безбедност треба да се спроведуваат во согласност со правната рамка на Србија, а во согласност со европските и меѓународни стандарди за човекови права. Таквите мерки не треба да резултираат со ограничување на слободите на поединците, вклучувајќи ги и странските државјани.“

Од Брисел потсетуваат дека „цивилното општество игра витална улога во развојот на здраво и демократско општество“.

„Тие се вредности кои не се само срж на Европската Унија, туку и на иднината на Србија како земја-кандидат и на нејзините граѓани.“

ПредходнаВе молам верувајте во нас, никогаш нема да дозволиме ниту Вас, ниту самите себе да се засрамиме, им порача Мицкоски на граѓаните