Под покровителство на министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија и со финансиска поддршка од НЛБ Банка, Халк Банка и Шпаркасе Банка, вчера на терените на Тенискиот клуб „Тениспарк – Поинтер“ во Скопје, за прв пат беше организиран спортско-дипломатскиот настан „Bankers meet diplomats – 2025“.
На тенискиот турнир, како што информираат од МНРиНТ, учествувале дипломати од резидентните дипломатски и конзуларни претставништва на странските држави, претставници на меѓународни организации во земјата, претставници на менаџментот на повеќе познати македонски банки и дипломати од Министерството.
По завршувањето на натпреварувачкиот дел од тенискиот турнир, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка, Тони Стојановски, членот на Управниот одбор на Халк Банка, Беркан Имери, и заменик-претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје, Нина Неданоска, ги доделија пехарите на победниците на тенискиот турнир и присуствуваа на пригодниот коктел организиран за учесниците.
Успешното организирање на вакви настани е силен доказ за ефективноста на спортската дипломатија, која, покрај промовирањето на здравите навики кај луѓето од сите возрасти и професии, претставува значајно средство за нивно зближување, воспоставување подобра меѓусебна соработка и комуникација и придонесува кон севкупниот општествен развој.