
Владата ќе обезбеди превоз и сместување за семејствата на повредените од пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, кои во моментов се хоспитализирани во други земји. За ова ќе биде донесена одлука на денешната владина седница.
Повеќе информации за превозот и сместувањето членовите на семејствата на повредените може да добијат на телефонот 070 270 370. Вчера портпаролката на Владата Марија Митева ги повика сите семејства да ја користат оваа линија за да може ефикасно да се организира поддршката што им е потребна.
-Во овие моменти семејствата не треба да се грижат за логистика или финансиски оптоварувања кога им се најпотребни на нивните најблиски. Затоа Владата ќе ја преземе одговорноста за покривање на трошоците за транспорт и сместување, обезбедувајќи семејствата да бидат покрај своите најблиски, рече вчера Митева на прес-конференција.
Со цел да се обезбеди брза и координирана помош, Владата веќе одлучи да соработува со Црвениот крст на Скопје за управување со официјалната сметка за донации за настраданите од пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани.

-Имајќи единствена, официјална сметка за донации, ги елиминираме сите дилеми за тоа каде и како да донираме. Ова осигурува дека секој придонес оди токму онаму каде што е најпотребно. За жал, во тешки времиња, дезинформациите може да се шират и сакаме да спречиме каква било несигурност околу каналите за донации, рече Митева и посочи дека Црвениот крст веќе има досие за управување со ваква помош.
За сите информации поврзани со состојбата на пациентите кои се наоѓаат во странство, како контакт лице е именуван проф. д-р Игор Николов, кој е достапен на телефонскиот број: +389 72 270 648.
По големата трагедија што се случи во Кочани, граѓаните нудат помош, сместување, храна, превоз, превод….. се што им е потребно на семејствата на оние млади кои се повредени и се лекуваат во земјава и во соседните и други држави.
За помош на семејствата на повредените во пожарот во Кочани, сите граѓаните можат да отворат на sos-smestaj.com – Централизирани информации за помош на семејствата на повредените во пожарот во Кочани.
Црвениот крст соопшти дека се отворени телефонски линии за донации од Македонски телеком и А1 Македонија143 400 (донација од 100 денари од телефонски повик).
Помош понудија и психолози.

Здружението на преведувачи и толкувачи на Македонија нуди бесплатен превод и судски превод на медицинската документација за настраданите во трагедијата во Кочани што ќе се лекуваат во странство. Доколку е потребно, доволно е само јасно да ги сликате документите и да ги испратите на 078 484 384 или zdruzenie.preveduvaci@gmail.com и да го наведете јазикот.
Од Здружението „Нова политичка емиграција на македонските Бугари“, во Софија информираат дека со цел да обезбедат поддршка за сите засегнати, обезбедени се следниве телефонски броеви за контакт, кои ќе бидат активни од 21:00 часот, македонско време:
+359886007837
+359886007767
+359886007197
Почесниот конзул на Србија во Македонија, Владимир Стајиќ, на фејсбук објави дека ќе ги покрие трошоците за семејствата чии членови се хоспитализирани во Белград и Ниш, по несреќата што се случи во градот Кочани.
– Како почесен конзул на Република Србија во Република Северна Македонија, одлучив да ги покријам трошоците за престој на семејствата чии најблиски, повредени во несреќата во Кочани, се хоспитализирани во болниците во Ниш и Белград, во Република Србија. Посакувам брзо закрепнување и многу сила за сите кои поминуваат низ оваа голгота. Во овие тешки моменти, најважно е да покажеме солидарност. На сите на кои им е потребна помош, ја споделувам електронската пошта на Почесниот конзулат: office.rs@hc-ku.com
Во Белград, во овие тешки мигови за семејствата на повредените на располагање, кои се лекуваат таму, 24/7 можат да се обратат на Марија Видикова тел. Број 00381638773388 , Бобан Самарџиски 00381 63 344 244, и Милан +381 65 8222 888.

Помош понудија и од Холандија за 4 лица сместување, храна, превод и се што им е потребно на фамилиите на децата префрлени во специјализираната болница за изгореници, на само на два часа (источно) од Beverwijk, во Deventer. https://www.facebook.com/share/p/1EJinaRaQR/
За роднините и семејствата на децата кои се хоспитализирани во Солун, помош може да побараат од Викторија Бујисиќ, докторка контакт +306945307938 viber/whats up.
Информација за сместување во Софија и во Пловдив:


За сите од смејствата на повредените кои ќе бидат преместени во Загреб, Сара е таму спремна да помогне со сѐ што може, а нејзиниот број на WhatsApp е +389 75 454 907
Во болница во Будимпешта е однесено девојчето од Кочани , Лина Крстова. За неа се грижи Панда Стојановска Хорват која таму живее и работи. [Panda Stojanovska-Horváth]
ВИЕНА
Во Виена каде треба да се лекуваат двајца пациенти на располагање за помош е Маријана (+4369918207487).


Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вчера соопшти дека 51 лице од повредените во пожарот во Кочани се испратени на лекување во странство, преку кризниот штаб кој во изминатите 24 часа го координираше процесот. Дополнително уште дваесетина ќе бидат транспортирани во болници во Австрија, Словенија, Хрватска, Норвешка и во Унгарија.
– Во овој момент вкупно 51 македонски граѓанин е испратен на лекување во следните земји: девет пациенти во Турција, 14 во Бугарија, четворица во Грција, 17 во Србија, четворица во Литванија транспортирани со авион обезбеден од Романија, и за сега два пациенти во Унгарија, рече Муцунски.
Најави дека ќе бидат испратени и шест пациенти во Австрија, четири во Словенија, четири во Хрватска, и уште четири пациенти и во Норвешка и во Унгарија. За давање медицинска помош во земјата веќе се пристигнати медицински тим од Чешка, а во секој момент се очекува пристигнување на медицински тим од Израел и од Белград.
Во секоја земја каде се испратени пациентите, додаде Муцунски, во МНРНТ има определено контакт лице кое е достапно 24 часа за родителите и пациентите за каква било помош или поддршка, а контакт листата е јавно објавена на веб страницата на Министерството.
Во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 59 млади лица, а над 150 повредени се згрижени во земјава и странство.