Детали од истрагата за трагедијата во Кочани којашто ја водат деветмина обвинители, како и форензички тим на МВР, дополнително ќе испливуваат на површина. Но, од она што досега е познато пиротехничките средства коишто биле користени на концертотго предизвикале пожарот.
Дискотеката „Пулс“ се наоѓала во приземна куќа со само еден прозорец со решетки и мал влез, сместена на улица со густо наредени куќи. Видео од настанот коешто беше споделувано и на социјалните мрежи го покажува моментот на избивнување на огнот. Додека бендот свири на сцената, искрите од две запалени пиротехнички средства го зафаќаат дел од таванот, кој за секунда е зафатен од силен оган.Пожарот се проширил низ целата дискотека и се создал густ чад.
Шок, извици, изненаденот, обид да се побегне од огнот, стампедо и огромен пожар. Последиците се катастрофални и незапаметени во Македонија. Животот го загубија 59 млади луѓе, а над 160 се на лекување во Северна Македонија или во странство. Зошто пожарот во клубот во Кочани беше толку смртоносен?

Потребни биле неколку секунди, а не минути, за пожарот да предизвика огромна катастрофа. Оние коишто биле близу да вратата успеале навреме да се извлечат самите или со помош. Голем дел настрадале во стампедото, а дел од повредените се на лекување и поради изгореници или вдишан чад.
„Во секунда се случило сѐ – за седум минути може една цела спортска трибина да биде зафатена од пожар, а за ваков објект и една минута е многу. Секунди се во прашање“, вели нашиот соговорник.
Она што досега го утврди истрагата е дека објектот немал хидрантска мрежа, ниту имал хидрант во употребна функција. Немало доволен број противпожарни апарати според квадратурата на објектот, односно имало само два.
Внатрешноста на објектот била обложена со гипс-картон, но тој не бил со огноотпорни својства. Исто така увидот открива и дека немало таван и врати со противпожарна отпорност, ниту пак систем за кочење на вратите и систем за известување на присутните лица за настанат пожар со силен звучен сигнал.
Исто така, како што информираше јавниот обвинител Љупчо Коцевски во неделата (16.03), немало две излезни врати пропишани за евакуација на луѓе, туку имало една единечна импровизирана метална врата во задниот дел од објектот, но истата била заклучена со катанец и без квака од внатрешната страна и обложена со гипс-картон и сунѓер за звучна изолација.
Хаос и метеж
Видеото од внатрешноста на клубот покажува каков хаос се случувал во моментот кога избувнал пожарот. Млади луѓе трчаат ко излезот, но таму ги пречекува само една врата. Сведоштвото на една од преживеаните, 19-годишната Марија Тасева, открива како метеж настанал. Додека излегувала од дискотеката паднала на земја.
„Сите почнаа да трчаат надвор. Сите гледаа да се спасат. Излегувајќи надвор паднав на земја и другите газеа врз мене, едноставно бев на земја со образот“, изјави Тасева. Нејзината сестра не успеа да се спаси.
Медиумите пренесуваат сведоштва за оние коишто во последен миг успеале да се спасат, но и за оние коишто ги загубиле животите во обид да спасат што поголем број млади луѓе коишто присуствувале на концертот. Меѓу настраданите има и малолетици, од кои најмалиот има само 14 години.
Татко на малолетник којшто ја напуштил дискотеката штом забележал дека полицијата влегла да врши проверки, за медиумите од регионот раскажува што се случило.
„Син ми беше со другари. Тој бил близу вратата и кога видел дека полицијата влегла – тој излегол. Тоа беше околу 2.30“, вели Ивица и додава: „За 10 минути било хаос, стопено сѐ. Внатре било хорор, паѓал таванот. Имало еден излез, сите прозорци блокирани“.
Сликите коишто ги објавија и домашните и странските медиуми покажуваат дека на прозорците на објектот има решетки, коишто го блокирале излезот. Дополнителен проблем е што импровизираната дискотека била сместен во густо населена населба. Немало ни пристап за противпожарни возила од двете спротивни страни согласно Правилникот за заштита од пожари, експлозии и опасни материи.
Концертот не ни бил пријавен во МВР како настан и затоа не е обезбедуван. Тошковски вели дека полицијата нема обврска да врши обезбедување пред секој клуб, евентуално само по барање на организатор на концерти. Пиротехничките средства ги донел бендот. Лицето кое, според Тошковски, било задолжено за нивна употреба е починато.
Фалсификувани документи и дозволи
Објектот, којшто министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го нарече „штала“, бил непрописно обложен со материјали за звучна изолација како и за визуелни ефекти со лесно согорливи материјали. Во објектот противзаконски биле користени пиротехнички материјали на висина од три метри без соодветна дозвола и без фирма со овласување за палење на пиротехничките материјали.
„’Шталата’ функционирала така 15 години – со криминал, корупција, поткупување, со никакви услови. При очи слепи ли да се правиме. Утврдена е катастофа – ужас, тоа е утврдено“, изјави Тошковски на прес-конференција во вторникот (17.03).
Објектот во кој е случена несреќата согласно имотниот лист е регистриран како деловен објект за лесна индустрија со површина од 419 квадратни метри. Не е извршена пренамена на објектот од лесна индустрија во угостителски објект. И покрај тоа што за објектот нема пренамена, тој има дозвола за работа од Министерството за економија, како за угостителски објект издадена уште пред петнаесетина години.
Последните поверки покажале дека правното лице што ја работело дискотеката нема лиценца за работа. „Сопственикот на дискотеката ‘Пулс’ при контрола на надлежните органи на 13 март 2024 година приложил фалсификувана лиценца. Таа е издадена од Министерството за економија и во регистерот оваа дискотека нема важечка лиценца“, информираше Тошковски.
Во 2024 година се издадени вкупно 12 лиценци за кабареа во земјата. Според премиерот Христијан Мицкоски овој податок е алармантен. Според него, и од тие 12 можеби некои не се валидни, со оглед на тоа дека лиценца се вади за една година.
Истрагата е во тек. За трагедијата во Кочани досега се осомничени 23 лица.