дома Македонија МОФ: Студентското организирање да биде независен глас кој ќе биде верен само...

МОФ: Студентското организирање да биде независен глас кој ќе биде верен само на студентските идеали

МОФ: Студентското организирање да биде независен глас кој ќе биде верен само на студентските идеали

 

Колку вреди студентското достоинство? 

Студентското организирање во Македонија отсекогаш било синоним за достоинство, револуционерност и автентична борба за правда. Платото на УКИМ, најголемиот универзитет во земјава, со децении претставува свет простор на студентската мисла и отпор. Тоа е местото каде што генерации студенти храбро се спротивставуваа на неправдите, го креваа својот глас и храбро се бореа за своите права, често плаќајќи висока цена за своите идеали.

Денес, по повод трагедијата во Кочани, студентите повторно се собраа на ова плато да изразат болка, револт и солидарност. Но наместо да бидат чуени, нивните гласови беа замолчувани од оние кои треба да ги застапуваат. Студентите иссвиркуваа, одбивајќи да бидат пасивни слушатели на монолози, во моменти кога нивната болка е погласна од сè! Огромниот број на студенти кои се појавија на платото на УКИМ, не за еден поединец, туку за нивните пријатели, колеги и познаници. За тагата и гневот кои ги чувствуваат како млади луѓе кон системот, кон трулото секојдневие и кон сè што тоне.

Да си студентски лидер значи многу повеќе од формална функција или титула. Тоа значи да бидеш гласот на илјадници млади луѓе кои ти ја дале својата доверба. Тоа значи да ја браниш нивната слобода, достоинство и глас.

Ви се обраќаме на вас, на студентските претставници! Вие не сте таму заради популарноста, а ниту заради министрите, ниту заради ректорите или политичарите. Вашето место не е во нивна сенка, туку во првите редови на студентската борба! Никој од центрите на моќ – ниту ректоратот, ниту министерството, ниту политичарите – никогаш нема да го чуваат вашиот грб. А вие не сте таму заради нив. Вие сте таму само и единствено само, заради студентите. Тие се вашата сила, и вашата единствена вистинска поддршка!

Историјата нè учи дека секогаш кога студентските движења биле независни од политиката, постигале значајни победи. Од моменти кога била газена студентската автономија, до моменти кога студентите требале да покажат каде им е навистина местото. Токму затоа платото на УКИМ е свето место. Сведок и симбол на сите битки кои студентите ги воделе за подобро општество.

Денешниот собир не смееше и ниту еден нареден не смее да биде политизиран. Студентите не може и не смее да бидат предмет на калкулации или интереси.

Студентскиот збор вреди онолку колку што ќе го браниме со страст, достоинство и непоколебливост. Затоа денес јавно прашуваме: Колку вреди студентското достоинство?

Пред само еден месец одбележавме пет години откако го создадовме студентското организирање заедно со студентите. Движење кое произлезе од искрената желба за вистинско претставничко тело, што ќе ги застапува студентските интереси низ лавиринтите на факултетите, универзитетите и министерствата. Денес повеќе од кога било, е јасно дека ова тело мора повторно да биде она што беше замислено – независен глас кој ќе биде верен само на студентските идеали.

Здружение на граѓани Младински образовен форум 

ПредходнаВкупно 72 пациенти од пожарот во Кочани се лекуваат во странство благодарение на меѓународната поддршка
СледнаОпределен краткотраен притвор за 14 осомничени лица за пожарот во Кочани