Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) побара помош од Европската и Меѓународната конфедерација на синдикати, како и од братските и сестрински синдикати, поради, како што велат, организираниот упад во синдикатот од страна на власта, пред се од ВМРО ДПМНЕ.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов вели дека упадите се вршат во подрачните единици на органите на државната управа и јавните претпријатија, каде што раководителите на сектори и директори се обидуваат да оттргнат членови од ССМ и да зачленат во Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).
Целта е ССМ да изгуби репрезентативноста во Економско социјалниот совет за да не може да се бара повисока минимална плата. Дополнително, Трендафилов обвини дека се прават обиди незаконски да се врати на чело на ССМ Живко Митревски, кого го окарактеризира како полтрон на власта и на ВМРО ДПМНЕ.
„Ако сакаат такви лидери да вратат за да молат и за да коленичат пред политичките фигури и пред функционерите во државата се со една цел Владата да ги постави да бидат лидери на Сојузот на синдикатите на Македонија, ќе потсетам во зградата на Работничкиот дом, во Сојузот на синдикати на Македонија забрането е пушењето“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Трендафилов вели дека упадите во ССМ се со цел овој синдикат да не биде репрезентативен иако уште во декември ги имаат доставено списоците дека организираат минимум 10 отсто од вработените во државава. Но, репрезентативноста не може да се потврди бидејќи владата ги повлече трите члена во Комисијата за утврдување на репрезентативност. Лидерот на ССМ не верува дека на утрешната владина седница Владата ќе ги именува овие членови. Од ССМ најавија наредните седници на претседателството ќе ги држат на отворено, пред Владата и пред седиштата на работодавачите, со цел да извршат притисок за зголемување на минималната плата, но и платите во јавниот сектор за 12,6 насто.
„Големи се шансите на втори и на седми април доколку нема слух од спротивната страна да излеземе на протести како што тоа беше случај и минатата година и да покажеме дека ние работниците ја вражаме работничката класа на голема врата“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Трендафилов вели дека и покрај се, ја поддаваат раката за разговор со Власта, отфрлајќи дека ССМ се координира со опозициските партии. Тој потсети дека ВМРО ДПМНЕ и во минатото вршело упад во ССМ и дека тоа е одлика на режими, а последен упад во синдикати на европско тло е во Белорусија.