
– Одлагањето на стапувањето во сила на контрамерките на ЕУ на американските царини за две недели, е со цел да се одговори на соодветен начин што ќе го одразува интересот на бизнисот и потрошувачите во Унијата, изјави денеска главната портпаролка на Комисијата, Паула Пињо.
Во одговор на прашање што точно чека Европската комисија да се случи, кога и еврокомесарот за трговија Марош Шефчович „изјави дека САД не се ангажираат да разговараат со ЕУ“, Пињо објасни дека одговорот на Унијата на американските царини вклучува две листи на мерки, од кои едните требаше да стапат во сила на 1 април, а вторите кон средината на месецот.
– Идејата е да се одложи стапувањето во сила на првата листа и да се применува заедно со втората од средината на април, истакна Пињо.
Портпаролот на ЕК за економска безбедност, трговија, финансиски услуги и царини Олоф Гил, додаде дека Европската комисија само одлучила „да ги усогласи временските рамки“ на двете две групи контрамерки.
Според него, како што јави дописникот на МИА од Брисел, тоа се прави за да добијат дополнителни временски рокови за консултации со земјите членки, да се постигне баланс меѓу интересите на производителите, извозниците и потрошувачите во ЕУ и да се обезбеди дополнително време за разговори со Американската администрација.
– Нашата цел е да ги избегнеме штетните царини, за кои веруваме дека нанесуваат штети на двете страни на Атлантикот. Со овој рекалибриран пристап ја зајакнуваме нашата позиција во преговорите со САД и даваме повеќе време за тие преговори да се случат, рече Гил.
Тој додаде дека доколку овие преговори не доведат до максимално прифатливо решение, ЕУ ќе пристапи кон соодветен, робустен и добро насочен одговор на американските мерките, со цел минимизирање на потенцијалните негативни влијанија во Унијата.
Гил истакна дека ЕУ има подготвен одговор на сите можни исходи, дури и доколку САД воведат реципрочни царини на европските мерки, но дека тоа е сосема одвоено прашање од контрамерките што Еврокомисијата веќе ги најави за од април.
– Бараме САД да не ги прават тоа, бидејќи тоа е штетно и за двете страни, додаде Гил.