Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека истрагата за пожарот во дискотекта „Пулс“ во Кочани ќе се прошири доколку се обезбедат докази за инволвираност на други лица.
– Апсолутно ќе се шири оваа бројка доколку се обезбедат докази за оние кои имаат директна или индиректна инволвираност во кривично-правниот настан, рече Тошковски.
На прес-конференцијата во Министерството за внатрешни работи, министерот даде изјава во врска со неодамнешното апсење на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов. Според Тошковски, дејствијата преземени од Министерството за внатрешни работи (МВР) се целосно во рамки на законските овластувања и се професионални.
– Дејствијата што ги преземаме по насока на ЈО се професионални, очигледно е дека сето она што го имаме преземено во изминатиов период е целосно во рамки на законските овластувања кои ги имаме. Нема тука наши-ваши, тука има луѓе кои се одговорни и луѓе кои не се одговорни. Но, мора да почитуваме процес на правда и мора темелно и посветено да ја работиме истрагата како што доликува на една држава која што треба да одговори соодветно, изјави Тошковски.
На прашањето дали изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, дека Папазов поднел оставка од морални причини е во насока да се оправдаат блиски луѓе до нивната партија, Тошковски одговори дека дејствијата ги преземале согласно конкретните докази во моментот.
– Апсолутно не и тоа го докажуваме со дела. Согласно дејствијата што се преземени од наша страна, во конкретен момент, согласно конкретни докази, сме презеле конкретни чекори. Кога сме обезбедиле конкретни докази за конкретни лица на степен на основи на сомнение сме поднеле кривична пријава. Кога ќе дојдат до степен на основано сомнение, ќе има обвинение, рече тој.
Во моментот, како што посочи, се истражува и дали претходните две години имало контроли во дискотеката.
На денешната прес-конференција министерот потенцираше дека во овој момент најважно од сѐ е да се покаже одговорност преку дејствување.