дома Живот ОН: Глобалното затоплување и постепеното повлекување на мразот се закана за две...

ОН: Глобалното затоплување и постепеното повлекување на мразот се закана за две милијарди луѓе, во однос на водата и храната

ОН: Глобалното затоплување и постепеното повлекување на мразот се закана за две милијарди луѓе, во однос на водата и храната

  Глечерите што се топат ги загрозуваат резервите на храна и вода на две милијарди луѓе ширум светот, бидејќи сегашните, според многу стручњаци – невидени стапки на постепеното повлекување на мразот, може да имаат непредвидливи последици, предупредија Обединетите Нации.

Околу две третини од целокупното наводнувано земјоделство во светот веројатно ќе биде на некој начин погодено од повлекувањето на глечерите и намалувањето на снежните врнежи во планинските области, поттикнати од климатската криза, се вели во Извештајот на УНЕСКО за развојот на светските води за 2025 година. Тоа значи дека, од повеќе од милијарда луѓе кои живеат во планинските подрачја, особено оние во земјите во развој, околу половина се веќе несигурни околу храната. Ова веројатно ќе се влоши бидејќи производството на храна во таквите области зависи од планинските води, топењето на снегот и глечерите, се додава во Извештајот.

Научен труд објавен минатиот месец во стручното списание „Нејчр“ (Nature), покажа дека половина од севкупната глечерска маса во светот ќе биде изгубена до крајот на векот доколку не го запреме глобалното затоплување. Но, и развиените земји се изложени на ризик: Во САД, на пр., сливот на реката Колорадо е исушен од 2000 година. Повисоките температури значат и дека повеќе врнежи ќе паѓаат како дожд, којшто пак, истекува побрзо од планинскиот снег, влошувајќи ги условите за суша.

– Без разлика каде живееме, сите на некој начин зависиме од планините и глечерите. Но, овие природни кули за вода се соочуваат со непосредна опасност. Овој извештај ја покажува итната потреба од дејствување, истакна генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азулеј.

Стапката на промена на глечерите е најлоша досега, според одделно истражување на Светската метеоролошка организација, којашто оваа недела го објави својот годишен Извештај за состојбата на климата. Најголемата забележана загуба на глечерска маса се случила изминативе три години, а Норвешка, Шведска, Свалбард и тропските Анди се меѓу најтешко погодените области.

Источна Африка изгубила 80 отсто од своите глечери на некои места, а на Андите меѓу третина и половина од глечерите се стопиле од 1998 година досега. Глечерите на Алпите и Пиринеите се најтешко погодени во Европа, а се намалиле за околу 40 отсто во приближно истиот период.

– Глечерите што се повлекуваат имаа дополнително неповолно влијание, бидејќи губењето на мразот ја заменува рефлектирачката површина со темна почва што апсорбира топлина. Топењето на глечерите влијае на одразот на (Сончевата, з.п.) радијација и тоа ќе влијае на целиот климатски систем, додаде директорот за научни истражувања за водата во УНЕСКО, Абу Амани.

Тоа, се вели, исто така, ќе резултира и со повеќе одрони, бидејќи дождот што паѓа на снег е главниот фактор за оваа појава. Водата собрана од топењето на глечерите, пак, може да предизвика поплави во долините или кај луѓето кои живеат подалеку од падините.

Вечниот мраз исто така се топи, ослободувајќи метан од планинските почви.

„Планинските глечери содржат некои од најголемите резервоари на слатка вода на Земјата. Топената вода што се ослободува во лето обезбедува вода за милијарда луѓе и поддржува огромна количина индустрија и земјоделство. Влијанието (на ваквото топење) ќе се почувствува многу повеќе од оние брзи топења на глечерите“, пишува Алекс Бризборн, британски геофизичар и стручњак за глечери, во свој напис.

Овие влијанија се случуваат во време кога многу извори на храна се веќе под одредена закана. Алваро Ларио – претседател на Меѓународниот фонд за развој на земјоделството и претседавач со Телото на ОН за водата, повика на поголема поддршка за луѓето кои живеат во погодените планински подрачја. „Водата тече надолу, но несигурноста за храна расте нагорно“, вели тој, додавајќи дека планините обезбедуваат 60 отсто од питката свежа вода, но заедниците што ги чуваат овие витални ресурси се меѓу најзагрозените и во однос на храната.

ПредходнаЕК: Целта на одлагањето на контрамерките на американските царини е да се најде одговор во интерес на бизнисот и потрошувачите
СледнаU2 ќе станат почесни членови на Британската академија на текстописци