дома Свет ФОТО+ВИДЕО | Урнатини и затрупани луѓе – Пустош во Мјанмар и во...

ФОТО+ВИДЕО | Урнатини и затрупани луѓе – Пустош во Мјанмар и во Тајланд по земјотресот

Силен земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Мјанмар утрово. Земјотресот бил толку силен што се почувствувал и во Тајланд и во другите соседни земји. Земјотресот предизвика уривање на згради и во Мјанмар и во Бангкок, додека патиштата распукаа и се преполовија.

 

Видеата што кружат на социјалните мрежи го покажуваат обемот на уништувањето.

Распукан автопат во Мјанмар/Фото: EPA-EFE/NYEIN CHAN NAING
Евакуирани пациенти од болниците во Тајланд/Фото: EPA-EFE/RUNGROJ YONGRIT
Урната зграда во Банкгкок/Фото: EPA-EFE/NARONG SANGNAK

Полицијата објави дека се урна облакодер од 30 ката во изградба во Бангкок, при што најмалку 43 работници се заробени.

 

Видео од Мандалеј, вториот по големина град во Мјанмар:

 

За време на земјотресот се урна голем мост во Мјанмар.

 

Земјотресот бил со фокусна длабочина од 10 километри и се случил приближно во 14:20 часот (по локално време, 08:20 часот по грчко време) на оддалеченост од приближно 17 километри од градот Мандалеј со околу 1,2 милиони жители, според Геолошкиот институт на Соединетите Држави (USGS).

 

Следуваше последователен потрес со јачина од 6,7 степени по Рихтер, а властите го предупредуваат населението на другите земји.

Во меѓувреме, очевидци во Бангкок изјавија дека луѓето веднаш по земјотресот панично излегле на улиците.

 

„Слушнав звук додека спиев дома, истрчав колку што можев побрзо надвор од зградата во пижами“, рече Нуанхаи, жител на Чианг Маи, вториот по големина град во Тајланд и популарна туристичка дестинација позната по своите храмови.

 

Видео од метрото во Бангкок во моментот на земјотресот:

 

Тајландската премиерка Фатонгтаин Шинаватра објави дека свикала „итен состанок“.

 

Исто така, сеизмички потреси се почувствувани и во кинеската провинција Јунан, во југозападниот дел на земјата, соопшти кинеската сеизмолошка служба.

Земјотресите се релативно чести во Мјанмар, каде од 1930 до 1956 година се случија шест потреси со јачина поголема од 7 степени во близина на раседот Сагаинг кој поминува низ централниот дел на земјата од север кон југ.

Оштетен автопат во Мјанмар по земјотресот/Фото: EPA-EFE/NYEIN CHAN NAING

Во 2016 година, земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала го потресе античкиот главен град Баган, во централниот дел на Мјанмар, при што загинаа три лица и предизвикаа уривање на ѕидовите на храмовите во туристичката дестинација.

Во ноември 2012 година, земјотрес со јачина од 6,8 степени го погоди и центарот на Мјанмар, при што загинаа 26 лица, а стотици беа повредени.

Според експертите, некомплетната инфраструктура, несоодветните здравствени услуги – особено во руралните области – и хаотичниот развој на урбаните центри ги направија жителите на Мјанмар особено ранливи на природни катастрофи.

ПредходнаДржавата е заробена од партијата, бараме итна интервенција од Европската комисија
СледнаПутин бара Украина да биде ставена под привремена администрација на ОН