Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги иззема паметните телефони, компјутерите и другите електронски уреди од новиот пакет царини, вклучително и царината од 145 отсто на увозот од Кина
Одлуката доаѓа по бројните предупредувања од американските технолошки компании дека новите царински правила би можеле драстично да ги зголемат цените на уредите, со оглед на тоа што повеќето од нив се произведуваат во Кина. Изземени се и голем број други електронски компоненти, вклучително полупроводници, мемориски картички и соларни ќелии, со што администрацијата на Трамп се обидува да ја заштити домашната индустрија од негативни последици.
САД се главниот пазар за Ајфон, а според податоците на Counterpoint Research, Епл минатата година држеше над половина од американскиот пазар на паметни телефони. Околу 80 отсто од ајфоните наменети за САД се произведуваат во Кина, а останатите 20 проценти во Индија.
Поради зголемената царинска неизвесност, Епл и други производители, како Самсунг, веќе со години се обидуваат да ги диверзифицираат производните синџири, преместувајќи дел од капацитетите во Индија и Виетнам. По стапувањето во сила на новите царини, Епл, според американските медиуми, ја забрза испораката на уреди произведени во Индија за да го надомести потенцијалниот недостиг.
Трамп на почетокот на неделата најави високи царини за стоки од речиси сите земји, но во средата ненадејно ја промени одлуката. Тој објави дека за земјите што не возвратиле со царини на американската стока ќе важи пауза од 90 дена, во текот на која ќе се применува единствена царина од 10% наместо повисоки стапки. Кина е изземена од оваа мерка бидејќи одговори со контрамерки, воведувајќи царина од 84 отсто на американските производи. Како одговор на американските царини од 145 отсто, Кина дополнително ги зголеми своите царини на американската стока од 84% на 125%.
Белата куќа порачува дека станува збор за преговарачки механизам чија цел е постигнување подобри трговски услови за САД. Трамп тврди дека неговите царински политики ги поправаат неправдите во глобалниот трговски систем и помагаат за враќање на фабриките и работните места во САД.