дома Избрано Тенка е линијата меѓу спектакл и дебакл- ама си прошетаа министрите до...

Тенка е линијата меѓу спектакл и дебакл- ама си прошетаа министрите до Јапонија

Во услови кога Владата се ценка за покачувањето на платите во јавниот и државниот сектор и кога здравствениот систем е во финансиски колапс, патувањата како тоа во Јапонија е луксузирање на политичката елита.

Експо 2025 во Осака е поводот за патувањето на поголема делегација од македонската влада  во Јапонија
 
Владината екскурзија во Јапонија покажа дека кога ќе се изгуби чувството за мерка, станува тенка линијата меѓу спектакл и дебакл. Патувањето на одбрани владини претставници во земјата на изгрејсонцето во јавноста е сфатено како бесчувствителност и немање осет за водење политика во сиромашна земја.

Владата треба да објасни каква била целта на оваа политичка екскурзија и која е користа за државата. Особено треба да објасни каква била потребата некои од членовите на делегацијата да ги однесат во Јапонија и нивните брачни партнери, освен што е користење на позицијата во власта со половина трошок да се реализира брачна екскурзија на егзотична дестинација. Или каква била улогата на министерот за култура Зоран Љутков и неговата шефица на кабинет, генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, портпаролката Марија Митева, специјалниот советник во МНР Сашо Марковски, националниот координатор за туризам Акан Махмут, министерот за европски прашања Орхан Муртезани кој отишол заедно со сопругата.

За селфињата, пак, од Јапонија, не вреди ни да се коментира затоа што тие се показател на отсуство на елементарен вкус во јавната комуникација на една власт со своите граѓани и се доказ дека невкусот се искачил на самиот врв на политичката пирамида.

Во „одбраната“ што ја презентираше Владата пред јавноста боде очи и делот дека патувањето во Јапонија било испланирано од претходната влада. Но претходната влада испланира и други работи, како на пример исполнувањето на уставните измени за да продолжат преговорите за членство во ЕУ. Меѓутоа тоа Владата не само што не го реализира туку стана и главен столб на нејзините критики кон претходниците.

Подароците имаат цена

Крајно време е општеството да отвори дискусија и за таканаречените платени патувања и престои на највисоките македонски функционери од странски влади како што е последниот пример со Јапонија кога „бесплатен билет и хотел” добил министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со сопругата и шефот на кабинетот на премиерот кој исто така бил придружуван од сопругата која како што велат од Владата самата ги платила своите трошоци. Според медиумските јавувања засновани на одговорите што ги дала Владата, на сметка на владата на Јапонија требало да патуваат и престојуваат таму премиерот и двајца членови на неговиот тим, но бидејќи Мицкоски не отпатувал, бесплатниот престој го искористиле шефот на дипломатијата со неговата сопруга и шефот на премиерскиот кабинет.

Кога веќе има законски лимит за вредноста на подароците кои смеат да ги примаат претседателот, премиерот, министрите, пратениците и другите избрани лица, логично е тоа да се однесува и на платените престои од страна на странски влади и странски организации. Целта на законските ограничувања е да не се „купуваат” со подароци одлуките и политиките на носителите на власта и ако тоа важи дома, уште поважно е да се однесува и на странски влијанија на кои токму сегашната влада тврди дека е алергична. Во Македонија, функционерите од централната и од локалната власт имаат строги ограничувања за вредноста на подароците кои што смеат да ги примаат. За вршителите на највисоки извршни функции, лимитот за странски протоколарни подароци е 50 евра, а 20 евра за домашни подароци. А, на стручните и административните службеници им е дозволено да примаат само протоколарни и повремени подароци со мала вредност до 16 евра.

Освен тоа, какво е тоа државно достоинство или гордост која беше и ударен слоган на ВМРО-ДПМНЕ за време на изборната кампања, ако високи владини претставници прифаќаат подароци во вид на авионски билети и платен хотелски престој од странски влади, лица или организации. Замислете домашна туристичка агенција да му плати на премиерот и на клучните министри билет и хотел во странство, како тоа ќе беше дочекано од јавноста. И каква е впрочем разликата меѓу подарок од пари во плик и билет и хотелски ваучер, кога е јасно дека и двете отвораат пат за влијанија.

Колку подалеку толку поубаво

Владата успеа за 11 месеци да прошета дури на три егзотични дестинации Јапонија, Обединетите Арапски Емирати и туристичкиот бисер во Шпанија, Валенсија. Февруарската турнеја на шефот на дипломатијата Муцунски од 13 денови на САД и Австралија тука не ја сметаме, како и визитите на владиниот врв за да го освоиме периметарот на претседателот Доналд Трамп. Тука спаѓа и патувањето во Унгарија со изнајмен ербас за кој Владата плати 42 илјади евра само за летот за 60 луѓе за престојот во Будимпешта, не сметајќи ги тука дневниците кои задолжително се исплатуваат при патувања во странство.

Инаку добро е Владата да соопшти и од чија каса беше платен претстојот во Валенсија со оглед дека премиерот Христијан Мицкоски кој беше придружуван од тројца министри, Муцунски, Николоски и Андоновски, и заменик министерката Викторија Трајков, таму присуствуваа на партиски собир на Европската народна партија, и правилно а и законски е патувањето да се плати од партиската каса.

Во услови кога Владата се ценка со синдикатите за покачувањето на платите во јавниот и државниот сектор и во услови кога неопременоста на болниците и училиштата се од драматични размери, таквите трошења не може а да не се наречат луксузирање на политичката елита на сметка на граѓаните кои секојдневно го чувствуваат на свој грб финансискиот колапс на јавниот сектор. Заклучокот од тоа е дека скапите патувања без конкретна политичка цел се надвор од секаква солидарност со своите граѓани која една влада треба да ја покаже во кризни времиња.

Освен на етички и морален план, овие патувања се проблематични и на политички план бидејќи го отсликуваат бегството на Владата од реалните проблеми. Па така на мапата на реализирани надворешно-политички дестинации ретко може да се види  Брисел кој е седиште на Европската унија, каде Македонија треба да разговара за надминување на блокадата за членство./ДВ

ПредходнаИндија и Пакистан или насилства и конфликти кои траат 25 години
Следна”Ван Хол” пропадна, но работниците ќе добијат обесштетување