
Кавадарци одбележува 140 години од првата македонска винарска визба на семејството Велкови. Кустос историчарката Натка Китева, од Музеј галеријата во Кавадарци, вечерва информираше дека на денешен ден се навршуваат 140 години од формирањето на првата винарска визба “Тиквеш” на семејството Велкови од Кавадарци. Таа потсети дека лозарството и винарството во Тиквешијата имаат богато историско минато и долга традиција, тие претставувале основни стопански гранки со кои се занимавало населението од целиот тиквешки крај.
– Семејството Велкови уште во првата половина на XIX век било меѓу најголемите производители и трговци на грозје во Тиквешијата. Еден од најстарите трговци со грозје е Пане Велков. Со изградбата на железничката линија Белград – Скопје – Солун увиделе дека повеќе пари може да се заработат од производство и продажба на вино и ракија, одошто само со продажба на грозје. Во 1885 година ја формирале првата винарска визба во Кавадарци, винаријата ,,Тиквеш “. Објектот располагал со вкупна површина од 1.200 м2, а над него била изградена винарска меана, која работела во рамките на винарската визба, соопшти Китева.
Таа додаде дека во првите години винаријата работела со преработка на 50 до 80.000 килограми грозје, а со текот на времето нејзиниот капацитет се зголемувал и изнесувал од 250 до 300.000 килограми грозје.
– Винаријата ,,Тиквеш“ подем направила во почетокот на XX век кога со неа раководел Александар Велков, кој успеал да ја направи една од најпознатите визби во целиот тиквешки крај. Најстариот син на Александар, Пане завршил енологија во Бугарија, а најмалиот син Стефан учел на трговската академија во Битола. Александар ги запознал синовите со тајната на правење на вино и други алкохолни и безалкохолни пијалоци, сподели Китева.
Своите стекнати знаења од енологија Пане ги применил за производство на неколку видови на вино, мастика, вињак, коњак, неколку видови на ликер и гроздова шира. Стефан бил задолжен за продажба на нивните производи како во Македонија, така и во Србија.
– Во 1912 година Александар Велков склучил договор за соработка со позната фирма ,,Метакса “ за производство на алкохолни пијалоци од Солун. Тој од винаријата испраќал одредени количини вино, а увезувал метакса и узо. Во винаријата биле изработени поголем број на буриња со капацитет од 5 до 10.000 литри, што ги направиле мајстори од Рилскиот манастир, а биле донесени во форма на штици. Започнало осовремување на опремата, биле купени филтри, пумпи за преточување, виномери, широмери, преси за цедење на комињето, муљачи и два казани. Едниот казан со капацитет од 1,800 кг. бил наречен ,,султан”, информираше Китева.
Таа соопшти дека семејството Велкови за потребите на винаријата располагале со сопствени лозови насади со површина од 70 декари.
Винарската визба на семејството Велкови била една од поголемите работни организации која постојано вработувала дваесетина работника.
Велкови имале свои етикети, визит – карти и деловна книга.
Дел од предметите од оваа винарија се изложени во Музејот ,,Куќата на мирис и вкус” во Кавадарци – шишиња со вино со етикети од тоа време, преса, пумпа за прочистување на вино, муљач и друго, додаде Китева.