Едно лице загина, а две се повредени во руски напади на североистокот на Украина, во првите часови од 72-часовното примирје кое го прогласи рускиот претседател Владимир Путин, соопштија украинските власти.
Обвинителството на украинската област Суми соопшти дека руските сили фрлиле наведувани бомби врз станбени населби во близина на руско-украинската граница. Украинската војска информира дека најмалку една ракета го погодила регионот Суми рано утрово.
Москва еднострано прогласи примирје за време на одбележувањето на 80-годишнината од руската победа над нацистичка Германија во Втората светска војна, најголемиот секуларен празник во Русија, додека Киев бара долготраен прекин на огнот.
Руски напади со ракети и дронови, кои последниве недели беа речиси секојдневна појава во Украина, не се регистрирани од 20:30 часот синоќа, соопшти украинската војска. Сепак, руски напади со помал интензитет продолжиле во други делови на Украина, поблиску до фронтот, при што има цивилни жртви.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека руското прогласување на примирје е „манипулација“, особено во момент кога американските напори за постигнување мир не даваат резултати.
САД во март предложија 30-дневно примирје во војната, што Украина го прифати, но Кремљ остана на своите услови за прекин на огнот.
Руските власти соопштија дека ноќеска во регионите Белгород, Липецк, Оренбург, Рјазан и Тамбов биле издадени предупредувања за опасност од дронови, но не се пријавени соборени или пресретнати беспилотни летала. Руската управа за цивилно воздухопловство кратко воведе ограничувања за летови кон и од аеродромот во Нижни Новгород.