Последниот потег на Арбен Таравари за самостоен настап на локалните избори, надвор од коалицијата ВЛЕН, се’ уште ја бранува јавноста, ја комплицира политичката сцена, и истовремено создава концентрични кругови на политички предизвици (можеби е рано да ги наречеме криза), кои се движат од внатрешните состојби во коалицијата, нанадвор кон владата, парламентот, но и пошироко кон општеството. Вредно е да се анализира во која динамика, и со кои опции, овие бранувања можат да се пренесат на политичкиот дискурс, но и на вкупните состојби на политичката сцена, зашто ваквите бранувања можат потенцијално да донесат и посериозни предизвици во смисла на политичка, но и етничка стабилност.
Реперкусии од маневрот на Таравари
Најнапред малку за наративите на политичките партии во овој период, спротиставени низ, напати дијаметрално спротивставените, ставови на политичките партии во врска со последниот потег на Таравари. Тој самиот, има една комплицирана порака, која ќе биде предизвик да се одржи понатака, како што ехото од ова поместување се движи низ јавноста. Тој, ако цениме по неговите јавни настапи, ја напушта коалицијата, но сака да ги задржи добрите односи со власта, па дури и со неговите доскорешни коалициски партнери, обидувајќи се да остави простор за евентуални коалиции за локалните избори, имајќи предвид дека фрагментираноста на гласачкото тело ќе го направи изборот, особено на градоначалници, предизвик за кој најверојатно ќе бидат неопходни локални коалиции во вториот круг на изборите. Мислам дека ваквата порака ќе се покаже неодржлива на долг рок, и дека неговиот наратив е мора да се исчисти од оваа амбивалентност. За ВЛЕН, пораката е јасна – ова е нож во грб – и тие многу тешко ќе можат повторно да соработуваат со Таравари, па дури и парцијално на локалните избори, особено зашто напуштањето на коалицијата за нив е секако сериозен удар, кој значајно ќе го оштети вкупниот рејтинг на коалицијата. Најинтересни се тука за анализа сепак ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, зашто тие во моментов изгледаат како политички архинепријатели, и голем дел од потезите и пораките се всушност наменети да му се наштети на опонентот во оваа војна, па низ таа призма се поставуваат и кон последниот потег на Таравари. За ВМРО-ДПМНЕ, Таравари ќе мора да избере: или е против ДУИ или е со ДУИ, и од таа одлука очигледно ќе зависи поставеноста на власта кон него во иднина. ДУИ, пак, со ова добива инфузија на политичка енергија, обидувајќи се потегот на Таравари да го прикаже како негово откровение за влошените состојби на Албанците, и обид да се префрли на „вистинската страна“.

Тоа не носи до можните реперкусии на овој маневар за состојбите во владата. Очигледно е дека премиерот и владеачката партија, исклучително агресивно би реагирале на некој политички потег кој, на сметка на владината коалиција, би им помогнал на ДУИ. Тоа, според мене, е црвената линија која ВМРО-ДПМНЕ нема да може да ја помине, наратив кој не е голема тајна во јавноста и нивните јавни настапи. Во оваа смисла, сметам дека ќе биде голем предизвик за ВМРО-ДПМНЕ да го остави Таравари во владата, од неколку причини: (1) ќе се појави недоверба во нивната соработка, и премиерот никогаш нема да може биде сигурен дали Таравари и Ахмети имаат договор, особено што, за избор на градоначалник на Гостивар (и на неколку други градови), тие може да бидат природно упатени едни на други; (2) оставањето на Таравари во владата де факто ќе му даде статус на нов коалициски партнер, надвор од ВЛЕН, нешто што ќе го засили рејтингот на Таравари, а ќе го ослаби рејтингот на ВЛЕН (единствените партнери во коалицијата кои никогаш не би соработувале со ДУИ, што очигледно е врвниот политички критериум за Мицкоски во моментов), па така, тоа би му го искомплицирало животот премиерот во пресрет на локалните избори. Затоа, сметам дека таму состојбите се движат кон ескалација.
Долгорочно проблематична ситуација
Се поставува прашањето што тоа би значело во смисла на стабилноста на парламентарното мнозинство? Иако изгледа како голема промена, дури и евентуалното напуштање на владиното мнозинство од страна на пратениците на Таравари, и нивно приклучување кон „Европскиот фронт“, не создава инстант парламентарна криза. Точно е дека ваквата пермутација, ќе го наруши легитимитетот на албанската компонента во владиниот состав, и ќе ги поткрепи аргументите дека се игнорираат гласовите на Албанците, точно е и дека таквата состојба не е одржлива на долг рок во парламентот, и ќе создаде притисок за парламентарни избори. Но, со оглед на фактот дека владејачкото мнозинство има голем политички капитал, тие сепак не мораат да реагираат веднаш, и можат да си дозволат да почекаат со политички решенија. Имајќи предвид дека очигледно е дека изнудени парламентарни избори во ваква констелација на состојбите би го позиционирање ДУИ како фаворит во албанскиот кампус (ситуација која Мицковски не ја посакува во моментов), мислам дека одливот на пратеници, владината коалиција прво ќе се обиде да го санира со други алатки, пред да посегне по парламентарни избори. Мислам дека во ваква ситуација, соработката за локални избори помеѓу ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ ќе се засили, во обид да се реконституира некој политички резултат, како и дека власта евентуално може да посегне по нови коалициски партнери (на пример Села, кој тешко би издржал коалиција со Таравари). Оттаму, парламентарни избори изгледа дека се последна опција за власта во овој момент.
Оттаму, најверојатниот исход на сегашните концентрични кругови на политичка криза (коалиција, влада, парламент, избори), се дека Арбен Таравари ќе мора да оди во самостоен настап на локалните избори, зашто довербата со досегашните партнери е веќе нарушена, а преголем залак би бил да оди со ДУИ, зашто тоа може да ја распадне и таа коалиција. Мислам дека власта ќе се обиде да се консолидира против овој маневар, што значи дека можеби ДУИ ќе има најмногу гласови на советничките листи, но дека ВЛЕН може да има повеќе градоначалници, заради поддршката од ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг. Конечно, мислам дека за криза на мнозинство во Собранието, и консеквентно, за притисокот за предвремени парламентарни избори, има сеуште време – гамбитот на Таравари ќе создаде долгорочно проблематична ситуација – но власта сеуште има опции да го надополни кредибилитетот без парламентарни избори, преку добар резултат на локалните, или нови коалициски партнерства./DW