Легендарниот пејач Лу Кристи, кој стана позната музичка фигура во 1960-тите благодарение на неговиот препознатлив хит „Lightnin‘ Strikes“ од 1966 година, почина по кратко боледување во својот дом во Питсбург, потврди неговата сопруга Франческа.
Популарноста ја стекна со песната „The Gypsy Cried“, а продолжи со „Two Faces Have I“ и секако, планетарниот хит „Lightnin‘ Strikes“, кој го освои првото место на американските топ листи во 1966 година.
На Фејсбук страницата на Џони Рокенрол Радио (Johnny Rock and Roll Radio), тие се збогуваа со уметникот, велејќи:
„Со голема тага ја објавуваме смртта на Лу Кристи, незаборавниот глас зад некои од најзначајните софт-рок поп хитови од 1960-тите. Лу почина на 17 јуни 2025 година, на 82-годишна возраст.“
Тие, исто така, апелираа до обожавателите да го зачуваат неговото наследство:
„Да го одржиме споменот на Лу Кристи жив – да ги свириме неговите плочи, да ги споделиме неговите незаборавни фалсети и да го прославиме безвременскиот дух на уметникот кој навистина донесе молња во светот на музиката“, објави „Мирор“.
Најпознатиот хит на Кристи, Lightnin‘ Strikes, е познат не само по својата заразна мелодија и впечатлив фалсет, туку и по приказната. Објавена кон крајот на 1965 година од МГМ Рекордс, песната брзо го достигна врвот на американските топ листи во февруари 1966 година, токму на време за 23-тиот роденден на Кристи.
Карактеристичниот и софистициран звук на песната му се припишува на Чарлс Калело, кој ја аранжирал, продуцирал и диригирал но и на членовите на „Деликатес“, Бернадет Керол, Пади Сантиља и Дениз Фери, кои ги пееја придружните вокали.
Иако песната на прв поглед звучи како вообичаен бисер од своето време, зад веселиот ритам се крие потемна приказна – „Lightnin‘ Strikes“, всушност, е исповед на човек кој признава дека е измамник.