дома Свет Путин и Си Џинпинг во телефонски разговор ги осудија нападите на Израел...

Путин и Си Џинпинг во телефонски разговор ги осудија нападите на Израел врз Иран

Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг во телефонски разговор ги осудија нападите на Израел врз Иран и се согласија дека е потребна деескалација, соопшти Кремљ.

Двајцата „силно ги осудуваат дејствијата на Израел, кои ја кршат Повелбата на ОН и другите норми на меѓународното право“, изјави претседателскиот советник Јуриј Ушаков за новинарите.

„И Москва и Пекинг се целосно убедени дека нема воено решение за моменталната ситуација и прашањата поврзани со нуклеарната програма на Иран. Ова решение мора да се постигне исклучиво преку политички и дипломатски средства“, рече Ушаков.

Русија предупреди дека ќе настапи катастрофа ако конфликтот меѓу Израел и Иран, кој продолжува веќе седми ден, ескалира дополнително и ги повика САД да не се приклучуваат кон бомбардирањата кои ги извршува Израел.

Во последните денови, Путин телефонски разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и постојано повторуваше дека Русија е подготвена да посредува меѓу завојуваните страни. Досега никој не го прифатил предлогот на Русија, пренесуваат светските агенции.

Путин денеска го повтори предлогот во телефонскиот разговор со Си, кој е негов близок сојузник. Од своја страна, кинескиот лидер изрази поддршка за идејата, рече Ушаков, „бидејќи смета дека таа може да послужи за деескалација на моменталната тензична ситуација“.

ПредходнаКси во разговорот со Путин: Нападот на Израел врз Иран потврди дека светот влегува во нова нестапилност и радикални промени
СледнаФОТО | Портрет на браќата Галагер на аукција во Лондон, цената се проценува на два милиони фунти