дома Живот Здравје Ако одите на одмор со куче, бидете внимателни околу една сериозна паразитска...

Ако одите на одмор со куче, бидете внимателни околу една сериозна паразитска болест

Лајшманијазата е сериозна паразитска болест кај кучињата, присутна во медитеранскиот регион, каде што нејзиниот главен преносител, песочната мушичка, е активен. Поради тоа, сите сопственици што патуваат со своите миленици во Грција, Италија, Шпанија, Црна Гора, Хрватска и други медитерански земји, треба да бидат запознаени со ризикот што оваа болест го носи.

Иако инфекцијата не се пренесува директно од куче на куче, ниту од куче на човек, престојот во ендемски подрачја за време на летните месеци значително ја зголемува веројатноста за контакт со заразени мушички. Лајшманијазата е хронична болест со широк спектар на симптоми, тешко и долготрајно лекување, и потенцијално сериозни последици по здравјето и животот на кучето. Бидејќи болеста често останува незабележана во рана фаза, навремената заштита и информираноста на сопствениците се клучни за превенција, истакнува организацијата „ЛеишВет“.

„Невидлив“ предизвикувач и преносител

Лајшманијазата кај кучињата ја предизвикува протозоата Leishmania infantum, микроскопски паразит кој за својот развој и пренос зависи од песочната мушичка. Овие мали, речиси невидливи мушички се активни во топли вечерни часови, кога температурите паѓаат, а влажноста се зголемува. Нивното каснување не остава видливи траги, не чеша и најчесто останува незабележано, но во себе носи паразит кој може да предизвика сериозна системска инфекција кај кучето.

Преносот на паразитот се случува откако мушичката ќе се зарази преку крвта на веќе инфицирано животно. Паразитот се развива во телото на мушичката и потоа се пренесува на следниот домаќин при ново каснување. Иако и луѓето и други животни може да бидат домаќини, кучињата се најважен природен резервоар на инфекцијата, особено во урбани и полууствени области на Медитеранот.

Атипична клиничка слика

Она што ја прави болеста толку подмолна е нејзината клиничка разновидност. Во некои случаи, симптомите може да не се појават со месеци, па дури и години, додека организмот „молкум“ се бори со паразитот. Кога симптомите конечно ќе се појават, најчесто се неспецифични, а дијагнозата се поставува дури кога оштетувањата се веќе сериозни.

Првите знаци најчесто вклучуваат општа слабост, губење на тежина и кожни промени – особено на делови без влакна, како што се ушите, муцката и околу очите. Кожата станува сува, перутава, со красти и рани што тешко зараснуваат. Лимфните жлезди се зголемуваат, а капиларите во носната слузница стануваат кршливи, што предизвикува чести крварења од носот.

Паразитот со тек на време ги напаѓа различните органи и системи: зглобови и мускули, слезината и црниот дроб, а најсериозните компликации се поради хронична бубрежна инсуфициенција, која е и најчеста причина за смрт кај заболени кучиња.

Може да се појават и очни симптоми – воспаление на предниот сегмент на окото (увеитис), заматување на леќата, па дури и целосно слепило, што дополнително го влошува квалитетот на животот.

Дијагнозата бара искуство

Поставувањето дијагноза за лајшманијаза бара високо ниво на сомнеж и искуство од страна на ветеринарот. Потврдата на инфекцијата се врши со повеќе методи: серолошки тестови за откривање антитела, ПЦР тестови за откривање генетски материјал на паразитот во крв, лимфни јазли, кожа или коскена срцевина, како и микроскопски преглед на аспирати за визуелна потврда на паразитот.

Важно е да се направи разлика меѓу клиничка инфекција и субклиничко носителство, бидејќи пристапот кон терапијата и прогнозата се сосема различни.

Лекување – битка без гаранција

Откако паразитот еднаш ќе се вгнезди во телото, целосно отстранување не е можно. Целите на терапијата се сведуваат на намалување на бројот на паразити, ублажување на симптомите и спречување на оштетување на виталните органи. Најчесто користени лекови се милтефосин и комбинации од антимониум со алопуринол, при што алопуринолот се продолжува и по подобрување на состојбата. Терапијата е долготрајна, скапа и бара редовни контроли. Кај некои кучиња болеста останува стабилна со години, додека кај други се враќа веднаш по прекин на третманот. Кај оние со хронична бубрежна слабост потребна е дополнителна грижа – специјална исхрана и поддршка на бубрежната функција.

Превенцијата – единствена сигурна заштита

Поради сериозноста на болеста и ограничувањата на лекувањето, превенцијата е најважна. Употребата на репеленти базирани на синтетички пиретроиди, во форма на огрли, спот-он капки или спрееви, значително го намалува ризикот од каснување од песочни мушички.

Препорачливо е кучето да се задржува во затворен простор во вечерните и ноќните часови. Во подрачја со висок ризик се препорачува поставување заштитни мрежи на прозорците и користење вентилатори. Достапна е и вакцина која не спречува инфекција, но му помага на имунолошкиот систем на кучето да реагира подобро, со што се намалува ризикот од тешка форма на болеста. Исто така, постои и имуностимулативна терапија во форма на сируп која дополнително го зајакнува одговорот на организмот.

По враќање од патување, особено од ендемски области, се препорачува тестирање – дури и ако кучето нема симптоми, бидејќи раната дијагноза може значително да го смени текот на болеста.

ПредходнаПесков: Вклучувањето на САД во кризата на Блискиот Исток би претставувало дополнителна ескалација
СледнаПочина познатата водителка на временска прогноза: Со месеци ја криеле нејзината смрт од јавноста