дома Технологии Нова студија: Вештачката интелигенција нè прави помалку паметни

Нова студија: Вештачката интелигенција нè прави помалку паметни

Истражување спроведено од страна на научници од Институтот за технологија во Масачусетс открива дека луѓето кои се потпирале на Чат Џи-пи-ти за пишување есеи покажале значително пониска мозочна активност во споредба со оние кои пишувале самостојно, без помош од вештачка интелигенција, пишува „Телеграф“.

Учесниците што користеле ВИ имале послаби резултати на низа когнитивни тестови и покажале потешкотии кога подоцна требало самостојно да извршуваат задачи. Според студијата, „потпирањето на системи базирани на вештачка интелигенција може да доведе до пасивен пристап и намалување на критичкото размислување“.

Истражувачите изразиле загриженост за можните долгорочни последици од употребата на ВИ, како во образованието, така и на работното место, укажувајќи дека човечкиот мозок може да се „исклучи“ кога се користи оваа технологија.

Во студијата учествувале 54 лица поделени во три групи: една што користела Чат Џи-пи-ти, друга што користела интернет пребарувачи, и трета што се потпирала само на сопственото знаење. Сите учесници пишувале четири есеи, а нивната мозочна активност била следена преку електроенцефалограм.

Резултатите покажале дека групата што користела Чат Џи-пи-ти имала најниско ниво на мозочна активност, особено на „тета“ мозочните бранови, кои се клучни за учење и меморија. Освен тоа, 83 отсто од таа група не можеле да наведат ниту еден точен цитат од своите есеи, што укажува на слабо ангажирање со материјалот и слаб капацитет за задржување на информации.

Групата што користела пребарувачи покажала само минимално намалена мозочна активност во споредба со оние што работеле без технолошка поддршка, со слично ниво на паметење и критичко мислење. Тоа покажува дека не секоја дигитална алатка има ист ефект врз когнитивните процеси.

Наодите се надоврзуваат на претходни истражувања, вклучително и студија од Мајкрософт и Универзитетот Карнеги Мелон, која предупредуваше дека прекумерна употреба на ВИ може да доведе до „атрофија на когнитивните способности“.

Авторката на студијата, Наталија Космина, вели дека корисниците на четботи покажале слаби перформанси дури и кога подоцна требало да работат без помош. Ова, според истражувачите, е знак дека често користење на ВИ може да ја намали способноста за критичко размислување, брeјнсторминг и решавање проблеми.

Истражувањето посочува и дека есеи напишани со помош на Чат Џи-пи-ти биле значително послични меѓусебно – со повторување на теми, изрази и стил. Истражувачите предупредуваат дека четботите можат да предизвикаат т.н. „когнитивен долг“ кај учениците, што долгорочно може да доведе до намалена креативност и способност за критичко истражување.

Наставниците алармираат дека учениците сè почесто користат ВИ за изработка на задачи, а според една анкета на Институтот за високообразовна политика во Велика Британија – 88 отсто од студентите користат четботи за учење, а 18 отсто директно копирале текст генериран од вештачка интелигенција.

Иако алатките базирани на вештачка интелигенција можат да понудат помош и олеснување, оваа студија укажува дека нивната прекумерна употреба може да има негативно влијание врз учењето, паметењето и способноста за самостојно размислување.
ПредходнаВИДЕО | Фасцинантно! Создадена техника за реставрирање оштетени уметнички дела со вештачка интелигенција за само неколку часа
СледнаЕдинаесет наши државјани чекаат евакуација од Тел Авив, летовите ќе бидат обновени во зависност од безбедносната ситуација